18 Мај, 2024
0.0305

Геометриева: Креативното патешествие на киборгот од Скопје до светска кариера

Објавено во: Македонија 05 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Македонската продукт дизајнерка позната како Geometrieva е на патот кон светска кариера и постојани сајберпанк авантури. Графичкиот и продукт дизајн овозможија неколку креативци како Геометрива да ги истражат тајните на метаверзумот. Од Скопје до Њујорк преку Сингапур и Токио, искуството на Геометриева покажува дека креативноста не познава граници.

Но, нејзиниот пат не бил секогаш лесен, особено што на неколку наврати соништата биле срушени од одбиени визи. Сепак, тоа не ја спречило. Денес работи во Instagram, и го освојува вниманието во непреносливи токени (НФТ креации) и необични „киборг“ перспективи.

Дигиталниот дизајн експлодираше во изминатите години, овозможувајќи многу млади да влезат во професијата и да работат за клиенти од било која точка на планетата. Како ти навлезе во професијата?

Геометриева: Првично во графичкиот дизајн навлегов за да правам постери за мојот бенд. Толку се фасцинирав од можностите со дизајн, што ги прекинав студиите на Електро за да имам повеќе време со Фотошоп. Без никаков план, буквално напуштив факултет за дома да цртам на компјутер. Очигледно, не беше баш најпаметната одлука.

Но, за некое чудо еден стартап од Скопје ми понуди работа. За ефтини пари беше, но јас бев пресреќна дека ќе можам да се наречам дизајнер.

Твојата траекторија е прилично импресивна. Што е потребно за успех во светски компании како Google и Instagram, како е да се работи во Сингапур, Јапонија и САД?

Геометриева: Мојата траекторија е еден голем хаос од постојано-менувачки амбиции, неостварени планови, и неочекувани можности. Секогаш имам некаква цел пред мене, учам од неуспесите и се обидувам да ги искористам ненадејните можности.

Првиот голем неуспех ми се случи на самиот почеток на кариерата, кога добив позиција во Soundcloud, но поради недостаток на дизајн диплома, визата ми беше одбиена. Со спакувани куфери, авионски билет во рака, и резервиран стан во Берлин, одбивањето на визата ме скрши.

Истата приказна ми се случи уште два пати, еднаш со Microsoft и уште еднаш со Google, и поради тоа денес сум експерт за визи, особено Американската О1 виза.

Неуспесите настрана, добивање на работа во голема tech компанија е доста интересен и комплициран процес.

Да се влезе во Google е седум пати потешко отколку во Харвард, па често вработените имаат историја на интервјуирање неколку пати пред конечно да се прифатени.

Instagram има уште построги стандарди за интервјуирање дизајнери, бидејќи е доста дизајн-ориентирана компанија.

Дизајнерите што успеваат да влезат во овие компании имаат невообичаен склоп на вештини, кои често звучат спротивни. На пример:

• Зумирање во пиксели и фокус на перфекција, но и способност за одзумирање и планирање на неколкугодишна стратешка визија.

• Одлична смисла за естетика и креативни идеи, но и аналитичко размислување и интегрирање на метрики и бројки.

• Истренирана интуиција, принципи и хеирустики, но и слушање на корисниците и разбирање на нивното однесување.

Најдобрите дизајнери што ги познавам исто така имаат и карактеристики на извршни директори како Илон Маск или Марк Цукерберг. На пример способноста да поврзат информации од светски трендови, економијата, корисниците и продукт еко-системот за самостојно да дефинираат нови области за развивање на продуктот.

Овие дизајнери се многу влијателни во компанијата но и во светот.

Неколку интересни трендови кои привлекуваат внимание се метаверзумот и виртуелната реалност?

Геометриева: Wow, прв пат го гледам македонскиот превод на “metaverse” :) Мислам дека метаверзумот ќе биде нов начин на искусување на дигиталниот свет. Особено во комбинација со виртуелна реалност.

Замисли, се будиш наутро, се спремаш за работа и го ставаш VR headset-от. Таму, имаш свој карактер како во игра, што изгледа баш како што сакаш да изгледа, и ги мимикува твоите реакции и движење на тело. Се телепортираш на работа и можеш да ги видиш сите колеги, кога се ракуваш со некој можеш да ја осетиш раката и топлината, и се осеќаш баш како да си таму.

Во текот на денот, не користиш никаков компјутер туку ти си внатре во компјутерот и со гестикулации на раце, тело, фаца и зборни команди, па дури и емоции и мисли, ја завршуваш работата на многу поефикасен начин отколку со маус и монитор. Имаш повеќе време за размислување, идеи и креативност и не се замараш со учење на софтвер, или било какви лимити на алатките.

Следејќи го развојот на VR технологијата, мислам дека барем дел од ова не е толку далеку колку што звучи.

Каква ќе биде улогата на дизајнерите и уметниците со НФТ трендот, можност за екстра заработка или нова дигитална треска која брзо ќе се заборави?

Геометриева: За НФТ, имам една аналогија. Ако сакам дома да имам слика од Пикасо, имам 2 избори — или да купам оригинал или да испринтам копија. Копијата ќе чини многу поефтино но и јас и сите други ќе знаеме дека „Пикасото“ дома ми е фејк.

Интернетот ни овозможи бескрајнa репродукција на совршени дигитални копии, без начин да се знае која е оригинал, која е копија. НФТ токените овозможуваат начин на верификација што го решава овој проблем. Сега за прв пат можеме да знаеме дали одредена дигитална слика е оригинал или копија.

Поради ова цените на дигитална уметност рипнаа ненормално, бидејќи конечно може да поседуваш дигитална уметност исто како што би поседувал и физичка. Да, можеш да „сејвнеш“ НФТ слика на десктоп но, тоа е исто како да испринташ слика од Пикасо на А4 формат и да мислиш дека си паметен и си го измамил светот.

Мислам дека во одреден момент, сите нови слики ќе се „коваат” на НФТ протоколот од моментот кога се креирани, и ќе имаме сеопфатна историја на дигитални креации засекогаш запишани во блокчеин. Ова ќе овозможи да следиме како се шират мемиња во вистинско време, распространета монетизација на уметност и можност за артисти со никаков пристап до галерии да успеат да го сменат светот.

Cyberpunk жанрот како естетика на научната-фантастика е очигледно дел од твојата естетика, особено со серијалот на Instagram за Cyborg Geometrieva. Зошто токму овој жанр те привлекува, колку може да се изразиш преку него и колку те инспирира?

Геометриева: Инстаграм проектот е во соработка со маж ми Дамјан. Заедно ги планираме концептите и локациите, и дискутираме околу пост-обработката. И двајцата обожаваме темна футуристичка естетика и технологија, и ги комбинираме овие влијанија во фотографијата.

Во последниве осум години живеевме во најсајберпанк градовите на планетата, па сакавме да ги овековечиме филмските моменти што ги сретнуваме во секојдневието и да ги аугментираме со мала доза на имагинација.

Но, овој проект започна на многу бизарен начин. Додека живеев во Сингапур, еден ден отидов на скенирање во болница (не беше ништо сериозно) и ми дадоа една од тие болничките наметки да носам. Наметката беше идентична боја со мојот војнички појас и торба, па ја постирав коинциденцијата на форум за улична мода.

Од Reddit до локалните медиуми во Сингапур, сите пишуваа за тоа селфи, и болницата ме исконтактира и ми испрати уште наметки. Ги стилизирав наметките, ги постирав на Инстаграм и оттогаш почнаа луѓе да ме следат.

Со текот на времето, стилот на акаунтот продолжува да се менува и еволуира, од мода до амбиенти и приказни.

Х. С.

Можеби ќе ве интересира

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Таравари најави дека до петок ќе има конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ за формирање Влада

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Таравари најави дека до петок ќе има конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ за формирање Влада