19 Март, 2024
0.0243

HISTORIA EST MAGISTRA VITAE

Објавено во: Колумни 26 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Historia est magistra vitae е веројатно една од првите реченици при учењето на латинскиот јазик и значи дека историјата е учителка на животот. Меѓутоа на Балканот историјата, покрај својата едукативна функција за животот (и развојот на цивилизацијата), наместо учителка често станува поле за надмудрување, за расправи дури и со непријателски тонови, за долгорочни несогласувања и присвојувања на минатите случувања, за манипулации и дезориентации, за звецкања со оружје, за воени виори, за кавги помеѓу соседите и слично. На Балканот нема тнр. време на политизации, политизацијата е континуитет, таа е судбина и одлика на целото време. Најлошото е кога се политизираат фактите, кога политиката, а не фактите станува проценител, толкувач и судија на историјата, кога историјата станува инструмент на потребите на политиката, наместо да биде непристрасен набљудувач и толувач на историските настани. Тоа е можност и за објективно посматрање и оценување на историскиот редослед. Симбиозата меѓу политиката и историјата понекогаш ја менува латинската мудрост во Politika est magistra vitae.

На овие простори историјата, со голема заслуга и припомош од политиката, се уште е под бремето на нејзиното класично, малку осовременето, доживување и значење. Сеништата на минатото во односите меѓу балканските народи и нивните државни творби, се уште, но со променлив интензитет, имаат доминантна улога при перцепирањето и оценувањето на современите настани на Балканот, па и пошироко. Историската меморија е во голема мера затворена во рамките на класичниот, романтичарски приод кон прашањето за меѓусоседските односи во регионот, дури и во оние земји кои се полноправни членки на ЕУ. Животот на балканската ветрометина се уште содржи остатоци од две состојби кои за остатокот од светот имаат карикатурални содржини. Тоа се: балканизацијата како состојба на географскиот простор поделен на затворени целини/држави кои се непријателски поставени една кон друга и имаат притаени територијални и етнички претензии и балканизмот како состојба на духот, со напластени се уште неотсонувани аспирации за „Голема...“, сите меѓу себе си (и би си) одземале територии, биле пречка за проширување и доминација на другите и слично. Овде има голема доза на иреална и некаква митско-мистична претстава за сопствените големини на балканските народи и за нивната објективна улога и значење во светски рамки. Се создава претстава дека целиот свет е преокупиран со „историската неправда“ кон Балканот со „најголемите и најзначајните народи“, каде се случиле нерамномерни поделби на нивните државни творби несоодветни на етничките распореди (на пример, во стилот „Европа, ороспија Вавилонска“, и слично). На Балканот ништо ново – труењето со национализам и со мегаломански аспирации на балканските народи создава тип на политика со кој во овој дел од светот и натаму продолжува да се одлага духот на цивилизацијата на третиот милениум.

Во арсеналот на категориите со кои класичната немодернизирана академска мисла се обидува да ја оправдува Балканската нелогичност спаѓа и нејасната сентенца за „заедничка историја“. Таа нема наративно-логична моќ да го објасни современиот стил на градење на современите меѓународни и добрососедски односи, но е корисна за „објаснување“ на состојбата во балканските односи. Односно да биде изговор за се уште присутни желби на одделни сили да се одржува заробен ум на заледениот Балкан.

Низ Европскиот континент се менувале бројни велики империи на големи територии во кои живееле многубројни етноси без своја државност. Државноста припаѓала на оној што доминирал. Такви се империите на: Рим, Карло Велики, Цар Самоил, Цар Душа, Отоманската империја, Хабсбурговската Австро-Унгарска империја и слично. Од нив подоцна се појавила широката лепеза на посебни кралства, но и на национални држави во времето на настанувањето на капитализмот. Логиката наведува дека сите етноси во тие империи живееле заедно, како народи во рамки на една држава и една власт од Владетелот (крал, цар, султан, династија). Значи сите тие имаат долга „заедничка историја“.

Во современата академска мисла и комуникација на Европската Унија сентенцата „заедничка историја“ се смета за застарена и несоодветна па се заменува со сентенцата „заедничко живеење“. Тоа е своевиден компромис кој е можен во менталниот склоп на Европејците, да се „ослободи духот“ од стегите на минатото и да се ориентира кон современите проблеми на човекот. Историјата им се остава на историчарите, а не на политичарите. Зашто модел на ЕУ не се раскараните Балканци, туку Европјанинот како нов етнички производ на заедичкото живеење во „заедницата на рамноправни територии“. Во оваа реална проекција има две нешта кои се ориентир за натамошно промислување на односите меѓу балканските држави: едното нешто е познато како „неменување на границите“. Второто нешто е сознанието и стварноста дека во европската меморија се длабоко втиснати поимите Македонија и Македонци како нешто реално, нешто што постои сега и овде и е составен дел на европската традиција и иднина.

Настапите на премиерот Заев во Бугарија не само што прозвучија европски, туку пренесоа и порака дека Македонската држава се враќа на патот за ЕУ и НАТО, со изградени добрососедски односи и со подготвеност за идното „заедничко живеење“ со истите. 

Ѓорѓи Тоновски

HISTORIA EST MAGISTRA VITAE

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?