19 Март, 2024
0.0632

Хипокризија на толеранцијата

Објавено во: Колумни 18 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Луцидно, иритирачки, метафорично, интригантно, можеби по малку и шокантно делува насловот на оваа колумна, но после читањето и те како ќе потврди самата насловна теза, излoжена на трибина по повод 16 декември-Меѓународен ден на толеранцијата.

Во духот на Волтер е и моето поимање на толеранцијата, колку и да не се согласувам со тезите и ставовите на мојот соговорник, сепак до крај ќе се борам за правото тој своите ставови да може слободно да ги искаже. Токму толеранцијата не подразбира само трпеливост, донекаде и понизност, посебно кога станува за пасивистичкиот елемент на толеранцијата, напротив, таа во себе и вклучува активна компонента, а тоа е дијалогот, разбирањето, размената, комуникацијата. Поентата на толеранцијата е способноста да се прифатат идеите и мислењата различни од сопствените, да се има посебен однос кон етнички, културно, религиски, политички, сексуално другиот,  и токму таквото поимање ни дава за право да потенцираме дека толеранцијата е предизвик за развој на демократијата во секоја земја.

 Вечното прашање кое е на пиедестал на врвни социолошки теми и дилеми, се однесува на барањето одговор-Дали навистина толеранцијата само декларативно ја прифаќаме и со леснотија ја изговараме и (зло)употребуваме во соодветна функција, а во практиката мошне малку ја имплементираме? Моето стојалиште оди во прилог на афирмативен одговор на ова прашање, и поаѓајќи од Диркемовиот пристап, дека за мене фактите се закон, ќе ги изнесам следниве аргументи.

 Хипокризија на толеранцијата од страна на политичката елита. Од една страна се потпишуваат декларации за фер и коректен однос за време на политичка кампања, однос кој ќе се базира на чесност и вистинитост во пласирање на политилки тези, но тоа е само декларативно, бидејќи веднаш после тоа имаме канонада на навреди и омаловажувања на политичкиот противник, лепење на етикети кои не соодветствуваат со доброто, правилното и посакуваното, кое лежи во сржта на толеранцијата. Не ли е класична хипокризија кога политичарот, од една страна, јавно се залага за толеранција и прифаќање на политички другиот, а од друга страна, да повикува на линч и насилство на својот политички противник. 27 април се уште ни е длабоко врежан во колективната меморија и оттаму јасна е сликата за политичка хипокризија на толеранцијата.

  Исто така не ни се избледени и сеќавањата од минато годишните избори и сите оние повици за реваншизам кон политичкиот опонент, сите тие повици со кои се потхрануваше гневот на граѓанинот, кој во услови на адреналински шок и емотивен набој, мошне лесно може да потпадне под психологија на толпата и да практицира насилство кон негов неистомисленик. Замислете само колку хипокризија на толеранцијата има кај личности кои се носители на јавни функции, личности кои организирале велелепни конференции меѓународни за толеранција и дијалог, а потоа истите тие, на себе својствен начин, повикуваат на ноќ на ножеви, или индиректно на линч на политички другиот.

  Религиската елита треба да биде пример за прокламирање и ширење на толеранцијата, но и тука имаме дискрепанца помеѓу декларативното и практичното. Без оглед што во сите Свети книги стои дека сите луѓе се еднакви, толеранцијата кон маргинализираните групи, хомосексуалните парови, трансродовите лица е минорна и токму затоа не можеме да кажеме дека и тие ја вткале во потполност толеранцијата во својот вредносен дискурс.

  Толеранцијата лежи во сржта на интеркултурниот дијалог и ќе може да говориме за толеранција во вистинска смисла на зборот само тогаш кога ќе научиме вистински да го прифатиме етнички, културно, политички, религиски и сексуално другиот и кога ќе научиме да живееме не едни покрај други, туку едни со други.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?