05 Мај, 2024
0.0356

Go Green дел од Самитот за климатски промени на ОН во Париз

Објавено во: Стил 06 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Go Green, здружението за заштита на животната средина, беше единствениот претставник од балканските земји на младинската конференција за климатски промени (COY11) во Париз, а со свои претставници е присутно и на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации (COP21) исто во Париз.

Младинската конференција, каде присуствуваа околу 5000 млади од 118 земји, претставува платформа на младите за подобро разбирање на процесот на преговори за климатските промени. На Самитот за климатски промени на Обединетите Нации (COP21), кој е во тек, претставниците на Go Green преговараат  со своите барања за правно обврзувачки договор.

Генералниот младински секретар на ОН, Г-дин Ахмадад Алвендави (Ahmadad Alwendawi) ја отвори младинската конференција нагласувајќи ја улогата на младите: „Гласот на младите луѓе ќе биде слушнат. Јас ве повикувам да продолжите да се борите бидејќи е време да ве слушнат властите. Ние сме генерацијата која ќе ја заврши таа работа“. Конференцијата продолжи со „Декларацијата за човечките права“ каде беа презентирани принципите, правата и обврските кон човештвото. Основните принципи на декларацијата се интергенерациска одговорност, еднаквост и солидарност и таа ги потенцира правата за универзален и лесно достапен пристап до основните ресурси за живот.

Инаку, Go Green се залага за енергетски систем со 100% обновлива енергија, заштедата на ресурси и енергетската ефикасност да е во суштина на документот, вклучување на младите и прилагодување на образовниот систем, децентрализација на енергетскиот систем како и човечките права и солидарноста да бидат јадрото на меѓународната соработка. На веб страната на Go Green и преку социјалните мрежи (#GG4CLIMATE) можете повеќе да се информирате за преговорите кои се одвиваат во склоп на UN самитот за климатски промени (COP21).