07 Мај, 2024
0.0254

Како по бриселскиот неуспех?

Објавено во: Анализа 19 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Разочарувачкиот исход од Брисел ја смести Македонија на опашката на Западен Балкан. Ако пред десетина години бевме предводници на земјите од Западен балкан денес една деценија подоцна, Хрватска е веќе во европското семејство, Црна Гора веќе преговара, Србија на 21 јануари почнува со преговори, а Албанија се поизвесно во јуни ќе добие кандидатски статус. Што се случи со нас, како стигнавме до овде. Фактор консултираше дел од домашната експертска јавност.  Ова веќе не е шлаканица, туку бомба, меѓутоа би рекол очекувана бомба, ова е првичниот коментар на универзитетскиот професор Мерсал Билали. „Сега многу јасно Брисел ни соопшти дека не е проблем само името. Вие ако ги видете заклучоците ќе нотирате дека проблем во државата се и администрацијата, медиумите, судството, меѓуетничките односи, собраниските инциденти од 24 декември 2012 година. Во споредба со лани годинашнава порака од Брисел е десет пати полоша од последната. Овој пат дури не се ни спомена дека ќе се навратат на Македонија во првата половина на идната година, како што беше пракса до сега. Ова значи дека сега ќе бидеме под строг мониторинг околу тоа како ќе продолжиме сега, што ќе сработиме, затоа што ќе имаме многу задачи. Во нормална држава, во една ваква ситуација премиерот поднесува оставка, кај нас за тој поим не знаат што значи“, вели Билали за Фактор, упатувајќи сериозни критики за работата на власта. „Воопшто не верувам дека Владата не знае што прави. Очигледно е дека оваа структура не сака да ја однесе Македонија во НАТО и ЕУ и со проектот Скопје 2014 година ја минира евроинтегративниот процес“, вели Билали. Компромис околу името не треба да има За Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, новото разочарување од Брисел е поради името, а земјата и по цена на застој во евроинтегративните процеси не треба да и попушти на Грција. „Компромис околу името не треба да биде цената која Македонија треба да ја плати за отпочнување на преговорите со ЕУ. Но, ќе видиме можеби имаме и други видувања во нашиот спектар. Доколку сега се попушти во оваа точка, тогаш се отвора еден вид на пандорина кутија каде што секој сосед и секој оној кој во ЕУ е заинтересиран од Македонија да бара некои непристојни услови за нас “, изјави Боцевски. Препораката виси на конец Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, смета дека земјава се соочува со сериозни проблеми кои не одалечуваат од европската агенда.
„Препораката виси на конец, нешто не е во ред. Македонија постојано паѓа на листата, сите се пред нас. Ако се гледа целата структура ќе се забележи дека прво се нотирани проблемите, а потоа е ставена препораката“, вели Ристевска.
Реакции по бриселското разочарување Секретаријатот за европски прашања преку соопштение го поздрави заклучокот на Советот на ЕУ дека Македонија доволно ги исполнува политичките критериуми за членство во ЕУ, но жали за неговата одлука да не ја прифати препораката на Европската комисија за започнување на преговорите петти пат по ред, бидејќи не бил постигнат консензус од страна на сите земји членки.
„Иако не е замена за започнување на преговорите, Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) е важна платформа за Македонија да продолжи во нејзиниот пат кон европската интеграција“, објаснува Фатмир Бесими, заменик Претседател на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања.
Опозиција: Македонија тоне „Владата на Груевски, целосно ја покажа сопствената неспособност и индеферентноста да поправи нешто во изминатите два месеци за да го подобри аспирантскиот статус на државата. Со неговата нервозна и цинична порака кон Европскиот совет, настојува да го префрли неуспехот на неговиот недржавнички и недемократски метод на владеење на сметка на Брисел“, изјави Нано Ружин од ЛДП, кој смета дека, оваа влада не е способна да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО. Еврокомесарот Штефан Филе изрази загриженост „Не ја кријам загриженоста во однос на БЈР Македонија. Имаме надеж дека осигуривме договор за нов пристап кон ЕУ-посветеноста во оваа змеја. Советот одлучи да се врати на ова прашање на база на ажурирање од страна на Европската комисија за понатамошниот прогрес во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), вклучително и на имплементација на политичкиот договор од 1 март и на опипливите чекори преземени за промовирање на добрососедските односи. Имаме надеж дека земјата ќе ги искористи следните месеци за да напредува во реформите и работата со сите партнери за да излезе од статус-кво ситуацијата. Следниот чекор на европскиот пат може биде преземен наскоро“, порача Филе. И.М  

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад