04 Мај, 2024
0.0249

Форекс Совети за Почетници

Објавено во: Анализа 05 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Најголемиот број трејдери кои тргуваат на Форекс пазарот претежно имаат кратко искуство и се далеку од успешни. Слушнале дека тоа е интересен пазар, со најголема ликвидност, дека може релативно лесно да ги научат основите на тргувањето и со малку труд и пари, а со голем левериџ на сметката и со господ напред ќе можат за брзо време да излезат од финансиските проблеми и да си приуштат полагоден живот. Горенаведеното е вистина само до половина . Навистина валутите и валутните берзи се  крвотокот на сите пазари односно национални економии. Но, помислата дека валутниот Форекс пазар може преку-ноќ да се совлада и дека лесно може да се заработат многу пари се далеку од реалноста. Најголемиот број почетници кои влегуваат на овој пазар со мало предзнаење и со доза на коцкарски адреналин се качуваат на едно банџи-скокање во кое мислат дека се безбедно врзани, дека ги провериле сите копчи и каиши, без да увидат дека  јажињата со кои им се чини дека биле безбедно врзани се предолги и кратко време по отпочнувањето со тргувањето им следи метеорски и сигурен пад на глава односно губење на парите. Токму поради ова потребно е малку подетално навлегување и учење на основите на Форекс тргувањето. Потребно е да се посвети определено време за да се научи пазарот, стратегиите на тргување и основната терминологија. Ако некој сака да направи кариера од овој бизнис потребно е да учи темелно и да почне од почеток и постепено да го билда своето знаење, а не налудничаво да влегува во тргувањето како да е тоа кладилница очекувајќи дека со мали пари преку-ноќ ќе стекне огромна заработка. Потребно е прво да ја научите технологијата на тргувањето и исправниот менаџмент со парите, а потоа да очекувате дека ќе добиете пари од тоа. Многу почетници прават обратно, се фокусираат премногу на огромните пари што ќе ги заработат, а дури подоцна мислат на исправно, контролирано од ризици тргување вообичаено откако ќе изгубат голема сума на пари, почетнички влегувајќи во трлото наречено Форекс како овци на колење. Но нека не Ве плаши оваа потреба за  учење премногу бидејќи за сите почетници во тргувањето би напоменал : Не Ви е потребно да имате универзитетска диплома за да тргувате! Потребно е да имате определено би рекол за наши услови базично средно образование, но и подетални познавања и специјализација на тема Форекс пазар и тргување. Доколку сакате да поседувате официјална лиценца би Ви ги препорачал испитите кои ги организира светското здружение кое ги опфаќа финансиските пазари –ACI итоа пред се ACI Diploma и ACI Dеаling сертификатите. Но, овие Ви се потребни само доколку сакате да тргувате и да имате кариера во некоја трговска, брокерска куќа  или банка kade tie se preduslov. Се друго можете да научите од ментори, книги, ДВД-а, филмови,  а пред се преку  интернет каде во денешно време се Ви е брзо и лесно достапно . Доволен Ви е еден ултра-тенок лап-топ или таблет за да тргувате Токму така, едно вакво помагало ќе Ви помогне доколку се одлучите за ваква кариера да бидете мобилни , тргувате например и од некое кафуле, да го понесете со себе кога ќе одите на одмор, на скијање, на пауза за ручек за да може да тргувате или пак едноставно да можете да ги проследите најновите информации кои ви се достапни на речиси секоја локација во секое време. Сепак не мора постојано да го носите лаптопот со себе за  да континуирано да сте на пазарот. Честопати е попаметно да оставите диловите самите за вас да работат и да одморите од тргувањето. Затоа не е препорачливо пречесто користење ниту на паметните телефони бидејќи преку нив постојано ќе сакате да проверите што се случува со Вашите дилови, ќе следите разни контрадикторни анализи и информации од разни извори а сето тоа може многу емотивно да влијае врз Вашето рацинално размислување и да Ви ги замати иницијалните планови. Така честопати ќе ги менувате плановите и ќе затворите предвреме одредени позиции кои би Ви донеле повеќе профит доколку почекавте  и слично. Нормално дека секогаш пред тргување е добро да имате фундаментални сознанија и предвидувања за валутите и основните економски индикатори, но предетално навлегување во нив ќе доведе до тоа да од дрвјата не можете да ја видите  шумата . Е сега добро е да знаете дека кога во САД се објавува индикаторот non-farm payrolls или има битен состанок на Банката на Федералните Резерви попаметно е да отидете да изиграте една партија табла или шах со пензионерите во Жена-Парк отколку да отворате позиции на Форекс пазарот. Во двата случаи најчесто ќе загубите но барем пензионерите нема да Ве истрижат до коска и сепак ќе знаете дека сте загубиле од подобри и поискусни играчи, а не од интернационални инсајдери и шпекуланти. Тргувањето создава зависност Секој почетник треба во  старт да направи јасно диференцирање меѓу она што претставува вистинско Тргување од она однесување кое претставува во суштина Коцкање. Доколку влезете на пазарот со едноставна желба дека за кратко време ќе направите брдо на пари  тогаш Вие не сте трејдер туку во основа сте коцкар. Тргувањето може да стане зависничка активност. И додека зависноста од алкохолот и дрогите се зависност од субстанци, тргувањето е зависност од активност. Нешто слично како зависниците од игри на среќа, шах, покер и слично. Доколку дозволите тргувањето да Ви стане зависност тоа може да Ви ги уништи Вашиот ум, душа и тело и целокупниот живот. Тргувањето вклучува константно напрегање на мозокот и вољата.  Тоа бара постојана анализа, решавање на проблеми и представува вештина која бара континуирано оценување на перформансите изразена преку салдото на вашите тешко-заработени пари на сметката. Зависноста од тргувањето навлегува полека и неприметно и може да го нападне секого и во било која фаза од трејдерската кариера. Стимулацијата која го дава зависноста од отворањето на позиции и тргувањето е таква што една личност продолжува континуирано да ја извршува таквата активност дури и кога е свесен дека таа го истоштува, како телесно така и финансиски. Токму поради ова трпението и самодисциплината се основни предуслови за да еден трејдер биде успешен. Во тргувањето не можете да го контролирате пазарот кој го сочинуваат професионалци кои зад себе представуваат големи банки, интернационални хеџ фондови, брокерски куќи а исто така и големи софистицирани автоматизирани софтвери за тргување. Но, она што може да го контролирате се Вашиот ум и вашите постапки. Колку подобро се контролирате, толку подобри резултати ќе имате во тргувањето. Тргувањето представува битка. Но не како што многумина мислат против светски трејдери и шпекуланти туку битка помеѓу Вас против Вашите лични емотивни пориви и импулси. Во основа кај тргувањето на платформите војувате против себе. Контрола е неопходна за да се отвораат позиции со чист ум, ослободени од некои потреби за брз успех, од пресложени анализи и вести при што  треба да се биде постојано свесен за реалноста.  Како прво треба да влезете на пазарот свесни дека со 1000 евра на сметката например нема да можете да заработите многу за кратко време и да станете финансиски слободни и независни.  Вистинските трејдери не се грижат премногу дали изгубиле или добиле во поединечна трансакција бидејќи се свесни дека не може да направт ќар во сите дилови. Свесни се дека честопати и ќе се губат пари, но тоа е како во орото правиш 3 чекори напред а потоа се враќаш еден чекор наназад. Свесни се дека тргувањето е резултат на трејдерскиот осет, но исто така и на исправен риск менаџмент со парите. Тие не се оптоваруваат себеси дека мора да заработат толку и толку пари за кратко време бидејќи кога влегувате на пазарите со нереални очекувања си наштелувате себеси со негативната енергија што не е добра емоција за почеток на тргувањето. Дарко Стојкоски

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад