26 Април, 2024
0.0259

Како Груевски бара ново СЈО кога тоа на Јанева е неуставно?

Објавено во: Анализа 30 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Вчерашниот постизборен говор на Никола Груевски навистина звучеше како на политичар кој нема никаква допирна точка со реалноста и тоа што навистина му се случува него на терен и на самата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што вчера Груевски побара да се формирало ново Специјално јавно обвинителство кое ќе работело исклучиво на изборните нерегуларности нема никаква политичка логика, па дури е и смешно поразително да се слушне од устата на екс премиерот.

Како Груевски има лице да бара ново СЈО кога тој и неговата партија упорно тврдеа дека Специјалното јавно обвинителство кое го води Катица Јанева дека е неуставно. Секако, самата партија најпрво гласаше за формирањето на СЈО во Собрание како дел од Пржинскиот договор за надминување на политичката криза, но потоа преку своите бројни сурогати низ медиумите тврдеше дека истото е неуставно. Затоа беше поведена и иницијатива за оценување на уставноста на СЈО која Уставниот суд никогаш и не ја доврши. Да потсетиме и дека аболицијата на претседателот Иванов за политичари, нивни соработници и сведоци кои беа предмет токму на СЈО предизвика масовни протести бидејќи беше доживеана како голема неправда додека пак апологетите на ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се обидуваа да го одбранат „Хорхе“.

Груевски побара да се формира специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување на изборните нерегуларности од изборите во 2016 и изборите во 2017 година, како и на наводната злоупотреба на целокупниот државен апарат во изборни цели за овие избори. Ваквите барања на Груевски тешко дека ќе добијат поширока поддршка од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се погазување на се што партијата се трудеше да го прикаже како процес на странско влијание преку дипломатите со постигнатите пржински договори кои го принудија да „абдицира“ како премиер, да прифати формирање на СЈО, техничка влада, смена на директори на јавни институции и одење на избори во декември лани по однапред утврдени услови. 

Сега Груевски сака да ја сврти топката со искористување на истиот модел, но тоа не соодвествува на реалноста бидејќи наведените институции се променети и изборите се одржаа според истите правила. Овој негов потег повеќе наликува на одолговлекување од предвидената разрешница на состојбата во ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е негова оставка и сериозни реформи кои ќе доведат до промена на перцепцијата кај народот за партијата која никако да стане скромна и да прифати пораз.

Автор: Христијан Станоевиќ