Кентаур Импекс инвестира во нова опрема со поддршка на ЕБОР и ЕУ
Зголемена продуктивност и зелени стандарди ја унапредуваат конкурентноста на компанијата на пазарите на Европа.
Објавено во: Мои пари 24 Април, 2024
Основана во 2001 година со 100% домашен капитал, Кентаур Импекс започна
како приватна увозно-извозна компанија која се занимава со производство и
трговија на метални производи и нивна примена во современите градежни системи. Нивните
производи од челик и метал се употребуваат во градежништвото на разни објекти -
од спортски центри, индустриски објекти, комплекси за домување, до мостови и
нафтени рафинерии.
Најзначајниот момент во историјата на компанијата беше купувањето на производните погони на фабриката ИСКРА во Куманово, што бараше понатамошни значајни инвестиции во опрема и човечки ресурси. Во исто време компанијата ја прошируваше продажбата на пазарите во европските земји, што бараше инвестиции од своја страна и усогласувања со ЕУ Директивите.
„Околу 90% од нашето производство е наменето за странскиот пазар во земјите од Европа, каде што е нужно да се усогласуваме со Европската регулатива за квалитет, безбедност и заштита при работа како и заштита на животната средина. Баравме начини како да го зголемиме сопственото производство и да ги унапредиме стандардите за заштита на околината и безбедност и заштита на вработените.”- изјавува Зоран Стојановски, директор на Кентаур Импекс.
Со цел оптимизирање на производството Кентаур Импекс инвестираше во нова плазма машина за сечење која замени четири стари машини за сечење и овозможи целосно автоматизирано производство. Понатаму, компанијата инвестираше во нов систем за вентилација. Инвестицијата овозможи раст на продуктивноста од 30-40%, квалитетот на финалниот производ, како и унапредување на условите за безбедност и здравје кај вработените. Понатамошен позитивен ефект е проширување на производственото портфолио на Кентаур Импекс.
Компанијата ја финансираше инвестицијата со кредит од Шпаркасе, како партнерска банка во Програмата за поддршка на мали и средни претпријатија на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија (ЕУ). Остатокот од инвестиции во опремата го финансираше преку кредити од партнерските банки ПроКредит Банка и НЛБ. Кентаур Импекс е една од над 200 мали и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија кои успешно имплементираа инвестициски проекти со помош на оваа програма.
„ Спремни сме да продолжиме со инвестиции во нови технологии, што е витално за конкурентноста на овие заинтересирани и строги пазари. Токму поради сето ова, се одлучивме да се пријавиме во Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП и да ги искористиме поволностите кои таа ги нуди за инвестирање во нови машини и технологии. Нашите следни инвестиции водат во правец на технологија за машинска обработка што ќе доведе до понатамошен раст на Кентаур Импекс. Притоа, поддршка од слични програми е добредојдена.“
Програмата обезбедува спој на кредити од ЕБОР и грантови финансирани од страна на ЕУ за инвестициите на МСП во партнерство со локалните комерцијални банки. Вкупно 51 милион евра се пласирани за мали бизниси во Северна Македонија и вкупно 316 инвестициски проекти. Повеќето од овие инвестиции се во производство, транспорт, малопродажба и услуги, индустрија за храна и повеќе од 60 проценти од нив се МСП лоцирани надвор од главниот град на републиката.
Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на ЕБОР е имплементирана во сите земји на Западен Балкан со цел да им помогнат на МСП во пристап до финансии. До сега, повеќе од 850 мали бизниси ги ползуваа предностите на регионалната програма.
пр објава