26 Април, 2024
0.0269

Исплатата на субвенциите закочена, се чека новата Влада

Објавено во: Агробизнис 26 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

Исплатата на земјоделските субвенции за 2016 година веќе четери месеци е стопирана поради изборниот циклус. Со распишувањето на предвремените парламентарни изборни што се одржаа на 11-ти декември лани согласно Изборниот законик се стопираше и исплатата на субвенциите. Но изборите поминаа, исплатата не продолжи. Сега повторно законски се чека прво да се формира новата Влада па тогаш да се продолжи и исплатата на субвенциите за 2016-та. Ова е втор пат за седум месеци да се стопира исплатата. Првиот пат лани кога се закажаа па се одложија предвремените парламентарни избори во јуни, а потоа поради изборите кои се одржаа на 11-ти декември минатата година. Земјоделците велат дека знаат законски не смее да се исплаќаат субвенции додека не се формира новата Влада, но се револтирани што претходно не се исплатиле барем субвенциите за клучните земјоделски гранки.  

„Они знаеја дека на 11-ти декември ќе има избори, зошто претходно не ги исплатија? Ние знаеме дека законски не може сега и за време на избори и кампања, но се прашуваме како тогаш актуелнава власт може да се задолжува кај банките и да зема пари за непродуктивни работи? Ние сега зависиме практично од тоа кога ќе се формира новата Влада. А што ако во догледно време не се формира, што ако има избори, што ќе правиме тогаш? Годинава има и локални избори значи пак ќе стопираат со исплата и кој знае кога ќе ни ги исплатат. Нас тие субвенции ни се потребни за  производството, да се покријат веќе направените трошоци. Нас ни беа потребни поради претрпените штети во производството од ниските температури и од снегот од кој се унштија цели конструкции на пластениците. Ние сме единствената гранка која произведува и тие не можеа да смогнат сили да ни ги исплатат претходно иако го знаеја датумот за избори.Според моите информации не се исплатени голем дел од субвенциите за растително производство. Се ова ќе влијае на производството, а ќе има помало производство и ќе трошиме повеќе пари за увоз“, вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделци.

Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека субвециие им се потребни на земјоделците,но оти законите треба да се испочитуваат.

„ Од Министерството за земјоделство кога прашавме ни кажаа дека законски не може сега да се исплаќаат субвенциите односно дека треба да чека да се формира новата Влада. Сите знаеме дека на земјоделците им се потребни овие субвенции, но законот вели дека не може сега да се исплаќа, не ни преостанува ништо освен да чекаме да се формира новата Влада“, вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, посочуваат дека поради изборниот циклус и исчекувањето на новата Влада роковите за исплата се пробиени.

„Согласно Изборниот законик исплатата на субвенции се запира 20 дена пред почетокот на изборната кампања односно 40 дена пред денот на изборите, па се до формирањето на нова Влада по изборите. Од тие причини не сме во можност да вршиме исплати сеуште, ниту пак бевме во можност да го почитуваме Календарот на исплати“, велат од Агенцијата.

А токму земјоделците како најверно гласачко тело и исплатата на земјоделските субвенциите и во овој изборен циклус беа во фокусот на програмите на двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. И двете партии ветуваа милионски суми за поддршка и развој на земјоделството. ВМРО-ДПМНЕ лицитираше со 600 милиони евра за директна поддршка за земјоделството за четери години, а СДСМ ветуваше 640 милиони евра за четери години.

Од субвенциите за 2016 година исплатени се 34,1 милиони евра

Од вкупната сума предвидена за директни плаќања во земјоделството за 2016 година во износ од 89,7 милиони евра, досега се исплатени нешто повеќе од 34,1 милиони евра.

„Од Програмата за 2016 та исплатен е тутунот, дел од поледелските култури, дел од лозовите насади, млекото и штетите од поплавите во вкупна сума од  2.100.000.000 денари“, велат од Агенцијата.

Со Програмата за директни плаќања во земјоделството за 2016 година, првично беа планирани 102,7 милиони евра, но потоа со ребалансите на Буџетот, сумата се скуси на 89,7 милиони евра. За оваа година за директни плаќања се предвидени од 99,4 милиони евра. Но, дури 44,3 милиони евра, ќе бидат за заостанати исплати од претходните години. За Програмата за рурален развој за следната година се предвидени 36,5 милиони евра. Анализирано од 2007 година досега годишно се издвојуваат стотитици милиони евра за поддршка на земјоделството. Но податоците покажуваат дека планираната сума за директна поддршка на сите земјоделски гранки без руралниот развој, не може во целост да се искористи. Така според податоците од Националната стратегија за развој на земјоделството 2014-2020 година,  околу 30% од планираните средства со Буџетот во некои години не се исплаќале комплетно. Податоците покажуваат дека освен во 2008 и во 2009 година кога целата планирана сума била исплатена, во годините подоцна реализацијата е помала од планот.  Светска банка во еден од извештаите нотираше дека и покрај тоа што сумата за субвенциите се зголемува, ефектите се слаби поради погрешната распределба но и дека  исплатата на субвенциите посебено се интензивира пред секои избори.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади