18 Ноември, 2017
0.3899
    ALK 7409.18    0.11%     KMB 2701    -0.03%     MPT 27782.13    -0.78%     STB 934.8    0.37%     TEL 272    -2.82%     TPLF 1656.25    -2.52%

Ќе има ли пченица за жнеење- земјоделците прогнозираат катастрофални приноси

Објавено во: Агробизнис 10 Јуни, 2017

Ќе има ли пченица за жнеење- земјоделците прогнозираат катастрофални приноси

Пред стартот на жетвата на печницата, земјоделците излегоа со првични прогнози. Годинава како што велат во некои региони нема ниту да има жетва, а онаму каде што ќе има род, се очекува приносите да бидат околу 20 отсто. 

„Ова ќе биде најкатaстрофална година. Во ниви комбајните нема ниту да влезат, нема да има жетва. Се очекуваат приноси од од 20 отсто или околу 1.000 килограми од хектар, што е катастрофа во однос приносите од претходните години од 3.000 килограми по хектар. Земјоделците да поднесат барање, да се формираат комисии за проценка на штети  кои на терен ќе ја утврдат состојбата. Ако се процени дека има штети и житото не може да се жнее, тогаш бараме во најмала рака да се покријат вложените средства за прозиводство, а тие што имаат државно земјиште да не плаќаат закуп, да не се плаќа водарина“, вели Ефтим Шаклев, од Асоцијацијата на земјоделци.  

Причината за намалените приноси се лошите временски услови, но слабата финансиска моќ на земјоделците да можат да ги применат сите потребни агротехнички мерки за да мо\е барем да спасат дел од родот. Земјоделците велат дека доколку и оваа година откупната цена на житото биде на ланското ниво кога килограм жито се откупуваше од од пет до осум денари, ќе го преполоват производство или комплетно ќе се преориентираат кон други култури. 

„Годинава нема да има 50 отсто од лани кога родот беше добар, а се продаде за мизерни пет денари за килограм.Ако и сега биде така подобро да си заминеме сите од државава. Се надевам дека ќе се најде решение. Иако мелничарите кои ја диктираат цената велат дека нашата пченица не е квалитетна, за разлика од српската што не е точно, токму српската поради бомбардирањата е радиоактивна ама тоа нико не го кажува“, вели Драган Мицкоски, од здружението „Аграр“.

Доколку проценките за приносите се исполнат, тогаш за да се покријат домашните потреби ќе се зголеми и увозот на пченица. Вообичаено во вакви случаи на намалено домашно производство не е исклучена можноста да има пораст на цените на финалните производи од жито односно на лебот. 

Федерацијата на фармери на Република Македонија бара од новото раководство на Министерството за земјоделство да издејствува минимална заштитна цена на пченицата од 12 денари за килограм, интеревентен откуп да има од почетокот на јули, договорите меѓу земјоделците и откупувачите да се склучуваат пред жетва, а субвенциите да се исплаќаат пред есенската сеидба. Новиот министер за земјоделство, Љупчо Николовски кој вчера ја имаше првата средба со земјоделските здруженија вети дека ќе има интензивни средби со земјоделците со цел да се решаваат побрзо проблемите. Како приоритетни мерки ги најави воведувањето на т.н зелена односно поевтина нафта и редовна исплата на субвенциите.

„Сакаме да ги слушнеме нивните предлози, сугестии и размислувања. Само така, со постојани, конзистентни, искрени разговори, ќе дојдеме до квалитетни решенија. Ќе се анализира и работата на Платежната агенција да се одредат одговорностите, односно, да се прецизира кои се причините за блокираниот систем и за незапочнувањето на апликацијата за годинешната поддршка“, изјави министерот за земјоделство Николовски.

Проблемот со откупната цена на пченицата се провлекува години наназад, но дел од земјоделските здруженија за време на минатата Влада не зборуваа многу за проблемите. Сега на првиот состанок со новиот ресорен министер посочија дека години работат со загуби.

Инаку лани од 80.000 хектари насеани со пченица родот тежеше 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната  жетва 2015 година. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар. Површините со пченица од 2005 година досега бележат намалување. Во 2005 година имало 108 илјади хектари со пченица, а сега се намалени на околу 73 илјади хектари.  Дел од домашните потреби за пченица односно околу 150.000 тони се покриваат од узвоз. Според податоците од Државниот завод за  статистика за увоз на жита и преработки од жита трошиме околу 70 милиони евра.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

Николовски: За развојот на земјоделството, клучна е улогата на владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес

Николовски: За развојот на земјоделството, клучна е улогата на владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес

Владата донесе пакет одлуки за секторот земјоделство

Владата донесе пакет одлуки за секторот земјоделство

Николовски во Јахорина ќе учествува на 11-от годишен состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ

Николовски во Јахорина ќе учествува на 11-от годишен состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ

Интервју Кирил Станкоски: Оваа година може да очекуваме добар род и реколта со квалитетен тутун

Интервју Кирил Станкоски: Оваа година може да очекуваме добар род и реколта со квалитетен тутун

Македонија и Чешка ќе работат на унапредување на трговијата со земјоделско-прехрамбени производи

Македонија и Чешка ќе работат на унапредување на трговијата со земјоделско-прехрамбени производи