16 Мај, 2024
0.0248

Кина до 2018 година ќе го достигне американскиот БДП – Центарот на светската економија се сели од развиениот Запад во Азија

Објавено во: Анализа 21 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Кина, според вредноста на остварената надворешна трговија, во 2013 година, за прв пат ги претекна досега неприкосновените Соединети американски држави. Експертите од ММФ предвидуваат дека оваа земја, веќе за четири години, сосема ќе и се приближи на Америка според обемот на бруто домашниот производ, пресметан на основа на куповната моќ. Уделот на кинескиот, во глобалниот БДП, во наредните четири години, исто така, речиси ќе се изедначи со учеството кое го имаат САД, прогнозира ММФ. Официјалните податоци објавени минатата недела во Пекинг, покажуваат дека Кина лани остварила стокова размена со остатокот од светот во вредност од 4,2 билиони долари. Тоа е нов светски рекорд во надворешната трговија кој до сега го имала некоја држава, а за 7,6 отсто ја надминува остварената вредност на кинеската размена во претходната 2012 година. Кинескиот извоз лани вредел 2,2 билиони долари, или околу осум отсто повеќе отколку претходната година, додека увозот е зголемен за 7,3 проценти, на приближно два билиони. Американската агенција Блумберг ги пренесе од Пекинг изјавите на кинески функционери кои минатогодишните рекордни резултати на својата земја во надворешната трговија, ги оценија како „историски момент“. На растечката економска моќ на Кина и нејзината улога во глобалната економија, укажува и лондонскиот економски весник „Фајненшел тајмс“, наведувајќи дека кинескиот увоз на главните стратешки сировини за минатите осум години се удвоил и дека таквата тенденција продолжува. Кина, лани на пример, на светскиот пазар за нафта купила 282 милиони тона нафта, или во просек околу 5,6 милиони барели дневно, додека САД истовремено го намалиле дневниот увоз на основна енергетска суровина на 7,8 милиони барели. Најновите анализи на ММФ покажуваат дека кинескиот БДП лани, според куповната способност, вредел околу 13,4 билиони долари, додека истио показател за САД е проценет на 16,7 билиони долари. Кинескиот БДП, како што предвидува ММФ, веќе во 2018 година ќе вреди 20,7 билиони долари, а американскиот, истата година, ќе вреди 21,7 билиони, што значи дека, според тој особено важен економски показател, разликата меѓу двете земји ќе биде видно намалена. Брзиот раст на кинескиот БДП и овозможува на втората по сила светска економија, во 2018 година, да оствари удел во глобалниот БДП од 17,9 отсто, наспроти американските 18,6 проценти. Лани Кина учествувала во светскиот БДП со 15,4 отсто, а Америка со 18,6 проценти. Сите наведени податоци, но и претходни анализи на некои угледни американски економисти, покажуваат дека САД наскоро ќе го загубат статусот на прва економска сила во светот, на сметка на Кина, што значи, имајќи ја предвид економската сила на Јапонија и повеќе други брзо растечки азиски економии, дека центарот на светската економија ќе се премести од развиениот Запад во Азија.   А.А.