26 Април, 2024
0.0258

Фактор Фондови

Објавено во: Колумни 26 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Ги има или ги нема на македонската берза? Добро прашање, со лош одговор: ги има само на 5-6 дивидендни акции, и тоа одвреме навреме, кога цената ќе им одговара. И тоа пред се домашните пензиски фондови, кои како да заборавиле дека профит се прави и од капитална добивка, а не само од дивиденди. Притоа, нивната аверзија за купување бездивидендни акции создава чанси за купување смешно евтини, а вредни акции. Дали на пример ќе паднеше Стопанска Банка Скопје на 124-125 денари(П/Е 2-3) ако фондовите беа малку подалековиди и веруваа бафетовкси дека ниско П/Е и П/Б се добра инвестиција, па макар и да нема дивиденда? Сега, кога се шират шпекулациите дека втората најјака банка во Македонија со редовен годишен профит од над 10 милиони евра е можен таргет за превземање од страна на Ерсте, цената е веќе 180 денари или пораснала над 40%. Ќе се замислат ли барем малку фонд менаџерите и нивните сопственици, како и регулаторот со наметнатите услови кои не ја следат реалноста, и наместо да им прават промет на странските брокерски куќи и берзи купувајки надуени акции, да свртат некој денар и кај домашните профитни компании, па макар и немало дивиденда? Вредноста е вредност, особено кога со години расте со распределување на профитот во капиталот и негово користење за правење нов профит(што би рекле сложено вкаматување без плаќање данок на добивка). Ова особено имајки предвид дека на идните пензионери ќе им затреба исплата дури за 25-30 години. Можат ли на пример да пресметаат пензиските фондови колкава ќе биде сметководствената вредност на Стопанска банка Скопје за 25 години? Цирка 1.600 до 1.800 денари, еве пресметав место нив. И мислат ли дека и тогаш ќе се тргува на 125 денари или 190 денари? Да не редиме и други примери од типот на Унибанка со 600% раст за пола година(се качи од 0,1 бук на 0,6 бук), Бетон Скопје со 40% раст и слични испуштени прилики за фрлање понекој сигурен зар од страна на фондовите(ако регулаторот им дозволи, нормално). Оттука за поздравување се новите законски можности за креирање и малку поризични пензиски портфолија, при што секако ќе треба умешност да не се купи Епл на 700 долари например(падна под 400) или акции во рудници за злато, кога златото е на врв и почнало да паѓа на пример. Кога веќе пишувам за пензиските, морам нешто да кажам и за нивната пасивност во однос на корпоративното управување во македонските компании. Кога некој што управува туѓи пари и држи 1-2-3-4-5 или повеќе % од некоја компанија и не е присутен со својата правно-економска експертиза во самата компанија, што да помислиме? Дека е одговорен управител? Или си газда или не си. Нема изговор. Ако си акционер и не се бориш за своите права, многу е голема веројатноста дека некој менаџерски тим или менаџер ќе си игра мајтап со тебе. Моето присуства на акционерските собранија ми покажало дека менаџери-мајтапчии има колку сакаш, а со тоа и изманипулирани акционери, тотално разочарани од одделни домашни компании и берзата во целина. Ако никој не вложи напор во оваа мала држава да се поправи односот кон малите акционери, никогаш нема да заживее ниту фондовската индустрија, ниту ИПО-привлекувањето на капитал, ниту ќе се врати довербата на народот во берзата и инвестирањето воопшто. Кога-тогаш луѓето ќе увидат дека и златото било балон, како и становите, и во што ќе вложуваат тогаш малите акционери? Само во депозити во банките и во лична потрошувачка - во странски коли, странски облеки, аранжмани во странство, странска храна и пијалоци итн. Каде е тука патриотизмот кон сопствената економија? Каде е тука КУПУВАЈТЕ ДОМАШНИ ПРОИЗВОДИ(особено ако се поевтини и подобри од странските)?. Каде е тука РАЗМИСЛУВАЈ ГЛОБАЛНО-ДЕЛУВАЈ ЛОКАЛНО? Па главните одлуки во Америка малите акционери ги носат поради афинитетот кон некој американски бренд и компанија-ако ми се удобни Најките, нормално би сакал да имам и акции во Најк, ако пазарам во Валмарт, исто, ако сум имал Ајпод или Ајфоне, секако дека во прва прилика ќе сум купел и акции од Епл. Таму берзата е инструмент за гласање за омилените компании и брендови. А кај нас ниту фондовите ниту малите акционери имаат кураж во ова зло време да направат некаков позначаен потег и шансите остануваат да бидат искористени само од малите играчи со најсилна верба, кои ја имаа историската можност да си испазарат вредности по смешно ниски цени, како што викавме на времето, за своите внуци(правејки им ,,ризични,, фондовски портфолија со ПЕ 2-3-4 и ПБ 0,1-0,2-0,3 по сопствен избор). Па бидејки среќата кога-тогаш ќе ги награди храбрите, кога ќе се случи некое превземање, одлука за дивиденда или откуп на сопствени акции, некогаш смешно евтините акции ќе ја покажат својата вистинска вредност и ќе добијат пореална цена, најчесто и побрзо од очекувањата. Методи Мајнов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД