07 Мај, 2024
0.0242

Има ли спас за загубарите? Потонаа за нови 5,5 милиони евра за 9 месеци!

Објавено во: Анализа 20 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Охис, ЕМО и прилепскиот Тутунски комбинат само за првите девет месеци натрупаа загуби од 5,5 милиони евра. Какви се финансиските резултати на Еурокомпозит од Прилеп за сега нема податоци. Иако во изминатите неколку години Владата ширеше оптимизам дека неколку странски инвеститори имале сериозни намери да станат нови сопственици на Охис, Емо и Еурокомпозит, уверувањата не се докажаа на дело.

Државните компании не престануваат да билдаат загуби. Точно 5,5 милиони евра потонаа загубарите Охис, ЕМО и Тутунскиот комбинат од Прилеп. Вкупниот минус на загубарската четворка, надополнета со Еурокомпозит од Прилеп, за сега не е познат бидејќи ниту Комисијата за хартии од вредност, ниту Македонската берза нудат податоци како Еурокомпозит од Прилеп работеше во првите три квартали од годинава.

Консолидираните финансиски извештаи објавени на Македонската берза покажуваат дека во првите девет месеци од годинава Охис направи загуба од 3,4 милиони евра, ЕМО од 483,951 евра, додека Тутунскиот комбинат од Прилеп евидентира загуба од 1,6 милиони евра.

Нови 3,4 милиони евра дупка во Охис

Некогашниот хемиски гигант Охис со години никако да дојде барем до позитивна нула. Само за првите девет месеци од годинава Охис направи загуба од 3,4 милиони евра, што е за 400.000 евра поголема во спорeдба со истиот период лани. Охис првото полугодие пак, го заврши со загуба од 2,5 милиони евра.

Иако во изминатите неколку години Владата ширеше оптимизам дека неколку странски инвеститори имале сериозни намери да станат нови сопственици на овој загубар, уверувањата од министрите не се докажаа на дело. Загубарот се уште тоне во долгови, а Владата никако да ја реши судбината на компанијата. Спасот за Охис повторно ќе се бара во нов тендер.

“За друштвото Охис АД Скопје на 15-ти ноември е објавен оглас за пројавување интерес за купување на акциите во друштвото, а се планира и објавување на јавен повик за прибирање понуди за продажба на акциите на Република Македонија и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Охис“, велат од Министерството за економија.

Консолидираниот извештај покажува дека Охис во периодот јануари - септември годинава инкасираше само 571.723 евра од продажба на производите на домашниот пазар, не продавајќи ништо во странство, што не беше случај минатата година. Во истиот период лани, Охис оствари 2,7 милиони евра од приходи од продажба дома и во странство. Но, и покрај лошите финансиски резултати и лани и годинава трошоците за вработените изнесуваат околу 2,3 милиони евра.

По којзнае кој пат Емо на продажба – има ли серозни купци?! Иако Владата многу пати до сега се обиде да најде инвеститор за охридскиот загубар Емо, својот неуспех повторно ќе го стави на тест – за загубарот одново ќе се бара инвеститор.

Од Министерството за економија за Фактор објаснуваат дека  и “ за ЕМО АД Охрид во тек се подготвителни активности за објавување на нов јавен повик за прибирање понуди за продажба на акциите на Република Македонија и на Фондот на ПИОМ во друштвото“, но недлежните се уште ниту побарале одговорност од менаџерите на овие загубари за лошите финансиски резултати, ниту пак, се свртеле кон себе да преземат вистински чекори за санирање на состојбите во загубарите, бидејќи со години наназад компаниите не се атрактивни за инвеститорите.

Финансиските резултати се поразителни и за ЕМО. Загуба од 483.951 евра направи компанијата во првите девет месеци од годинава, покажува консолидираниот финансиски извештај објавен на Македонска берза. Приходите од продажба пак, на оваа компанија се 8 милиони евра, од кои 6,7 на домашниот пазар и околу 1,4 милиони евра во странство. Минатата година, во првите три квартали приходите од продажба беа за 27% помали во споредба со годинава. Шестмесечната загуба на ЕМО пак, изнесуваше 350.730 евра – што е за околу 130.000 евра помала од деветтомесечната.

„Ѓуро Ѓаковиќ“ го меркаше Еурокомпозит, но сепак се реши да инвестира во МЗТ!

Берзата се уште не нуди информации за тоа како Еурокомпозит ги заврши првите три квартали годинава. Од Владата за Фактор велат дека јавниот повик за прибирање на понуди за Еурокомпозит е во тек, но не коментираат дали хрватската компанија Ѓуро Ѓаковиќ е повторно заинтересирана, откако пред неколку месеци наместо за прилепскиот загубар се реши да произведува оружје од Металски Завод Тито од Скопје.

“Во рамките на актуелниот јавен повик за продажба на акциите на државата во 11 Октомври Еурокомпозит АД Прилеп, една од компаниите која подигна тендерска документација беше Ѓуро Ѓаковиќ Холдинг, но дали таа е се уште заинтересирана за оваа инвестивција ќе дознаеме наскоро“, кусо објаснуваат од Министерството за економија.

Според информациите во тендерот, овој загубар ќе се продава со 373 вработени и со сите 3.708.038 акции сопственост на државата.

Приватните комбинати профитабилни - Тутунски комбинат од Прилеп трупа загуби   

Во време кога приватните компании Сокотаб, Струмица табак, Империјал тобако и Lions One работат профитабилно и влегуваат во топ 50 најголеми извозници од земјава, државниот Тутунски комбинат од Прилеп се уште тоне во милионски загуби. За првите 9 месеци Прилепскиот Тутунски комбинат направи загуба од 1,6 милиони евра. Од продажба во Македонија овој загубар инкасираше 15 милиони евра, додека 3,4 милиони евра од продажба на цигари во странство. Во истиот период лани, ТКП оствари 16,6 милиони евра од продажба. Трошоците за вработените пак, првите 9 месеци од 2013 година компанијата ја чинеа 4 милиони евра. Оперативните трошоци на компанијата достигнаа 24 милиони евра, покажува консолидираниот финансиски извештај на компанијата.

Тутунскиот Комбинат првото полугодие од 2013 година го заврши со загуба од 1,5 милиони евра.

К.П.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад