Истрагата за „Таргет“ открива како се изнесени материјали од УБК
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2016
Специјалното јавно обвинителство на денешната прес конференција на која претставија детали од истрагата „Таргет“ поврзана со незаконското прислушкување открија и како од УБК биле изнесени транскрипти и аудио снимки.
– Ваквите (незаконски, н.з.) дејствија биле забележани од лице вработено во УБК, кој прибавил дел од транскриптите што ги правеле овие осомничени, а воедно прибавил и дел од аудио записите на незаконски следените комуникации. Овие аудио записи и транскрипти лицето вработено во УБК, ги предавало на друго лице, а крајно преку трето лице биле предадени на лидерот на една политичка партија, кој на 30.12.2015 година ги предаде на ова јавно обвинителство – посочи обвинителката Фатиме Фетаи.
Во истрагата „Таргет“ осомничени се 10 припадници на УБК меѓу кои и високи функционери и се претпоставува дека биле прислушкувани над 5000 лица од различни профили како политичари, новинари и општествени работници.