04 Мај, 2024
4.1061

ИЗБОРНИ КАЛКУЛАЦИИ Ќе гласаме ли напролет и за претседател и за пратеници?

Објавено во: Анализа 09 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Сите се острат, заземаат гард за пресметка, но никој се уште со сигурност не може да се обложи дека ќе дојде до двојни избори напролет? Во кои заедно со гласањето за нов шеф на државата,  би требало да се бира и нов состав на Парламентот. Трет пат по ред предвремено, ако се земат предвид изборите и во 2008 и во 2011 година. Или, пак, тоа можно е да стане “невозможна мисија“, а граѓаните ќе излезат само за да го изберат петтиот по ред претседател на Македонија од нејзината независност.

Има многу индикации кои и денеска би ја поткрепиле тезата за забрзана подготовка за изборно соочување

Владејачката партија е во континуирана потрага по странски ианвестиции. Премиерот Груевски и неговите соработници штотуку се вратија од Лондон и Париз, каде што бараа заинтересирани дел од својот капитал да го пренесат на наше тло. Во угледните Форбс и Фајненшел Тајмс, во тек е кампања за Македонија како одлична дестинација за идни вложувања. Се најавува и нов инвестициски циклус кај нас – во здравството, образованието, медиумите се преплавени со отчет колку досега е направено.Огласи на секој чекор за вработувања во администрацијата. Парлалелно, раководството  на ВМРО-ДПМНЕ држи трибини низ градовите.

И опозицијата ја крстосува Македонија – дневно во најмалку три општини, каде ја образложува својата нова програма што треба да ја промовира до крајот на годинава. Се понудија мерки со кои, како што велат од Бихаќка, ќе ја враќаат изумрената средна класа. Мерки, кои ја заинтригираа јавноста и, може слободно да се рече, ја натераа власта да се мобилизира за да одговори.

Во прилог на ова е и изјавата на лидерот на ВМРО - Народна и експремиер Љубчо Георгиевски дадена викендов од Струмица, каде имаше состанок на највисокото тело на оваа партија. Цврсто е уверен дека претстојат двојни избори. -  Следејќи ги реакциите на главните политички партии, скоро е јасно дека напролет ќе има предвремени парламентарни избори. За таа цел ние ги утврдивме појдовните мерки и активности за активирање на нашето членство на локално и на државно ниво, вели Георгиевски, според кого ВМРО Народна и понатаму е трета партија во македонскиот политички блок и адекватно на тоа, очекува да биде застапена во Парламентот.

Со него се согласува и Никола Спасов од Агенцијата Рејтинг. За Фактор вели дека ако се суди според она што го прават партиите во македонскиот политички блок, може да се каже дека предвремени избори се очекувани.

И двете најголеми партии се во кампања. Опозицискста СДСМ активно ја промовира програмата на терен додека ВМРО ДПМНЕ ги засилува владините кампањи, како и негативната камапања против Заев. Дополнително, преку низа популистички мерки и вработувања се чини дека се подготвува за избори. Оттаму, мислам дека е многу можно да имаме двојни избори напролет. Останува само прашањето кој ќе биде поводот за тие избори и како потребата од нив ќе се оправда, нагласува Спасов.

Тезата дека на Македонија во март-април 2014 година ќе и се случат и претседателски и парламентарни избори никогаш јавно не беше потврдена. Ако ги прашате во владејачката партија, тие официјално секогаш ќе ви дадат идентичен одговор – во партиските органи не е расправано на оваа тема. Но, оние што себе си се сметаат за добро упатени во политичките случувања – барем досега беа подготвени да се обложат дека таа е реално остварлива. И што е уште поважно, тврдеа дека е високо на агендата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Која на таков начин ќе си обезбеди уште четири години мандат, ќе ја зацврсти позицијата, а не се малку тие што посочуваат дека е способна, како и во 2008, да стигне до апсолутно мнозинство во парламентот.  Се споменува дури и варијанта – тие да се одржат на вториот круг од претседателските избори, со што, што би рекол народот, со еден куршум би се убиле два зајака – и ќе се обезбеди цензус за претседател и ќе се анулира зависноста од негов избор исклучиво од гласовите на Албанците.

Дури и Груевски, кон крајот на август годинава кога кулминираше кризата со Извештајот на ад-хок Комисијата за 24 декември, ја повика опозицијата – или да го изгласа, или да излезе на избори. Понуди и конкретен датум -13 октомври. Новоизбраниот лидер на СДСМ Заев тогаш ја оби понудата – повикувајќи го Груевски на суштински измени во изборните правила, па дури потоа изборен мегдан. Нешто подоцна, од ДПА излегоа информации дека имало понуда од власта за распуштање на Собранието токму во тие денови, но од принципиелни причини ја одбиле, затоа што, како што образложија не сакале да влегуваат во политичко-математички изборни калкулации.

Токму тука е клучот – по се изгледа власта се уште ја нема во раце бројката од 62 пратеници кои се доволни да се изведе операцијата “предвремени избори“. А, која мора да се реализира најдоцна непосредно по божиќните празници, доколку се сака да се фати тајмингот на редовните претседателски. Меѓутоа, пресудни се Албанците, пред се партнерот во власта – ДУИ.

Без Албанците не се можни предвремени избори, освен ако нив не ги поддржи СДСМ, што не е за верување. А, тие (Албанците) во овој момент не се заинтересирани за такво нешто. Затоа што најважното прашање за нив – евроатлантските интеграции со избори може да се загрози или во најмала рака да стагнира уште некој период, вели за Фактор политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Според кого, за овој став и ДУИ и ДПА се координирани со меѓународниот фактор. Кој пак, смета дека проблемите треба да се решаваат сега, а не да се оди на избори. Дополнително, иако за ова нема официјална потврда, се зборува дека мнозинството граѓани во интерните анкети икај владејачките и кај опозициските партии, во мнозинство се изјасниле дека се против уште едни предвремени парламентарни избори.

Денод Д сепак, е Советот на министри на ЕУ што треба да се одржи за околу две недели. Не за тоа каква ќе биде одлуката за Македонија за почетокот на преговори, бидејќи е извесен негативен исход. Туку, како на тоа ќе реагираат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и, потоа како ќе се однесува албанскиот политички фактор.  ДУИ може да се најде во незгодна ситуација, затоа што целата нејзина дипломатска офанзива на која таа полагаше големи надежи, практично би доживеала фијаско. Бидејќи засега нема поместување на позициите за спорот за името – клучното прашање за интеграциите, а не пак, на повидок да се гледа излез за него. Дополнително, премиерот Груевски, вели дека состојбата е влошена во последните 18 месеци. Што значи, дека ДУИ ќе биде натерана да признае пред сопствениот електорат дека пропаднал нејзиниот адут заради кој ја побара довербата.

Од друга страна, признанието дека системот е блокиран, не значи дека по дефиниција мора да се оди на избори, затоа што тоа сме го тестирале повеќе пати досега. Впрочем доволен пример се претходните два изборни циклуса, кои не помогнаа да се одблокираат евроинтеграциите. И ,веројатно ова ќе биде клучниот аргумент на “интегративците“, наспроти можниот засилен притисок од партнерот во власта дека изборите се единствен излез, вели Муслиу.

Но, неизвесноста од пролетни парламентарни избори, не значи дека тие не би можеле да се одржат подоцна, во текот  на годината и повторно пред редовниот термин што доаѓа во 2015 година. – Се зависи од резултатот на претседателските избори. Ако на пример, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ загуби, тогаш се отвораат многу комбинаторики, потенцира овој аналитичар. Во прв ред, можноста опозицијата тогаш да побара преиспитување на легитимитетот на партиите од власта, осоколена од евентуалниот успех на претседателските избори. Уште наесен 2014 година, 7-8 месеци пред редовниот тајминг. Сите опции се отворени.

Ф.Л.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад