29 Април, 2024
0.0274

Каде се откупува достоинството?

Објавено во: Стил 13 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

После ерата на никнување банки како печурки после дожд, дојде ерата на земање кредити. Потоа дојде ерата на кризата. Таа уште трае. Но, сега дојде уште една ера: златна. Мислам, логично му доаѓа да се почне со отварање објекти во кои вршат откуп на злато. Па мораме некако да ги отплатиме оние кредити, жими мајка. Нема валјда од платата, која не е доволна да покрие се што земавме ветувајќи дека ќе им го вратиме на оние печурки од почетокот на приказната.

И да се знае: нема да се занимаваме со оние кои имаат плата доволна за да ги подмират трошоците, ниту оние на кои им е одвишок, а капиталот им се зголемува. Овде се работи за обични и просечни, значи за оние под просек. Значи, се работи за оние кои земале кредит и го враќаат, за разлика од некои „бизнисмени“. А откаде да го вратат, ако не од продажба спомени на кило, пардон , на грам? Откаде, ако не од опростување од семејниот накит?

Во инвазија на овие објекти, прво што му падне на памет на човек кога види голем натпис ОТКУП НА ЗЛАТО е ужасна економска криза.

Дошло до таа мерка да повеќе немаме од што да ги платиме сметките. Ратите за кредит.

И наместо сега, во таква ситуација, кога на народот му треба помош, да се занимава со сива економија и напрега мозокот каде оди толку откупено злато, и зошто на многу такви фирми не им се истакнати податоците за сопственикот на фирмата? Ма, кој уште да се замара со прашањето како успеваат да опстанат чесните златари, обчени, регистрирани и определени за таа работа која денес е и тоа како ризична и стресна. Среќа што уште постојат веридби, свадби и крштевки. Иако како што тргнало не би не чудело воопшто обичаите на дарување да се заменат со  блогороден метал.

Секако да меѓу луѓето кои доаѓаат да продаваат накит или дијаманти има разни. По правило откупот би требало да се врши со лична карта и не на лица помлади од 18 но тогаш би се намалил приливот на муштерии па на откупучаите (оние без име и презиме во излогот) им оди помалку во џеб.

Децата крадат накит од родителте, снаите од свекрвите, зетовите од бабите. Домашни крадци. Мислам каде сте виделе да зет бара од баба си кеса со накит да оди да го стопи? Поверојатно е дека ќе го украде бидејќи бабите тешко се откажуваат од спомени, а зетот во себе ќе се правда: „Таа се наживеала, а јас немам леб да јадам“. А тука се и професионални крадци, кои крадат од златара, па тогаш го носат пленот во „откуп“. Мора и тие да живеат од нешто. Наркомните мора од нешто  да купат дрога.

Како и да е, оправдание не постои. Но секако, постои огромна огорченост на државата, на системот , на водачите, на полицијата, на тајкуните, и останатите „лопови“ кои не ни даваат да здивнеме, а камоли да дишеме.

Додека тие го вдишуваат воздухот со полн капацитет на белите дробови.

Тага ме обзема кога замислам мајка, чесна граѓанка, која за да им купи на децата да се најадат и облечат оди во „откуп“ скршена, понижена и и се правда на вработената , како, ете златото повеќе не и треба, слабо го носи, ѕида куќа ... А после плаче над сите оние срциња и потковички кои на детето ги ставила под перница за среќа. Среќата не е ниту во парите, ниту во златото, но гладен и должен тешко дека може да ја пронајде.

Бидејќи достоинството не може да се купи, драги водачи, господа, супермени, можете ли вие некако да ни го вратите? Бидејќи немаме со што да го ОТКУПИМЕ. Немаме ниту идеја како. Ви пружаме рака од жива кал, фатете ја, можеби некогаш барем малку ќе бидете горди поради тоа.

И.Р

Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти