26 Април, 2024
0.0314

Интервју Лабовиќ: Унитарноста не е загрозена, но платформата е како “кец на десетка“ за да се спречува формирање Влада

Објавено во: Македонија 27 Март, 2017

Добивај вести на Viber

“Не верувам дека во Македонија може да дојде до граѓанска војна, но никој не може да ја негира можноста од серија инциденти. Проблемот е да не се дозволи да падне ниедна капка невина крв, на ниеден граѓанин, без оглед на неговата национална, верска, партиска или политичка припадност. Покрај најголемата одговорност што ја сносат политичарите, повторувам, одговорноста лежи и на секој еден кој излегува на јавна сцена, а со својот веќе стекнат углед и авторитет макар и кај дел од јавноста може да предизвика несакани дејствија”- вели во интервју за Фактор, универзитетскиот професор Миодраг Лабовиќ,добитник на високо престижна светска научна награда за Системско владеење на правото и анти-корупција, врачена  од неодамнешниот Генерален секретар на ООН  Бан Ки Мун.

 Како  познавач на бедбедносните и политичко-правните состојби вели дека во вакви “зовриени” ситуации се можни сите сценарија, но треба да се размислува со “ладна глава”  и да се согледаат сите аспекти на проблемите.

Фактор: Дали од политичка, кризата во Македонија може да стане граѓанска?

Проф. Лабовиќ: Сите оние кои излегуваат во јавноста  со непромислени изјави и однесувања можат да придонесат за создавање “смут“, “долевање масло на огинот“,што и онака веќе тлее. Фали мала искра за да се потпали ситуацијата во правец кој не му одговара ниту на македонскиот, ниту на албанскиот народ, ниту на било кој нормален граѓанин во Македонија. Во Македонија реално гледано, нема потенцијал за граѓанска војна, пред се` заради долгата традиција на взаемно почитување и заеднички живот меѓу Македонците  и Албанците. Ретките контра-примери на ова, како вооружениот конфликт од 2001 година, уште тогаш во интервју за неделникот “СТАРТ“ го дефинирав како ниско интензивен и високо контролиран судир меѓу македонските безбедносни сили и албанските пара-милитарни структури, кои беа инструментализирани во функција на оставрување на други поголеми и подолгорочни гео-стратешки цели на западните сили во регионот. Впрочем, не само во регионот, туку и на глобално ниво разбирлива е тенденцијата за доминација во меѓународните политички и економски односи на големите сили. Но, различен може да биде пристапот преку кој што се остваруваат таквите цели. Тоа пред некој ден го потврди и екс-премиерот  и сегашен претседателски кандидат на Франција, Фијон, кој буквално изјави дека западните сили ги цртале границите на Косово, како и на многу други држави во светот, при што нагласи дека Франција и Западот треба ги напушти таквите пристапи. Во тој контекст е и неодманешната изјава на претседателот на САД Трамп, кој најави дека “САД нема повеќе да учествуваат во рушењето на туѓи влади ширум светот“. 

Бројни се ноторните емпириски факти од поблиската и најблиската историја, кои директно или индиректно ги потврдуваат ваквите тези. Да се надеваме дека ќе преовлада новиот пристап во водењето на надворешната политика на големите сили, чии што  крајни средства за постигнување на нивните цели досега беа специјалните, хибридни војни, како и директните воени интервенции. Притоа, морам да споменам дека за разлика од некои наивни аналитичари кои во појавата на претседателот Трамп видоа нова гео-политичка реалност во светот, па дури и револуционерни промени од типот “Народна Република Америка“ тврдам дека тоа е далеку од вистината,  барем не за време на мандатот(ите) на Г-дин Трамп, од причини што континуитетот во водењето на америчко-британската надворешна политика не може така брзо и лесно да се промени. Тоа набрзо се виде по преземањето на должноста на преседателот Трамп, кој радикално атерираше од предизборните изјави упатени кон НАТО; ЕУ итн., а прво што напарави по доаѓањето на власт го поддржа НАТО и го зголеми воениот буџет на САД за 9%. 

Неракувањето со Г-ѓа Меркел не значи несогласување за суштинската улога и функционирање на НАТО, туку поразличен пристап отколку досега кон оние земји што не ги плаќааат своите финансиски обврски спрема НАТО. Инаку, сметам дека веќе започнатата тенденција на движење од униполарен кон биполарен мултиполаризам во меѓународните политички односи нема да дојде толку брзо, како што предвидуваа некои воено-политички стратези. За причините кои што го генерираат континуитетот во водењето на надворешната политика и остварувањето на нејзините долгорочни гео-стратешки и гео-економски цели, без оглед на персонификацијата  на раководството на извршната власт во САД и В. Британија,  подлабоко објаснувам во мојот најнов учебник и според реномираните рецензенти –научна студија, која неодамна е објавена: Системската корупција и организираниот криминал- нови епистемолошки димензии и практични консеквенции од конкретните решенија на стратешката визија за длабоки структурни реформи, со цел за значително подобрување на владеењето на правото во Република Македонија“. 

Тука кој сака подлабоко и поподробно може да се запознае, меѓудругото и со научно-теоретски ново конципираниот генерален концепт на системски корумпирана надворешпна политика, што ја водат големите светски сили, инаку, стара империјалистичка практика, денес практикувана само во нова форма на неоколонијалистичкиот и ектериторијален иммперијализам, завиткан во “обландата“ на  корпоративниот глобализам.

ФАКТОР:  Каде и како ја гледате улогата  на внатрешниот македонски фактор?

Проф. Лабовиќ:Треба да се признае дека до ова “дереџе“ немаше да дојде ако Никола Груевски и врхушката околу него, повеќе гледаа на државните и јавни интереси во полза на граѓаните на РМ, отколку на своите себични лични и лично-партиските интереси. Ако  Груевски и екипата не  ги отфрлаа така лесно, без трошка чувство за примарноста на државнииот и јавен интерес, сите бесплатни, добронамерни и крајно конструктивни предлози за квалитативни промени во системот на владеењето, не од било кого, туку, меѓудругите и од “некои“ што се со највисоки национални и меѓународни научни награди и признанија, (наместо што глумеа отвореност спрема идеите на граѓаните, од кои објективно, не можат да се очекуваат , ниту пак некогаш во историјата се случило да произлезат поголеми општествени идеи, да не кажам епохални откритија. Се разбира,тука не се мисли на одредени помали технички проекти и иновации или економски проекти од краткорочна и популистичка природа.  

Без лажна солидарност, тоа не е елитистички став, туку ноторен историски факт дека големите идеи секогаш доѓале од колосалните научни умови, кои работеле макотрпно и долгогодишно на таквите идеи). Понатаму, ако Н. Груевски и врхушката не беа фатени во “Бомбите“ со “см`кнати гаќи“, што не смееја да си дозволат да бидат толку несвесни односно да бидат лекомислени дека на нив тоа не може да им се случи, како да се единствените господари на Земјата-планета. Сериозни и одговорни политичари од највисок ранг, не смеат даси дозволат такво опуштање, без оглед на тоа кој ги нарачал и кој ги направил незаконски прислушкуваните разговори. 

Се разбира дека во “Бомбите“ има само индиции, сето тоа треба да се докажува на суд, ако навистина постојат валидни докази за постоење на елементи на кривичните дела и докази дека тие кривични дела ги сториле токму наведените личности. Но, како и да е, како одговорен политичар Груевски досега 100 пати требаше да понесе морална и политичка одговорност, ако навистина толку ја сака партијата и Македонија. Факт е дека тој се повлече од премиерската функција, но, под притисок на странскиот фактор. Меѓутоа, не се повлече од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, која што, како партија дојде во позиција заради сите претходно наведени работи да не може да формира Влада. Јас се надевам дека во ВМРО-ДПМНЕ ќе има здрави кадровски потенцијали, кои ќе мораат да го соочат Груевски со вистината и пред се да ги расчистат работите внатре во партијата. Инаку, без целосно расчистување на работите, само со премолчано предавање на лидерската функција на друга личност, ВМРО-ДПМНЕ не ќе може повеќе да се издигне на ниво на движење, какви што тенденции имаше особено до 2008 година.

Од друга страна, во интелектуалната и животна фаза во која се наоѓам, не можам да си дозволам да верувам дека било кој помасовен протест е спонтано организиран од било каква иницијатива на непристрасни и независни граѓани, без “дебела“ поддршка во секој поглед од моќна организација, во случајов, каква што е ВМРО-ДПМНЕ, раководена се` уште од Г-дин Груевски, кој реално има многу конкретни мотиви да ја искористи Албанската платформа, која му дојде како “кец на десетка“ за да оневозможи формирање Влада. Тоа е така, затоа што под владеење на новата Влада има премногу голема веројатност дека нема да има никакви пречки за кривично-правно процесуирање и ефектуирање на кривичните предмети што се водат против него, дури и да не се продолжи мандатот на СЈО, бидејќи очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе намера да го продолжува мандатот на СЈО. 

Се разбира, дека под ингеренции на новата Влада, предметите од СЈО може да ги преземе Државното Јавно обвинителство со негови нови челници поставени од новата Влада. Сево ова, никако не подразбира дека во така масовно организиран протест, не можат да се приклучат чесни граѓани, кои не се партиски активисти, а  кои искрено се плашат за иднината на својата татковина.

СПОРНИ ТОЧКИ ВО ПЛАТФОРМАТА

ФАКТОР: Има ли, навистина раелна опасност од Албанската платформа?

Проф. Лабовиќ:  Видете, не можам да се сложам со тврдењата искажани од страна на некои интелектуалци дека единствената слабост на Албанската платформа била наводно само во тоа што несмасно доаѓала од Тирана. Тоа е премногу површно, неодговорно и потценувачко гледање на работите спрема македонскиот народ. Мора да се каже вистината дека особено во четири најспорни точки, па делумно и во другите (освен постигнувањето на целосна економска рамноправност преку создавање нов механизам во форма на Државна комисија за доделување грантови во корист на општините), Албанската платформа е надвор од Уставот на РМ. 

Меѓутоа, не е проблемот во тоа што оваа платформа повикува на промена на Уставот, бидејќи барањата за промени на Уставот можат да бидат легитимни, авангардни и прогресивни, со тоа што ќе отвараат можности за понатамошен побрз прогрес и квалитативно позитивен развој во клучните општествени области, унапредување и развој на индивидуалните граѓански права и слободи. Проблемот тука е во тоа што се работи за редифинирање на државата, на нeјзиниот граѓански концепт, во претворањето на Македонија во бинационална држава. Погледнете ги само првите четири точки од Албанската платформа. Се е таму јасно напишано. Никакви екстензивни, квази толкувања и релативизации не можат да ја оправдаат  несразмерноста и пред се` тоталната неправедност на тие барања кон етничките Македонци. Тоа е така затоа што во ситуација кога во соседните држави, меѓу кои е и Албанија, постои отворена тенденција да се брише етничкото малцинство на Македонците, како воопшто да не постои, тука во Македонија едно етничко малцинство треба да стане конститутивна (државотворна) нација под изговор за целосна рамноправност и чувство дека оваа држава еднакво им припаѓа на сите. Каде се тука сите други етнички малцинста, каде е тука мултиетничкиот карактер на општесвото. Што ако истото го побараат Србите, Турците, Бошњаците, Власите, Ромите и другите кои живеат во Македонија, без оглед што Албаниците тврдат дека се 30%, а некои статистички резултати спроведени од Германска агенција покажаа дека Албанците во Македонија не се повеќе од 17%. Но дури и да се 30%, сепак се малцинство. 

Тие како и Македонците и сите други треба да ги уживаат сите индвидуални граѓански права. Меѓутоа, носителот на државноста односно конститутивната нација не треба да се меша со целосната граѓанска рамноправност, која е пропишана со Уставот на РМ: “Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“.

ФАКТОР:  Што е со чувството на целосна рамноправност и припадност кон државата од страна на етничките зедници кои не се мнозинство во Македонија?

Проф. Лабовиќ: Се согласувам дека терминот малцинства треба да се избегнува затоа што може да создава чувство на недоволна припадност и интегрираност во општеството. Впрочем, Уставот зборува за етнички заедници. Се согласувам дека наспроти формално-правните уставни одредби се`уште треба да се работи на фактичкото остварување на индивидуалните граѓански права и постигнување на целосна грѓанска рамноправност. Во таа смисла немам никаков проблем Албанец да биде Претседател на РМ или Премиер на Влада, дури и три-четири мандати по ред, ако е најквалитетниот и најспособен кандидат, исто како што најквалитетните фудбалери, без оглед дали се Албанци или нешто друго, треба да играат и да бидат носители на играта на македонската фудбалска репрезентација, без ограничување на нивниот број. Оттука, ние треба да работиме на развивање на граѓанската свест за припадност и лојалност кон државата на сите граѓани на Македонија, без оглед на нивното етничко или верско потекло. Но, тоа е различно и не го оправдува барањето за целосна национална рамноправност на албанската нација како државотворна нација и согласно тоа - барањето по етнички клуч  Албанците да имаат носител на највисоките државни функции, од проста причина што Албанците се веќе државотворна нација во две држави во регионов, со тенденција уште повеќе да се зацврстат дури во три држави, а Македонците под многу веројатни претпоставки на идните констелации на политичките сили и односи, на тој начин, имаат реални шанси да ја изгубат и таа една држава,  што како ретка можност ја имаат, имајќи предвид дека во ООН се регистрирани 193 држави членки, а во светот постојат повеќе од 5000 етнички ентитети, кои немаат своја национална држава. 

Моите браќа и сестри Албанци мора да разберат дека ова не е насочено кон Албанскиот народ во Македонија, чии што припадници неизмерно ги почитувам поради ретките особини што еден народ може да ги има, како што е храброста, но пред се` човечноста , ретката солидарност, што е факт и колку сакаат нека ми се лутаат моите Македонци, ние ја немаме таа солидарност меѓу себе. Јас немам никакви причини да им правам “лице“ на Албанците, затоа што сум целосно независен од нив, иако со нив живеам секојдневно, со моите студенти, со многу други мои браќа и сестри Албанци, кои сега да ги повикам за било што во истиот момент без поговор ке дојдат најмалку десетина фамилии, а не сум Бога ми сигурен колку Македонци ќе го направат тоа! Сепак, мора да се биде праведен и доследен на основното етичко начело: да не му се зема на другиот она што не сакаме нас некој да ни го земе. Оттука, ова е приговор и апел до големо-албанските проекти, од кои што многу често страдале самите Албанци, а користите од тоа за обичниот Албанец се минимални.

ФАКТОР: Многу се манипулира со рушењето на унитарниот карактер на државата, а лидерот на СДСМ Зоран Заев повеќе пати јавно изјави дека нема  рушење на унитарноста на Македонија, ниту пак, било какви решенија кои се базираат на промени на Уставот се содржани во новата Владина програма што ја презентираше СДСМ. Дали сметате дека после ова, се`уште има реални основи за оправдан страв кај етничките Македонци?

Проф. Лабовиќ: Точно е тоа дека во новата Владина програма што ја презентираше СДСМ, не се содржани барањата од платформата кои се базираат на промени на Уставот, ниту пак на било кој друг начин можат да ја загрозат унитарноста на Македонската држава. Г-динот Заев очигледно добро се договорил со потписниците на Албанската платформа да не бидат ставени, особено четирите најспорни точки од платформата. Но, за воља на вистината веднаш се огласија официјалните претставници на албанските партии, кои му ги дадоа потписите на Г-дин Заев. Тие недвосмислено изјавија дека и ВМРО-ДПМНЕ најпрво, и СДСМ потоа, ги прифатиле сите барања од Албанската платформа со небитни разлики, освен разликата со ВМРО-ДПМНЕ за СЈО. Тоа остава голем сомнеж кај етничките Македонци, имајќи предвид особено две работи. Прво, целиот процес како што знаете беше нетранспарентен, кога се во прашање двете најголеми македонски партии. 

Притоа, Г-дин Груевски тоа што го понуди по завршувањето на преговорите со ДУИ е исто како “по свадба да нуди тапани“. Не само задоцнето, туку и крајно сомнително е тоа, зошто не ја отфрли платформата во старт кога беа уште од 07 јануари познати барањата, туку преговараше до крајот на јануари, за отпосле да ја даде понудата за поддршка на малцинска влада и да се понуди себе како “маченик“. Сето тоа го направи откако виде дека работите веќе му избегаа од раце. Со тоа тој не само што испушти можност да ги одреди црвените линии на, условно кажано, македонската платформа, туку и не успеа да ја истера СДСМ на виделина, како што тоа би требало да се случи ако тој навистина е најголемиот патриот и бранител на македонштината, како што тој милува меѓу редови да каже. Второ, Албанските лидери јавно повеќе пати изјавија дека платформата за нив не е само политички документ туку завет над кого се заколнале и од чии барања не можат да отстапат никако. Лидерот на БЕСА Г-дин Касами јавно порача дека во нивната политичка програма имале и порадикални барања, но сега се сложиле заедно со другите албански партии, во владината програма да не бидат ставени барањата од платформата, наводно свесни за тензичниот момент во државата и заради спречување на ескалацијата на кризата во меѓуетнички и внатре-етнички судири. Инаку, најверојатно тие се свесни дека и онака барањата не можат да поминат, бидејќи немаат потребно уставно мнозинство, а и за да го омекнат евентуално ставот на Г-дин Иванов за доделување на мандатот. Но, исто така, повеќе пати беше кажано дека тие барања договорено е понатаму да се отворат и етапно да се реализираат, кога ќе се создадат услови за тоа. Сето тоа придонесува за недовербата и стравот кај македонските граѓани.

ФАКТОР:  Може ли да биде загрозена унитарноста на Македонија доколку бидат усвоени  барањата од Албанската платформа?

Проф. Лабовиќ: Барањата од платформата имаат поврзаност  со создавање на јазична федерализација, која може понатаму да биде вовед кон барање за политичко-административна поделба на конститутивни единици на идната федерација, кои во западниот дел и делови од Северо-Источна  Македонија би биле конституирани од општините со мнозинско албанско население, за кои во прва фаза се предвидува уште поголема децентрализација. Со тоа, индиректно може да биде загрозен унитарниот карактер на државата, со крајна можност за  последователно искористување на правото на самоопределување и отцепување, кое е легитимно право на федералните единки. Но, од друга страна гледано, барањето за двојазичност на целата територија не оди во прилог на тезата за отцепување на дел од територијата на РМ, барем не засега, туку, напротив оди кон зајакнување на нејзиниот унитарен каракер, со тоа што се истакнува прашањето: зошто би се отцепувале Албаниците, ако бараат службен албански јазик на целата територија. Оваа тенденција е многу пореална, но, не затоа што е исклучена можноста албанскиот политички фактор да посака отцепување на дел од македонската држава, во функција на остварување на своите автохтони национални интереси за Голема Албанија. Напротив, тоа не е реално да се оствари затоа што тоа не им одговара на долгорочните гео-стратешки интереси на западните сојузници, кои што ја сакаат унитарна Македонија, со цел да имаат доминантна контрола над целата територија на државата, а не само на еден нејзин дел.

НЕ Е ЗАГРОЗЕН УНИТАРНИОТ КАРАКТЕР

ФАКТОР:  Која е тогаш опасноста за македонскиот народ кога и самите велите дека не е загрозен унитарниот карактер на Македонија?

Проф. Лабовиќ: Реков дека унитарниот карактер не е директно загрозен засега. Но, не може да се исклучи целосно можноста за тоа, бидеји таквиот исход зависи и од неколку други варијабли. Она што е сигурно од евентуалната реализација на Албанската платформа е отворената опасност македонскиот народ во иднина, како конститутивен народ да ја изгуби ексклузивната државотворна позиција, за која зборував претходно и под определени услови во некоја догледна иднина да ја изгуби целосно државата, односно есклузивноста да биде носител на државноста. Некој може да рече: Па што, голема работа, сонцето пак ќе свети. Македонците опстанале како народ без своја држава со векови наназад, така што ќе опстанат и сега. Едноставно, некои би рекле дека тоа не е вредно за дискусија, а не за, не дај Боже, човечки жртви.  Меѓутоа,даВе потсетам дека Македонскиот народ нема друга национална држава освен оваа, како што имаат речиси сите други етнички заедници во Македонија, (освен Власите и Ромите кои се едни од преку 5000 етнички ентитети во светот кои ја немале таа ексклузивна привилегија да имаат своја држава). 

Освен тоа, иако е точно дека македонскиот народ опстанал и ќе опстане и без своја држава, сепак не смее да се испушти од предвид фактот дека етничките ентитети  кои имале своја национална држава се развивале многу подобро во секој поглед отколку оние кои таа можност ја немале. Оправдано некој може да забележи дека сите овие тези се базирани на претпоставки во иднина. Но, тоа се премногу веројатни претпоставки, кои логички последователно водат кон одредени случувања, што се научно предвидливи. Затоа е и потребата тие да се предочат, и колку што е можно да се делува за да не дојде до негативните имликации по македонскиот народ. Инаку, не случајно, името на државата “виси во воздух“ со отворена тенденција да биде променето на штета на македонскиот национален идентитет.

ФАКТОР: Не сметате ли дека концептот на национална држава е надминат во уставите на современите држави?

Проф. Лабовиќ: Се согласувам дека концептот на национална држава експлицитно веќе не се споменува во најголем број устави на современите држави, но, имлицитно и de facto тој концепт се`уште егзистира. Доказ за тоа, меѓу многубројните други, се примерите на Франција и Герминија, каде постојат државјани на тие земји со различно етничко и религиозно потекло од етничките Французи и етничките Германци, ама сите се Французи или Германци во државно-правна смисла. И не само што таму на памет не им паѓа освен Францускиот или Германскиот јазик, да биде службен јазик, на пример, Арапскиот во Франција, каде има голем број на Французи од арапско потекло, или турскиот јазик во Германија, каде има неофицијално околу 10 милиони Турци, туку гледаме дека и “мултукултурната“Меркел, притисната од стравот за губење на рејтингот, почнува да забранува или ограничува некои индвидуални права, што Македонија целосно ги гарантира. 

Од друга страна, неадекватна е аналогијата односно компарацијата што се прави во случајот на Македонија со Белгија или Швајцарија, каде што факт е дека има три службени јазика на три конститутивни народи што ја сочинуваат Швајцарската конфедерација. Меѓутоа се заборава намерно да се каже дека сите тие три конститутивни народи во Швајцарија, имаат свои национални држави во трите соседни држави. Слична е ситуацијата со Белгија. За разлика од нив, Македонците немаат никаде на друго место друга национална држава. 

Ова треба да го имаат предвид пред се македонските политичари кога разговараат и преговараат со  албанските колеги, со кои треба отворено, директно и многу јасно, братски да се разговара, дали тие такви барања од Албанската платформа се праведни според сите начела на БОЖЈАТА ПРАВДА, или ако се атеисти, според сите принципи на  ЕТИКАТА и ОБЈЕКТИВНАТА ПРАВДА. Јас верувам дека секој разумен човек, ако му бидат предочени вакви аргументи засновани на неспорни факти, ќе  разбере и ќе се повлече од таквите неразумни барања, кои што сега го тиштат обичниот македонски граѓанин, кој сега чувствува дека постои опасност, но можеби немал толку среќа во животот да знае да ја објасни таа опасност.

ФАКТОР:  Претходно спомнавте конкретни интереси што некој однадвор може да ги има спрема Македонија. Кои се тие интереси освен помошта што ни се дава и поддршката кон Евро-Атланските интеграции?

Проф. Лабовиќ: Што се однесува до конкретните интереси на големите сили, за разлика од наивно сфатените филантропски и хуманистички интереси за обезбедување на мирот,  стабилноста, владеењето на правото и демократијата во Македонија и регионот, конкретните интереси ги гледам во настојувањата на големите сили долгорочно да ја обезбедат својата доминација во контролата над ова мало парче, но значајно парче земја,, особено со оглед на значењето на коридорот 10, кој го поврзува јужното крило на НАТО и една од најзначајните гео-стратешки позиции во светот –Грција, со Централна Европа и Северно-Европските позиции на НАТО. 

Голема забуна во разбирањето на оваа проблематика создава фактот што сите наши досегашни Влади биле повеќе или помалку ориентирани про-западно т.е. кон НАТО и ЕУ. Индицијалните факти  кои покажуваат одредени знаци дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ не е про-западно ориентирано, туку покажува сигнали на про-руска ориентација, може да бидат само делумно точни, така што, суштински не го менуваат фактот дека, сепак, тие не само декларативно, туку и фактички дејствуваат кон приближување и како партија и како влада кон западните структури. Меѓутоа, зошто тоа баш не им успева е друго прашање. Со оглед на тоа што проекциите на интелигентните служби не се ниту краткорочни, ниту среднорочни, туку  долгорочни, тие сакајќи за подолг временски период да ја осигураат својата доминатна контрола на оваа територија, не можат да бидат сигурни дали во некоја идна констелација на политичките сили и односи во Македонија, како и новата, идна позиционираност на големите светски сили во регионот и светот, имајќи ја предвид објективната тенденција на гео-стартешка реконфигурација, може да се случи да некоја идна Македонска Влада, составена претежно од етнички Македонци, заземе јасна про-руска ориентација и се поврзе со останатите држави во регионот кон идна пан-православна  трансверзала, која ќе доведе до доминантно влијание на Русија во Македонија и регионот.

Секако дека моќните надворешни фактори не можат да ги реализираат секаде и секогаш  во светот сите свои зацртани планови, без директна помош на нивните стратешки партнери и вештачки создадени мрежи од оранизации, медиуми и креатури на личности,  кои што ќе бидат подорганизатори и подизведувачи на терен, а  кои што тајно се координирани од страна на нивните главни инструменти -  интелигентните служби на најмоќните светски сили.

ФАКТОР: На какви стратешки партнери мислите поконкретно?

Проф. Лабовиќ: Видете, факт е дека за последните сто години Албанците од ниедна, формираа две свои држави, со отворени барања за две и пол држави, а понатаму, ако може и три држави. Проектот на Голема Албанија, иако има автохтона национална кауза уште од Призренската лига, мора да сфатиме дека не може(ше) да се реализира никако без поддршка на надмоќните западни сојузници. Тој проект не мора да биде остварен, како една држава - Голема Албанија, туку во разни други можни облици. Битно е преку албанскиот државно-политички фактор, западните сојузници да може да ги реализираат своите долгорочни гео-стратешки цели во регионот и пошироко. За тоа најпогодни долгорочни стратешки партенери им се Албанските кполитичари. Имено, тука не се работи за љубов, за поголемо сакање на Албанците или омраза кон Македонците. Се работи исклучиво за интерес. Во случајот имате двостран интерес со двострано најпогодни стратешки партнери за реализација на заеднички цели. Албанците за западните сојузници се најпогодни стратешки партнери затоа што тие целосно се разликуваатт по етничко, религиозно и јазично потекло од сите други народи на Балканиот (па и од Бошњачкиот народ, кој им е сличен само по конфесионалната припадност).

Оттука, преку редефинирање на уставниот систем и инаугурирањето на Албанците како конститутивна нација, без која што, како етнички колективитет, не ќе може да се донесе ниту една посериозна одлука во Македонија, западните сојузници ќе може долгорочно да ја обезбедат својата доминантна конролата на оваа територија. Од друга страна, Албанците го чувствуваат Западот, како свој природен заштитник во остварувањето на нивните национални интереси, затоа што не им одговара доминацијата на Руското влијание, кое многу поверојатно за стратешки партнери би ги избрало припадниците на народите со слично етничко и религиозно потекло. 

Во прилог на тезата, емпириски е потврдено дека особено верските разлики генерираат нетрпеливост и како такви најмногу влијаат, или поточно кажано, се инструментализираат за воените судири меѓу населенито во една или повеќе држави. Познато е дека државите со хетерогена етничка и религиозна структура многу потешко функционираат отколку државите каде што хомогената верска и етничка структура претставува фактор на кохезивност. Особено верската кохезивност како фактор се рефлектира и на функционирањето на воено-политичките сојузи и економско-политичките унии на микро и макро-регионален план. Познат е примерот на Турција, со мнозинско муслиманско население и нејзинот проблем на повеќе децениско чекање за прием во ЕУ, со мнозинско христијанско население. Иако, тоа официјално не се признава од страна на ЕУ, неофицијално и полуофицијално многу пати досега е јасно предочено.

НЕ Е ДОВОЛЕН ПРИБЕ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА

ФАКТОР: Како да се надмине јазот, омразата која последниве години предизвика оттуѓување помеѓу семејства, роднини, пријатели во име на партија и политика?

Проф. Лабовиќ:Сите наши интелектуалци, од најугледни до оние помалку познати, рецитираат, како папагали во хор дека само ПРИБЕ е основата за итните реформски приоритети. Македонија е во длабока  системска и политичка криза. Но излез секогаш има. 

Прашање е како да се надмине моралната и духовната криза која што ги зафатила токму елитните интелектуални кругови кои не можат да се одлепат од интелктуалното и морално сивило. Ако во овие кругови има криза, евидентно е зошто кризата е толку длабоко и широко распространета  во сите останати сегменти на општеството. Иако,“ПРИБЕ“ има целосно точни констатации и прифатливи препораки, сепак, “ПРИБЕ“ е најмалку десеторократно недоволен за излез од длабоката морална и системска криза, која перманентно и циклично генерираше во изминативе 25 години повеќе други помали или поголеми по обем и интензитет политички, институционални и безбедносни кризи. 

Мора да е нешто многу тешко болно во нашето општество - Македонско, кога никој за ова не се покренува макар и да праша, а камоли да отвори јавна дебата, во која ќе има рационална конфронтација на идеи, преку кои што единствено може да се дојде до подобар квалитет, а само подобриот квалитет носи развој. Инаку, ако сме за граѓански концепт, во мојата научна студија со околу 600 страни, на 200 страни е содржана СТРАТЕШКА ВИЗИЈА со премногу конкретни алтернативни предлог-решенија, особено за правосудниот и политичкиот систем, кои се најважните потсистеми во системот на владеењто на парвото. Оваа СТРАТЕШКА ВИЗИЈА, која требаше да ја направи МАНУ, не само што не е разгледана и поддржана од МАНУ, туку, најекспонираните академици и професори се обидуваат да ја скријат или целосно маргинализираат. Но, колку и да се обидуваат, не ќе можат да го сторат тоа, бидејќи со силата на аргументите засновани на логичкиот метод и неспорните емпириски факти, СТРАТЕШКАТА ВИЗИЈА за која зборувам, објективно споредена со сите други предлог-програми и концепти, е најдобриот репер  за реформските капацитети на секоја идна влада што ќе сака да се нарече вистински РЕФОРМСКА ВЛАДА.

ФАКТОР: Може ли да се наруши безбедноста и како да не дојде до тоа?

Проф Лабовиќ:  Тука ќе нагласам дека сите страни мора да направат отстапки, определени посуштински компромиси, за да дојде до мирен трансфер на власта, со оглед на дијаметрално спротивставените и прилично “бетонирани“ позиции. Ако за десетина дена не дојде до трансфер на власта, на било кој од можните начини, неизбежни ќе бидат нови странски посредувања за излез од политичката криза. Притоа, пак ќе потсетам дека ќе биде потребна многу повеќе од обична внимателност кај политичарите. Ќе биде потребно јасно и недвосмислено да се стави до знаење кај најшироката популација во Македонија, особено да се убедат оние партиски неопределените граѓани, дека нема ни во иднина да има дебата по најспорните барања од албанската платформа. СДСМ кога беше референдумот за територијална поделба излезе со девиза дека некои прашања не заслужуваат одговори. Сега треба да излезе со девизата дека не може да има дебата за прашања кои се насочени кон растурање на државата. Тоа особено треба да се има предвид бидејќи во Македонија дебатите се водат строго наменски насочено и партиски ограничено, затоа што многу погрешно, главни и единствени актери во политичкиот живот се сметаат партиите односно партиските експерти.  

Во услови кога Македонија е на најголемиот крстопат досега по 2001 година, потребно е и по формирањето на влада, ако премиерот понатаму, дури и кога би се создале услови за уставно мнозинство, има силни притисоци за реактуелизирање на дебата по спорните барања од албанската платформа, да најде начин да ги убеди коалиционите партии дека тоа е крајно неправедено кон македонскиот народ од причини што детално ги образложив погоре. Во крајна линија ако не може поинаку, треба да се распише реферундум на кој што сите граѓани на Македонија, ќе се изјаснат за спорните прашања. Според моите сфаќања за политиката, моралот и правдата подобро е да се растури таквата коалиција, отколку политичкиот лидер да биде фрлен на буништето на историјата и означен вечно како предавник на својот народ.

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица