И во Србија се рушат рекорди: Нови 1.817 позитивни за еден ден
Објавено во: Балкан 31 Октомври, 2020
Дури 1.817 лица се позитивни, а шест лица починале како резултат на коронавирусот во Србија во последното деноноќие. Тестирани се 9.531 лица.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, од 1.817 потврдени случаи на коронавирус во последните 24 часа, во Белград се регистрирани 980, што изнесува 54 отсто.
Следува Нови Сад со 95 случаи, Крагуевац 68, Краљево 38, Ваљево 34, Чачак 32, Шабац 32, Ниш 28, Крушевац 25, Зрењанин 21, додека на другите места има помалку од 20 новоинфицирани.
Во моментов, 1.122 лица се наоѓаат на болничко лечење, а 51 пациент е на респиратор.
Се зголемува бројот на носители на инфекција, а надлежните предупредуваат за игнорирање на благите симптоми на коронавирусот.
Директорката на Институтот „Батут“, Верица Јовановиќ, изјави дека оваа недела се регистрирани трипати повеќе новоинфицирани лица од минатата недела и дека се пополнуваат болничките капацитети. Таа посочи дека не е поминато времето на тешки клинички слики кога е во прашање Ковид-19 и апелираше до граѓаните да бидат самите на себе контролори во спроведувањето на мерките.
Министерот за образование, наука и технолошки развој, Бранко Ружиќ, изјави дека засега нема причина да се преминува од комбинирана на онлајн настава и додаде дека состојбата со коронавирусот ќе се следи и дека Владата во договор со Кризниот штаб ќе донесе соодветни одлуки