05 Мај, 2024
0.0246

Фактор анализа: Сиромаштија царува, за Нова Година сите по дома!

Објавено во: Анализа 29 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Во Македонија секој трет граѓанин е сиромав. Се мисли само како да се “наполни” стомакот и да се истурка месецот. Квалитетот на храната одамна не е мерило, се бара поевтиниот производ. Барем за онаа одамна изгубената средна класа, која веќе се претопи со сиромашна-оценуваат од Македонската платформа против сиромаштија. Според нив, ситиот одамна не го разбира гладниот, се почесто се гледа дека се возат скапи автомобили, се оди на зимувања, летувања, се троши на скапа гардероба и техника, кои во најголем процент се купени на кредит, а само на неколку метри подалеку се зголемува бројот на питачи, социјални случаи кои го изгубиле работното место или работат за минимална плата која не ги покрива ниту основните потреби. Стравот велат, постои и и кај едните и кај другите. Кај првите да не го изгубат комодитетот, а кај другите да не го изгубат парчето леб. Во пресрет на новогодишните празници и туристичките агенции алармираат дека интересот да се потроши денар за празнични аранжмани се намалува. Ваквата слика за дочекот на Новата година не била полоша во последните дваесет години-тврдат туристичките работници. Па така многу туристички аранжмани ќе останат нереализирани, освен оние кои одамна го испланирале календарот на прошетки. Новата година и празниците за поголемиот дел од граѓаните, ја губи смислата, кога за сметка на два три дена треба да се истрошат месечните примања.
“Ако се земе фактот дека во Македонија секој трет води крпен живот тогаш сметам дека сме на првите места во листата според процентот на сиромаштија. Неофицијално на седмо место според одредени истражувања, но според Еуростат ние сме трета најсиромашна земја во Европа. Според статистичките податоци, релативната сиромаштија од 19 % од 1997 порасна на 30,4% во 2011 година, за жал немаме статистички податоци за 2012 година за да можеме да направиме споредба со последниот податок, но според работите на терен на Македонската платформа против сиромаштија, таа не се намалува туку се зголемува. Посебно сме соочени со фактот на новиот вид на сиромаштија, а тоа е вработени, а сиромашни. Овој проблем на сиромаштија почна да се рагледува и да се работи во ЕУ. Најранливата категорија на граѓани се примателите на социјална помош, поради нискиот износ на социјалната помош, невработените и секако младите кои веќе завршиле образование и се без работа останувајќи на маргините и спасот го гледат во другите земји”- вели Сашко Јованов од Македонска платформа против сиромаштија
Се зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните! Во однос на сиромаштијата во Македонија и не се превзема многу, велат од платформата против сиромаштија. Примателите на социјалната помош неможат да имаат достоинствен и квалитетен живот задоволувајќи ги основните човекови потреби, не се превземаат мерки и начини како да ги задржиме младите во Македонија. Според Светска банка од земјава се иселени 230.000 жители со регулиран статус во други земји и уште толку на црно, од кои 70.000 се млади лица.
“Јазот помеѓу сиромашните и богатите се зголемува се повеќе и повеќе а тоа го потврдуваат и следните факти: Највисоката бруто-плата порасна повеќе од четири пати во периодот од 2008 до 2011 година. Во 2008 година таа беше 20.305 евра месечно, а во 2011 година – 92.284 евра месечно. Највисоката нето-плата во 2011 година беше 245 пати повисока од просечната плата и 631 пат повисока од минималната плата во повеќето сектори. Највисокиот приход во 2011 година, пак, беше 425 пати повисок од просечната бруто-плата. Џини индексот (индекс за неадекватна распределба на богатството во една држава) 1998 година беше 28,1, а во 2009 43. Според анализата на Македонската платформа против сиромаштија, за одредување на индикаторите за воведување на минимален достоинствен приход на граѓани преку дрвото на сиромаштијата укажаа за длабоките причини за сиромаштијата, како тие ја чуствуваат сиромаштијата и кои се решенијата според нив се:
-Невработеноста -Ниската загарантирана минимална плата -Ниската сума на социјална помош -Немање на сервиси за поддршка на граѓаните -Немање на механизми и поддршка на младите лица од страна на Државата За да може да се реши овој проблем со сиромаштијата и социјалната исклученост треба конкретни мерки и развивање на сервиси и услуги за поддршка и помош на сиромашните.
„Јас би напомнал само една мерка на која што работи Македонската платформа против сиромаштија, а тоа е воведувањето на Минимален достоинствен приход, доколку државата размислува за ваква мерка или мерки кои предходно се споменати тогаш може да се каже дека превземаат нешто за да се намали процентот на сиромаштија и директно да се помогне на оваа категорија на граѓани да имаат пред се достоинствен живот и воедно активно да ги вклучи во општеството односно на пазарот на трудот каде што тие во иднина ќе придонесат за економски развој на државата”-вели Јованов.
Слаба новогодишна туристичка сезона! Дека беспарицата тропа на портите на македонските граѓани говори и слабиот интерес за празничните аранжмани. Новогодишната еуфорија изумира. Понудата е голема, но побарувачката слаба-велат туристичките работници. Годинава, оценуваат руши рекорди.
“Понудата е енормно голема од 100 до 2000 евра од Охрид, Виена до Јужна Америка, но одзивот е многу мал. Анализите покажуваат дека се мачиме околу продажбата на новогодишните аранжмани.Лош показател е што неможеме да ги наполниме автобусите, а има само неколку дена до крајот на годината. Минатата година беше тенка, ама пак годинава си ја бараме и си ја посакуваме минатата, но ако следната година ја посакаме минатата тогаш имаме навистина голем проблем” –вели еден од најискусните туристички работници Ангел Иванов.
Тој додава дека повеќе до дваесет години работи во туристичката дејност, но ова се едни од најлошите и најслабите реализирани проекти за домашните агенции. Годинава само околу 1500 граѓани ќе се потпрат на услугите кои ги нудат агенциите, што е рекордно најмал број на граѓани кои ќе ја дочекаат најлудата ноќ надвор од државава, по аранжман скроен од домашните туристички агенции. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад