КАТАЛОНИЈА ИЛИ ШПАНИЈА: На чија страна е Ангела Меркел?
Објавено во: Свет 09 Октомври, 2017
Германската канцеларка, Ангела Меркел e против поделба на Шпанија и независност на Каталонија.
Таа му даде поддршка на шпанскиот премиер Маријано Рахој. Рече дека се залага за единствена Шпанија, но и ја посочи потребата од дијалог.
Ова доаѓа само ден пред спорната седница на каталонскиот парламент, на која треба да се обрати претседателот Карлес Пучдемон, кога се очекува да прогласи независност на регионот. Уставниот суд на Шпанија го забрани одржувањето на оваа седница.
Меркел дискутирала за кризата во Шпанија и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
„Таа разговараше со двајцата за моменталната ситуација во Шпанија и даде поддршка за единствена Шпанија. Меркел се залага за засилување на дијалогот помеѓу двете страни, колку што дозволуваат тамошните закони“- изјави портпаролот на германската влада.
Претходно, и Франција официјално соопшти дека нема да ја признае независноста на Каталонија, која со овој потег веќе не би била дел од Европска Унија.
Каталонија, која има свој јазик и култура и е предводена од регионална влада одржа референдум на 1 октомври за отцепување, спротивно на одлуката на шпанскиот Уставен суд кој гласањето го прогласи за незаконско.