02 Мај, 2024
0.0251

Интервју Петар Наумоски: Без притисок врз играчите ќе дојдеме до големи резултати!

Објавено во: Стил 20 Август, 2015

Добивај вести на Viber

Се ближи стартот на Европското првенство, успешен подготвителен период, реални амбиции или очекувања до плафон. Типично по македонски. Каде е тука Петар Наумоски?

Имаме уште повеќе од две недели до Европското првенство и тоа е сеуште голем период за припреми. Стартот на самите подготовки беше одличен, пред се анагжирањето и дисциплината на сите играчи уште на самите тренинзи, така да сите четири натпревари се одиграа на тоа ниво, потпомогнати со одличната желба и атмосфера меѓу играчите. Сета таа победничка еуфорија, на јавноста и даде за право да очекува големи дострели од овој состав. На турнирот во Литванија на првата средба против домаќинот одигравме одличен натпревар, каде што водевме во поголемиот дел, меѓутоа не издржавме до крај со одличната игра во одбраната. Следниот ден изгубивме од Турција и покажавме дека во два дена неможеме да одиграме на исто ниво, но тоа се сеуште подготовки и овие настапи против силни противници треба да ни помогнат да што поспремни отидеме во Загреб. На играчите не треба да им правиме притисоци за големи резултати, туку треба да им бараме максимална дисциплина, пожртвуваност, ангажирање и професионалност на секој натпревар и на тој начин квалитетно ќе се претстават на европската сцена, и ние секако ќе бидеме горди на тоа. Јас со ова мото растев и работев во мојата кариера.

Без оглед на исходот на Европското првенство, предизвикот за жешката директорска фотеља во МКФ создава притисок или остава конфор за терање на мандатот?

Исходот на европските првенства не зависат од претседателот, тој неможе да влијае на репрезентацијата со стручни совети, или пак да шутира тројки. Мојата работа е да работам на добрата атмосфера меѓу играчите, да барам одговорност од носење и претставување на националниот дрес, како и да изнајдам средства за целиот подготвителен период побаран од стручниот тим на репрезентацијата. Предизвик за водење на кошарката во Македонија имам, поготово кога ќе ги видите катастрофалните резултати во младинските категории и лошиот концепт и систем на работа со нив.

Финансиите се круцијално прашање во функционирањето на било кој спорт во Македонија. На краток рок финансиската неизвесност може да донесе резултати, повторно од тој наш инает. Долгорочното отсуство на стабилни финансиери може да значи голема кочница во развојот на македонската кошарка. Па, затоа се фативте ли во костец со обезбедувањето финансии во спортот кој последните години ни донесе многу радости?

Финансиите во сите национални федерации, освен во ФФМ се лошо поставени и се препуштени сами на себе, а сепак преку нив ја претставуваат нашата држава. Не смее да се дозволи да раководните лица во федерациите повеќе се занимаваат со финансии отколку со стручност. Молењето од фирма во фирма ги девалвира нивните функции, па затоа мора да се изнајде некое законско решение (земено од надвор) или пак да се подигне свеста за друштвена одговорност кај сите компании кај нас, како би можеле да спроведеме повеќе квалитетни проекти во интерес на спортот. Ова прашање заслужува внимание, затоа што спортот најбрзо и најквалитетно ја промовира државата надвор од нашите граници, а исто така тој е нашата радост и гордост.

Во овој контекст, имате ли свежи идеи како, освен од државните јасли – и доколку од таму ги има, стратешки за заврзете и посериозни спонзори од големите компании?

Никој од нас неможе да ги врзе поголемите компании да со сигурност помагаат во спортот. Секако дека ги контактираме и ќе ги контактираме, меѓутоа одлуката е нивна дали нивниот производ ќе го промовираат преку спортот или преку други маркетинг простори.

Мора да признаеме, во последниов месец како да се менува кон подобро транспарентноста и воопшто комуникацијата на челните луѓе на МКФ со јавноста. Нам ова ни изгледа како уште еден елемент плус во позитивната клима што се создава околу федерацијата. Станува збор на некаква стратегија или се само повремени проблесоци на отвореност?

Ние во федерацијата сакаме да работиме за кошарката затоа што таа на сите ни дала и ние треба да и вратиме, а не да се затвораме и да земаме уште. Затоа сме отворени кон секого, даваме прилики подеднакво на секој и примаме секакви сугестии и позитивни критики во интерес на кошарката. Пред нас предстои време каде брзо ќе ја докажеме желбата за подеднаквост на сите учесници во овој спорт и вистински фер плеј во раководењето на оваа федерација.

Да се вратиме на Европското првенство. Одиме со млад и просперитетен тим, што да очекуваме сега и во иднина од овие млади кошаркари?

Во овој момент резонот да се оди со млади кошаркари е повеќе него логичен, затоа што и да се оди со поискусен состав неможе да се направи поголем успех. Затоа нашата интенција е да се носат млади кошаркари за кои ова првенство ќе биде од огромно значење и веќе наредното ќе бидат спремни за борба. Мора да признаеме дека репрезенатциите во нашата група се исклучително квалитетни и силни, респект према сите противници секако, меѓутоа инфериорност и предавање НИКОГАШ и НИКАКО. Треба да им дадеме можност на овој млад состав, да настапуваат заедно барем во две квалификациски групи и првенства, како би можеле да го видиме нивниот напредок и можноста да се приближат кон големиот успех од 2011.