ИМА ЛИ КУПУВАЧИ? Станбениот квадрат поевтинува, а се повеќе се гради
Објавено во: Економија 12 Септември, 2017
Цената на станбениот квадрат во Македонија е во постојан пад во последниве неколку години, но тоа не ги спречува градежните инвеститори да продолжат со изградба на нови живеалишта. Нивниот оптимизам дека станбената изградба уште долг период ќе биде актрактивен сектор за вложување се потхранува од бројките кои покажуваат солиден раст на издадените станбени кредити, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката.
Според последните податоци од Народна банка на Македонија, во периодот април- јуни 2017 година, индексот на цените на становите е намален за 3,9 отсто на годишна основа. Од централната банка сметаат дека ваквиот тренд е во согласност со надолното приспособување на цените на становите низ целата земја. Централната банка посочува дека вредноста на овој вид недвижности во Скопје се намалува веќе пет квартали по ред, без никакви најави за сопирање на негативниот тренд. Во Кварталниот извештај на НБРМ се наведува можноста за стабилизирање на растот кај понудата на станови.
- Наспроти двоцифрените стапки на раст во изминатите две години, во првиот квартал од годината е регистриран мал раст на изградбата на станбени згради, а забавување на годишната динамика на раст се забележува и кај издадени одобренија за изградба на станбени згради. На страната на побарувачката на станови не се забележани позначајни промени, така што и во вториот квартал од 2017 година продолжи солидниот раст на станбените кредити- наведуваат од Народната банка.
Централната банка од 2013 година го објавува индексот на цените на становите, како одговор на актуелноста и зголемениот интерес на јавноста за податоци поврзани со пазарот на недвижности. Овој индекс го подготвуваат стручните служби на НБМ, се однесува за територијата на Скопје и е изготвен врз основа на огласите за продажба во главниот град, а објавени од агенциите коишто се занимаваат со промет со недвижности. Тој не е усогласен со методологијата на Евростат, но во Државниот завод за статистика најавуваат дека наскоро ќе почнат да го објавуваат и овој индекс.
Непродадени 3.663 стана
Евиденцијата што се води во Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар покажува дека на целата територија на Република Македонија заклучно со јуни годинава има 3.663 непродадени стана кои се нудат на пазарот на недвижности, додека во тек на градба се 9.973 стана. За разлика од првиот квартал од 2017 година, во вториот квартал, бројот на непродадените станови е зголемен за 633 стана, а на становите во градба за 1.196.
Во периодот април- јуни 2017 година, на целата територија на земјава се регистрирани вкупно 2.336 продажби, од кои 2.185 се продажби на стари недвижности, додека, 139 се продажба на новоградби. Доколку се направи споредба на продажбата на новоградбите во овој квартал со вториот квартал во 2016 година, тогаш се забележува пад за 360 продадени новоизградени станови.
Квадрат во Скопје 50.829 денари
Државната статистика засега дава податоци само за просечната цена на еден квадратен метар станбена површина и движењето на овој показател потврдува дека засилената изградба на станови и низа мерки со кои се олесни пристапот до поволни станбени кредити ја спуштија неговата цена. Според статистиката, просечната цена во 2016 година изнесуваше 43.091 денар за квадрат, што е за 6,5 отсто помалку во однос на претходната година.
Во Скопје, просечната цена на еден квадратен метар е 50.829 денари, што е за 3,9 отсто помалку во споредба со 2015 година, додека во другите населени места во државата таа изнесуваше 32.721 денар, што е за 1,6 отсто помалку во споредба со 2015 година.
Што се однесува до просечната цена на еден квадратен метар во второто полугодие од 2016 година, таа е намалена за 5,9 отсто во однос на првото полугодие, а во Скопје намалувањето изнесува 3,8 отсто. Наведените просечни цени на еден квадратен метар станбена површина се без данок на додадена вредност.
(М.Б.)