13 Мај, 2024
0.2496

Извозот расте, но нема зголемување на лозовите насади

Објавено во: Агробизнис 14 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Денеска е празник на лозарите, се закројува лозјето, почнува новата лозарска година. Лозовите насади во земјава се застапени на околу 21.000 хектари, што е намалување во споредба со 2007 година кога површните под лозје зафаќале близу 25.000 хектари. Од извозот на вино лани во буџетот се слеале 50 милиони евра, што е за 24 % повеќе од претходните години. Македонија сè повеќе е препознатлива како винска земја, иако сè уште е далеку од местото кое навистина и припаѓа, вели во интервју за Фактор, проф.д-р Михаил Петков, од Катедрата за винарство и лозарство при Факултетот за земјоделски науки и храна. Фактор: Лозарството е една од извозно ориенираните земјоделски гранки. Како ја оценувате моменталната состојба во овој агросектор? М.Петков: Иако извозот на свежо грозје во последните години има пораст, сè уште нема нагло зголемување на насадите со лозја, што се должи на фактот дека сè уште има недовршени работи околу откупните и пакирните центри, кои се неопходни за непречен и квалитетен извоз на трпезното грозје. Во меѓувреме новите насади се подигнати од сорти кои се атрактивни за пазарите, како дел од безсемените сорти. Што се однесува на насадите од вински сорти, засега повторно стагнира производството, дури може да се забележи и одредено намалување на производството и покрај зголемената побарувачка од винарските визби. Воведувањето на одреден ред во откупот и обврската за плаќање во одреден рок, ги смирија тензиите околу откупот и се очекува да се зголеми производството. Исто така не би требало да ги заборавиме и субвенциите кои ги добиваат лозарите со што лозарското производство станува поатрактивно. Фактор: Последните податоци покажуваат зголемување на извозот на вино, на што се должи тоа? М.Петков: Во текот на последните години многу се подобри квалитетот на произведеното вино, што се должи на воведување на новите техники и технологии од винарските визби. Истовремено и Македонија сè повеќе е препознатлива како винска земја, иако сè уште е далеку од местото кое навистина и припаѓа, па и тоа овозможи да се зголеми и количината како и бројот на земјите каде се извезува виното. Фактор: Сепак во делот на извозот, и понатаму поголеми се количествата на извезено наливно вино во споредба со извезеното флаширано вино. Како да се намали разликата и да се зголеми извозот на флаширано вино? М.Петков: Зголемувањето на извозот на финализирано и пакувано вино е долготраен, тежок и скап процес. Подобрувањето на квалитетот и имиџот на македонските вина го помага овој процес, како и зголемениот интерес на државните органи, и асоцијациите на лозари и винарии да се претставуваат на меѓународните саеми и презентации, ќе помогнат многу во овој процес, но реално не можеме да очекуваме некој бум. Ова е спор процес и ќе мора континуирано да работиме на него и да го издржиме. Фактор: Каква е состојбата со промоцијата на македонското вино во странство, дали сметате дека маркетингот е клучен за зголемен извоз? М.Петков: Сигурно дека маркетингот игра огромна улога, заедно со првенствената работа која се однесува на производството на вино, а тоа е квалитетот. Со правилна стратегија која треба да има консензус од сите производители без разлика на нивната големина, мора да дојдеме до момент кога на потрошувачите од светот ќе им биде предизвик да пробаат македонско вино и се надеваме дека ќе продолжат и да го консумираат. Без правилен маркетиншки пристап може да ни се случи да изгубиме многу време и пари што може да биде погубно за иднината на винарството и лозарството во Македонија. Фактор: Дали сегашните субвенции за лозарството се доволни за развој на оваа гранка и како треба државата да ја помага оваа земјоделска гранка? М.Петков: Засега субвенциите помагаат доста во производството на грозје, како од вински така и од трпезни сорти. Но меѓутоа, секогаш може и подобро, така што во фаза се одредени преговори и договори меѓу владата и производителите, па се очекува да во најкратко време се договорат одредени измени кои ќе овозможат порационално и поконкретно субвенционирање на производителите на грозје. Фактор: Во делот на исплатата на грозјето и договорите што лозарите ги имаат со винариите, може да се каже дека работите се стабилизираат. Но сè уште има фирми кои им должат на лозарите. Колку таквите состојби влијаат врз развојот на оваа гранка? М.Петков: Секако дека тоа има негативно влијание. Никој не би сакал да го даде производот а да не може да го наплати. Се надевам дека многу брзо ќе се воведат мерки за финансиска дисциплина, која ќе помогне во надминување на овие негативни појави. Фактор: Ако се погледнат статистичките податоци за лозовите насади, според пописот од 2007 година, под лозје има 24.548 хектари, а според последните податоци површините се намалени на 20.164 хектари. Каква е реалната состојба со лозовите насади и како да се искористат климатските и почвените потенцијали за развој на оваа гранка? М.Петков: Моменталната ситуација е дека последните години Македонија располага со околу 21.000 хектари под лозови насади. Постоечката реонизација не се темели на почвено-климатските услови, агробиолошко-технолошките карактеристики на сортите и агроекономските услови за производство. Сегашната состојба создава проблеми во документациите, ниска афирмација на виногорјата, намалени производно-технолошки потенцијал на сортите и слично. За подобрување на ситуацијата неопходно е да се изврши утврдување на лозарски единици; климатско зонирање; реонирање на сорти, афирмација на специфични лозарски единици, утврдување на квалитетот на виното според локацијата на потеклото на грозјето. Фактор: Сортиментот и староста на лозовите насади беа еден клучните проблеми, каква е сега состојбата? М.Петков: Не би можеле да кажеме дека ситуацијата сега е многу подобрена. Недоволната обнова на лозовите насади не може многу да ја подобри ситуацијата. Во однос на сортиментот има подобрување, меѓутоа тоа и не е еден од најбитните проблеми. Кај нас се застапени скоро сите поважни меѓународно познати сорти, но и користењето на автохтоните и одомаќинети сорти ни овозможува многу сериозно да настапиме на светскиот пазар. Понатаму, би требало многу повеќе да се зафатиме и со развојот на расадничкото производство со што ќе си овозможиме квалитетен саден материјал. Фактор: Колку е важна помошта од науката, во одгледувањето на лозјата и производството на вино? М.Петков: За развој на еден сегмент од било кое производство неопходно е да има блиска врска меѓу производителите и науката. На тој начин се овозможува сите научни сознанија брзо да се имплементираат во производството и на најбрз можен начин производството да стане конкурентно на пазарот. Катедрата за лозарство и винарство при Факултетот за земјоделски науки и храна, членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, традиционално е партнер на повеќе производители на грозје и вино, со кои имаме добри односи и за кои верувам дека има резултати кои се очигледни. Воведувањето на нови методи во одгледувањето на лозјата, испитување на нови сорти, како и воведување на технологии во производството на вино, создавање нови типови вина се од особена важност за производителите, а со самото тоа и подобрување на квалитетот на произодите и конкурентноста на пазарот. За жал, поголем број од производителите најчесто не консултираат откако ќе ги искусат проблемите, а тогаш веќе е многу тешко и скапо да истите се исправат. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?