ЌЕ СЕ РАСПРАВА ЗА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ: Каде ќе има кратења?
Објавено во: Македонија 16 Јули, 2017
Расправата за ребалансот на буџетот ќе стартува утре во Комисијата за финансирање и буџет.
Поднесени се околу 1000 предлог промени на буџетот од ВМРО- ДПМНЕ и неколку од ДУИ. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека пари треба да се одвојат за повеќе крупни проекти во внатрешноста, а дел и за главниот град. Во согласност со предложениот ребаланс вкупните кратења изнесуваат околу 47 милиони евра. Главни на удар се непродуктивните трошоци, како репрезентации, патувања, реклами и економски промоции, а најголемото кратење од скоро 7 милиони евра е направено на буџетот на премиерскиот кабинет. Помалку пари ќе добијат Министерството за одбраната, Министерството за внатрешни работи, Министерствата за правда, за финансии, животна средина, земјоделство, Агенцијата за странски инвестиции, ДИК, кабинетот на претседателот Иванов, Собранието и Уставниот суд, а повеќе МНР, Агенцијата за разузнавање, Министерството за економија.
Премиерот Зоран Заев вети дека она што е започнато ќе биде реализирано, било да се тоа патишта или училишта.
Предвидено е постапката
да трае до 29 јули, по што ќе следува собраниска седница со што се очекува првиот
ребаланс на буџетот за 2017 да биде донесен околу Илинден.