Груевски: СДСМ е цврсто влезена во намера да ја редефинира Македонија
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2017
СДСМ и ДУИ сакаат да направат дефакторизација на македонскиот народ. Она што сега се случува покажува дека СДСМ е цврсто влезена во намера да ја редефинира Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за преговорите за формирање нова влада.
Додава дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе стојат цврсто во било која ситуација на браникот и одбраната на државата и националните интереси,
„Таа дефакторизација нема да ја дозволиме. Она што исто така го гледаме е дека СДСМ се обидува на некој начин да се натпреварува самата со себе колку повеќе ќе им даде на албанските партии, и се поставува прашањето до кога така. До кога со тоа давање, дали до моментот до кога нема да остане ништо во државата за давање и ќе се загуби сето она што е стекнато со многу труд, со многу крв и многу напор“ - изјави Груевски.
Вели дека она што сега се случува партијата го предвидела во текот на изборите и упатила предупредување.
Груевски вели дека тоа што сега од СДСМ тврдат дека Уставот нема да се менува е само заради фактот што, како што рече, знаат дека тој без ВМРО-ДПМНЕ не може да се менува.