26 Април, 2024
0.0266

Ќе бидат ли Спасовски, Тевдовски и Сугарески Свето Тројство во владата на Заев?

Објавено во: Колумни 29 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Имињата на новите министри со ресор, министри без ресор и вицепремиери од страна на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците привлекоа голем број на полемики и дебати уште пред тие да седнат во своите нови фотелји. Сепак, ако Заев навистина сака да спроведе реформска влада клучните ресори на кои ќе треба да им посвети најголемо внимание се МВР, финансии и транспорт и врски. Учени од минатото токму Јанкуловска, Ставревски и Јанакиевски беа главните џокери на Груевски кои и всушност имаат најдолг стаж како министри, редовно верни на неговите политики и најсилни поддржувачи. Да не беа бомбите на Зоран Заев најверојатно уште долго ќе владееја со своите ресори, но притисокот кој беше насочен кај нив беше огромен. Сега нив ќе ги наследат Спасовски, Тевдовски и Сугарески кои ќе мора да ги засукаат ракавите и да покажат компетентност, надпартиски одлуки, расчистување со сите сомнежи за бројни неправилности, аномалии во управувањето со МВР-ВМРО, со буџетот во кој има за чоколади, а нема за леб и дил оријентед политиките кон сите крупни инфраструктурни проекти. 

Оливер Спасовски веќе имаше тест проба како министер за внатрешни работи во Прижинската влада и успеа да покажа воздржаност од менувањето на командири и раководители и не ги искористи сите 16 кадровски промени кои според договорот му следуваа. Секако, неговиот краток министерски мандат не помина лесно и весело, имаше постојан притисок од Оливер Андонов, а уште повеќе од неговата сенка Митко Чавков. МВР мора да претрпи итни реформи, да престане праксата на вработување на полицајци со партиски книшки и целосното игнорирање на професионалци од соодветните факултети за безбедност кои се без работа.

Драган Тевдовски долго време ги профилираше економските планови на СДСМ и е име со најмал политички багаж од минатото. Тој долг период беше задолжен за економската комисија на СДСМ и најави повеќе проекти, но како министер за финансии сега ќе мора и да најде начини да ги собере средствата за нивно реализирање, а притоа да не ја продлабочи задолженоста на Република Македонија и оптовареноста на буџетот со социјални трансфери без поголема ставка за развојни и инвестициски проекти, како и јасна визија за помош на македонското стопанство кое подолго време се жали на бројни проблеми кои доаѓаат од Илинденска бб.

Горан Сугарески како по некое правило во министерството за транспорт и врски е уште еден прилепчанец, но се надеваме дека тој нема да биде лесен со „потписот“. Сугарески исто така ќе има многу важна улога во владата на Заев, особено во ресорот на транспорт и врски каде се фрлени илјадници сомнежи и можни судски постапки кои ќе ги води тимот на Катица Јанева. Сугарески беше долгогодишен пратеник од редовите на СДСМ но, на последните избори иако беше координатор на пратеничка група не се најде на изборната листа. Најверојатно Заев го планирал за извршната власт, наместо да биде „партиски камшик“ во Собранието. Како еден од најжестоките пратеници кој важи за рекордер по бројот на поднесуваните амандмани се очекува од него динамично извршување и на министерската функција.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД