Ќе го затвори ли „Трезорот“ Мијалков?
Објавено во: Македонија 06 Декември, 2017
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 прифати уште еден обвинител акт покренат од СЈО против Сашо Мијалков, екс началникот на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Овој пат, на Мијалков ќе му се суди за предметот кој СЈО го нарече „Трезор“, а се однесува на основано сомнение за злоупотреба на овластената положба и за проневера на вкупно 862.045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата Управа.
За злоупотребата се товарат уште тројца вработени во УБК и еден во МВР за кои СЈО смета дека проневериле државни пари за лично богатење. Обвинети се и Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Небојша Сајковиќ.
Истрагата во “Трезор“ се однесува на нелегална набавка на опрема за која осомничените ја ангажирале оф шор фирмата “Финзи“ како посредник за да и овозможат профит со кој потоа се инвестира во отварање на друга фирма блиска до осомничените. “Финзи“ стана позната во јавноста откако нејзиниот управител Коста Крпач, сведок во СЈО, се самоуби.