Иванов го откажа Брдо-Бриони: Не можам да дојдам, ми завршува мандатот
Објавено во: Балкан 09 Мај, 2019
Претседателот на Македонија во заминување, Ѓорѓе Иванов, упати писмо до лидерите на Процесот Брдо-Бриони кој се одржува во Тирана за да им каже дека нема да дојде бидејќи неговиот мадат е пред самиот крај. Иванов на 12 мај ќе ја предаде функцијата, а на истиот ден е инаугурацијата на новоизбраниот шеф на државата Стево Пендаровски, кој победи на претседателските избори на 5 мај.
Иванов им се заблагодари за поканата за учество на овој состанок во Тирана, и рече дека нема да може да учествува на состанокот на кој денеска присуствуваат сите претседатели од земјите од Западен Балкан, но и на Хрватска и Словенија.
„Поради исклучително краткиот период пред крајот на мојот претседателски мандат и инаугурацијата на новиот претседател на Република Македонија, за жал не можам да учествувам на овој многу важен собир“, вели Иванов во неговото писмо.
На Самитот, кој се организира под покровителство на претседателот на Албанија, Илир Мета, присуствуваат претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорак Додик и Шефик Џаферовиќ.