26 Април, 2024
0.6723

Има ли ефекти од владините роуд шоуа или се е само шоу?

Објавено во: Анализа 07 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

Од лани до сега преку 1.000 странски компании слушнале за инвестициските можности на Македонија. Во обид да ги зголеми странските инвестиции во земјава, Владата и во време на криза не запре со организирање на таканаречени роуд шоуа низ голем број држави во светот. Само за две години владина делегација беше во посета на САД, Канада, Индија, Кина, Малезија, Јапонија, Велика Британија, Катар и уште многу други земји. Слободните економски зони, договорите за слободна трговија и бројните даночни олеснувања се клучен акцент во владината стратегија за привлекување на инвеститорите. Соња Јованова Наумовска Агресивната владина турнеја низ светот за привлекување странски инвестиции резултираше со само 44 милиони евра странски капитал за девет месеци годинава. Тоа е дури пет пати помалку од лани иако очекувањата за годинава беа дека нивото на странски инвестиции ќе достигне 350 милиони евра а многуте реализирани роуд шоуа низ Америка, Азија и Европа ќе резултираат со најави за директни инвестиции во земјава. Индија, Кина, Малезија, САД...многу патувања, малку најави за инвестиции! Годинава, уште од јануари почна владината офанзива по инвестиции со седумдневно роуд шоу во Турција, каде владината делегација во неколку градови ги презентираше можностите за инвестирање.  Веднаш потоа се редеа посетите на Индија и Малезија, односно на Њу Делхи, Пуне- центарот на автомобилската индустрија, Бомбај и Куала Лумпур. Од Малезија, каде Македонија беше претставена како порта за влез на азиските компании на европскиот пазар, владината делегација отпатува за Германија во посета на Штутгард, Дизелдорф и Хановер, по што замина за Лондон на еднодневен британско -македонски форум. Таму посебен акцент беше ставен на инвестициските проекти во инфраструктурата, енергетиката, минералните суровини и ИТ- секторот. Минатата година роуд шоуа имаше во Сингапур и Јапонија каде владина делегација присуствуваше на бизнис форум во Токио организиран од Јапонската надворешна трговска организација. Груевски беше и во Австрија, а крајот на годината ја заокружи со роуд шоу во Белгија и Холандија. Годинава пак, премиерот заедно со владина делегација отпатува за Катар, Русија, Кина и скандинавските земји. Тоа практично значи дека Владата ја прочешла речиси секоја поголема земја во светот. Од сите овие посети единствено Катарците и Индијците ја возвратија посетата од каде и стигнаа посериозни најави за инвестирање. Уште во Катар, нафтената компанија Катар Петролеум пројави интерес за изградба на 20 бензински пумпи во земјава а посетата на Индија пак, ги донесе претставниците на Сахара Груп, и тоа два пати. Веднаш потоа милијардерот Субрата Рој најави изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа за што веќе има изработено и проект. Роуд шоу во Америка- два пати за неколку месеци Пред два дена владиниот тим се врати од лов на инвеститори во САД, кој се случи втор пат по само пет месеци од последната посета на САД и Канада, каде што пред  многу американски компании се претставија македонските бизнис- потенцијали. Економската презентација почна од Детроит пред компании од автомобилската индустрија па продолжи во Хјустон, Тексас, Лос Анџелес и заврши со Сиетл. Но, наместо конкретна најава за инвестиции, Груевски најави дека од јануари ќе испрати уште еден промотор во САД, кој на почеток ќе биде во Лос Анџелес, и ќе ги покрива или Хјустон или Сан Франциско, Тој ќе биде третиот економски промотор во САД, по тие во Њујорк,  Детроит и Чикаго. Премиерот многу пати има изјавено дека е задоволен од сите владини роуд шоуа и од тоа како се одвива фидбекот од самите компании кои биле заинтересирани за инвестиции во земјава. “Резултатите од овие презентации пред странски инвеститори во повеќе држави или градови, најчесто доаѓаат по година, две откако компанијата добро ќе размисли, ќе анализира, ќе го развие бизнис планот и слично. Но, првите сигнали од овие презентации се добри, затоа што имаме брзо доаѓање на компаниите во земјата за да ги разгледаат условите, да побараат бизнис партнери, да разговараат со бизнис заедницата, со стопанската комора“, изјави неодамна премиерот Никола Груевски. За опозицијата пак, роуд шоута се залудно инвестициско фијаско оти Владата повеќе трошела пари за да ги убеди инвеститорите да дојдат во земјава отколку што реално привлекла инвестиции. Владата се правда со кризата во Европа и во светот посочувајќи дека сепак странските инвестиции во земјава за периодот од 2007 до 2012 година изнесувале милијарда и 550 милиони евра, што било двојно повеќе од вкупниот прилив на странските инвестиции во периодот од 1990 година до 2005-та година. Досега не е откриено колку чини едно роуд шоу, но се знае дека секој министер, за своето учество во планираната делегација, трошоците си ги сноси од буџетот на сопственото министерство. Груевски на разните роуд шоуа најчесто предводи бројна делегација, во чиј состав вообичаено се вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и директорите на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони Виктор Мизо. Посетени земји за две години: Катар,Индија,Кина,Италија,Финска, Шведска, Данска,Холандија, Белгија, Франција, Австрија, Велика Британија, Норвешка,САД, Канада,Турција, Малезија, Сингапур, Јапонија и Русија Најави за инвестиции или соработка: Субрата Рој ( Индија), изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа; Катар Петролеум (Катар), изградба на 20 бензински пумпи, инвестиции во трговија со нафта, докапитализација на ЕЛЕМ; Катар Ервејс (Катар), директна линија Доха- Скопје; Јапонија- можност за финансирање на систем за десулфуризација на РЕК Битола и изградба на колекторски систем на Охридското езеро; Русија- најава за вклучување на Македонија во проектот за гасоводот Јужен поток; Кина- посебна слободна економска зона за кинеските компании; САД- најава за потпишување меморандум со менаџментот на неколку клинички болници за испраќање македонски лекари на обуки за лекувања што не се применуваат во Македонија.