02 Мај, 2024
0.0323

Кампања за подигнување на свесноста за мирно решавање на работните спорови

Објавено во: Стил 10 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Лиценцирани помирувачи и арбитри ќе помагаат за мирно решавање на работни спорови, а за таа цел се организира кампања во насока на информирање на јавноста, а особено работниците и работодавачите во земјата за придобивките од користењето на воспоставениот механизам за мирно решавање на работни спорови.

Неопходните информации за тоа како да се искористат придобивките од новиот систем ќе бидат пренесени преку ТВ и радио спотови, како и преку соодветен леток кој ќе биде поставен на интернет и во дневниот печат. Заинтересираните можат да добијат подетални информации и директно во Министерството за труд и социјална политика, кое ги извршува сите стручно-административни работи поврзани со постапката на мирно решавање на работните спорови. Исто така, во рамки на ова министерство е воспоставен електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што треба да се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување. „Благодарение на поддршката од Европската Унија и Меѓународната организација на трудот, воспоставен е систем со кој се создаваат реални предуслови за имплементација на законот кој треба да овозможи побрзо, поефикасно и финансиски поисплатливо вонсудско решавање на колективните и индивидуалните работни спорови. На ваков начин, нашата земја добива шанса да фати приклучок со останатите земји во Европа, а истовремено и да ја поправи оценката од најновиот извештај на Европската Комисија за остварениот напредок во примената на легислативата во оваа сфера“, изјави министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски. Воспоставување на систем за мирно решавање на работни спорови е една од трите компоненти на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, чија цел е обезбедување техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјалниот дијалог. Проектот е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, преку канцеларијата за Централна и Источна Европа. „Како резултат на огромното залагање и одличната работа на сите партнери вклучени во реализацијата на проектот, земјата доби нов механизам кој треба да им овозможи на лиценцираните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка за мирно решавање на работните спорови, од што полза ќе имаат пред сè работниците и работодавачите, но и земјата во целина“, изјави директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози. Мирното решавање на работните спорови, кои можат да произлезат од колективните договори, како и индивидуалните спорови поврзани со отпуштање од работа или неисплата на плата, е регулирано со посебен закон кој стапи на сила од почетокот на оваа година. Основната цел на законот е да им овозможи на работниците и работодавачите, преку соодветна доброволна вонсудска постапка, со помош на помирувачи, односно арбитри, да изнајдат заемно прифатливо решение за можните спорови кои ќе ги задоволат нивните потреби и барања. Согласно законот, целокупните оправдани трошоци за спроведување на постапките за мирно решавање на работните спорови ги покрива Министерството за труд и социјална политика.