30 Април, 2024
0.0345

ИНТЕРВЈУ ДИМОВСКИ: Ќе се бориме со квази синдикалците

Објавено во: Македонија 16 Август, 2017

Добивај вести на Viber

По долга внатрешна и институционална борба конечно на чело на ССМ застана легитимно избраниот претседател Дарко Димовски кој ја презеде функцијата од Живко Митревски. Една година речиси најголемите грански синдикати беа избркани од зградата на ССМ која пак, со приватно обезбедување ангажирано од екс претседателот им беше забранета за пристап. Сега Димовски ќе се обиде да го врати синдикализмот во ССМ која од работничка се претвори во политичка организација секогаш застанувајќи во одбрана на политиките на претходната власт. За плановите, визијата и следните чекори во синдикалното движење разговараме со Дарко Димовски. 

Фактор: Пред два дена официјално ја преземавте функцијата претседател на ССМ и веднаш наредивте да се испита деловното и финансиското работење на претходното раководство, каков е првичниот извештај од комисијата?

Димовски: Се уште се чешла материјалното и финасиското работење, уште сме на почеток, а веќе откривме многу неравилности. Една од поинтересните работи е менаџерскиот договор кој Живко Митревски си го склучил со поранешен секретар кој е заминат во пензија. Во тој период јас бев секретар и јас требаше да се потпишам на таков договор со одлука на претседателство, но тоа не се случи, ниту пак претседателство му изгласа таков менаџерски договор. Тоа е срам за синдикализмот бидејќи ниту еден претседател нема менаџерски договор. Ќе го презентираме тој договор на јавноста, во него пишува дека му следува апанажа доколку не сака да биде советник во ССМ, доколку сака тогаш да му следува 90 % од претседателската плата или да се врати онаму каде што бил вработен. Понатака се споменува некакво колективно осигурување, но се ќе провериме. Ќе видиме што се ќе излезе на виделина. Понатаму, има мешање со директорите од некои јавни претпријатија, организации и министерства каде што лично бара од нив да се укинат некои синдикални организации што членуваат во Сојузот и да се пререгистрираат во нови синдикални организации кадешто тој ќе каже кој да биде претседател, тој ќе каже кој да биде во надзорен и извршен одбор. Значи сака апсолутна власт во секој синдикат. Со помош на директорите и со некои министри од претходната власт. За тоа имаме документи и докази кои ќе ги презентираме на јавноста.

Фактор: Кои ќе бидат Вашите приоритети во однос на работничките права, но и во однос на синдикалното организирање? Како ќе се борите со овие состојби.

Димовски: Нас приоритет ни се работничките права, членството, загарантиран личен приход, почитување на законот за работни односи и негово применување во организациите и претпријатијата, како и применување на колективните договори, како општиот така и колективните договори во самото претпријатие. Како што знаеме до сега тие од страна на работодавачите, директорите и од извршната власт беа комплетно занемарени и не беа почитувани. Исто така, во јавниот сектор ќе си побараме пишаниот регрес кој го имаме во колективните договори или популарно К 15 бидејќи сметаме дека во пракса на работникот треба да му се даде тоа што е пропишано со закон и колективен договор.

Фактор: Како ќе се борите против квази синдикатите чиј број порасна со дејствувањето на Митревски и како ќе постапите со независните синдикати?

Димовски: Постојат квази синдикалци и квази синдикати, но ние прво ќе ги повикаме на разговор сите независни синдикати каде ќе утврдиме кои се нивните цели и приоритети и дали се поклопуваат со оние на Сојузот и ако најдеме заеднички јазик може да се здружиме како целина во ССМ. Ние би понудиле некои гранки кои ги нема во ССМ, но се тоа мора да биде статутарно, по Статутот на Сојузот на синдикати и по деловникот на Сојузот. Ја имаме репрезентативноста и нема да ја изгубиме иако изгубивме голем број од членството благодарејќи му на квази синдикалецот Живко Митревски. Но ете имаме сили, сакаме да работиме. Од следната недела ќе излегуваме на терен секој ден кадешто ќе си го вратиме и придобиеме старото членство, но и ќе придобиеме ново. Исто така и на другите работници ќе им понудиме аргументи и факти зошто треба да членуваат во синдикат.

Фактор: Поранешниот претседател се уште се смета себе за легитимен. Како гледате на неговата најава дека по судски пат ќе се врати на претседателското место?

Димовски: После тоа што го видовме на денот кога ја преземав функцијата, односно кога не дојде Живко Митревски на примопредавањето, го сметам за крајно несериозен човек и не сакам да ги коментирам неговите изјави. Како што што кажа поголемиот дел од македонската јавност, тој е квази синдикалец. Не сакам да се занимавам со таков човек, сега сум фокусиран на новите цели и програми. Не сакам да коментирам повеќе за гробарот на синдикалното движење и тој нема повеќе што да бара во синдикализмот.

Фактор: Колку грански синдикати има сега ССМ бидејќи Митревски постојано го менуваше бројот на синдикатите и какви се Вашите односи со останатите претседатели во ССМ, дали ја имате нивната поддршка и дали во иднина заедно ќе дејствувате?

Димовски: Веќе имавме мини претседателство кадешто се собравме грото од синдикатите, некои се извинија бидејќи се на годишен одмор, а работата знаете како излезе тој ден, направивме една седница кадешто ги извадивме доказите, ги презентиравме пред другите колеги. Тие се изјаснија дека за нив се важни документите односно решенијата од министерството за труд и социјална политика и од централен регистар и дека за нив сум легитимен претседател. Закажавме и ново претседателство со точки на дневен ред со што кажавме дека работата на Сојузот на синдикати почна без никаков раскол без никакви расправии бидејќи тие увидоа со каков профил на човек си имаа работа до сега и се ослободија од тие стеги и почнаа да работат во своите синдикати без било кој да им се меша освен своите  претседателства и одбори. На еден начин, гранките се ослободија од стегите на Живко Митревски и станаа самостојни гранки кои сами одлучуваат за своите постапки, решенија и план за работа.

Фактор: Се случува  масовно кршење на работничките права во земјава, Митревски досега не поддржа ниту еден синдикат кој протестраше за своите права, а такви имаше многу. Дали во иднина Сојузот ќе биде поддршка за обесправените работници.

Димовски: Живко Митревски никогаш не протестирал, имаше можност кога протестираа синдикатите СИЕР и УПОЗ. Тој не е синдикалец, тој секогаш бил на страната на работодавците, бидејќи како што знаеме ги има продадено грото од работничите права и ги има избришано од колективните договори и од законот за работни односи. А тоа што еднаш промарширал за 1ви мај, тоа сигурно не било негово решение и тоа не се протести, тоа се протести во наводници, знаеме дека денот на работникот мора на некој начин да се одбележи. Ете Митревски под притисок на претседателството мораше тој ден да излезе.

Фактор: Споменавте синдикати чии протести не беа поддржани од ССМ, дали во иднина таквите барања на своите права ќе добиваат поддршка од претседателот на Сојузот.

Димовски: Сега Сојузот на синдикати ќе работи по Статутот по којшто треба да работи. Претседателот на ССМ ќе биде само еден линк помеѓу гранските синдикати и работодавците од секторот кој го застапуваат. Доколку нема решение помеѓу тој синдикати и работодавецот, тогаш стапува на сила претсдеателот на Сојузот на синдикати и со помош на министерството за труд и социјална политика и сигурно ќе изнајдеме решение. Доколку не изнајдеме решение тогаш ќе го свикаме највисокото претседателство и Советот, па таму ќе се решава дали ќе истапиме на улица со нашите барања и дали ќе се впуштиме во штрајк. Знаеме тоа е најнепопуларна мерка и не би сакале да дојде до тоа. Верувам дека сите сме разумни да се договориме бидејќи знаме дека нашето општество се темели на работникот и работничката класа. 

К.А.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Партиите изнесоа ставови со кого би коалицирале и под кои услови

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Партиите изнесоа ставови со кого би коалицирале и под кои услови

ЦРВЕНИ ЛИНИИ: Апасиев кажа кој е условот за коалицирање

ЦРВЕНИ ЛИНИИ: Апасиев кажа кој е условот за коалицирање

ТРАГЕДИЈА: Пронајдена е мртва девојка во Штип

ТРАГЕДИЈА: Пронајдена е мртва девојка во Штип

КАСАМИ: Во нашата програма има и уставни измени

КАСАМИ: Во нашата програма има и уставни измени

МЕЏИТИ: Со Левица не би сакале да бидеме дел од иста влада, таа е антиевропски настроена

МЕЏИТИ: Со Левица не би сакале да бидеме дел од иста влада, таа е антиевропски настроена

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање