Халили: Нашата кривица е во тоа што ние не сме седнале со водачите на бугарските клубови
Објавено во: Македонија 02 Февруари, 2023
Бугарија може дома да прави што сака, а битката треба да ја бие пред ЕУ. Не е првпат Бугарија да донесе декларација со осуда за Македонија, вели во интервју за „Макфакс“, Мухамед Халили, претседател на Советот на амбасадорите, откако денеска бугарскиот парламент го осуди насилството врз македонските Бугари во Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во Македонија.
„Ние не треба да мислиме дека сите паметни луѓе треба да ги најдеме во Бугарија. Ова е нивна класична грешка и класична недозволива метода на третирање на овој проблем. Нашата кривица е во тоа што ние не сме седнале со водачите на тие клубови и како наши државјани, граѓани, да ги третираме нивните проблеми. Проблемот на нивната интеграција во македонското општество треба да биде преку взаемен дијалог“, објаснува Халили, запрашан како гледа на случајот со претепаниот секретар на бугарскиот клуб Христијан Пандиков.
Според него, треба да се разговара со Бугарите кои имаат македонско државјанство и да се слушнат маките.
Има онлајн петиција на Македонците кои шират омраза за Бугарија да им се одземат бугарските пасоши.