ЌЕ СЕ СПРЕЧИ ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА: Праксата во ЕУ ќе се плаќа
Објавено во: Економија 25 Март, 2024
Праксата во европските земји ќе се плаќа.
Европската комисија планира луѓето кои се на практична работа во една компанија да бидат платени и тоа да стане стандард во Европската Унија(ЕУ). Комисијата неодамна ја презентира новата директива со која сака да ја спречи експлоатација на луѓето кои се на практична работа, кои се сметаат за евтина работна рака.
Донесувањето на директивата, според очекувањата на Брисел, треба да го подобри недостигот на квалификувани работници.
Во 2019 година имало повеќе од 3 милиони практиканти во ЕУ, од кои околу половина биле неплатени.
„Практикантството може да биде одлично прво работно искуство за младите, но овие стажирања мора да бидат квалитетни, со јасна компонента за учење, а исто така мора да бидат платени“, изјави европскиот комесар за труд Николас Шмит на презентацијата на директивата.
Но, според она што е познато за директивата предвидени се исклучоци кои се можни доколку постојат „објективни причини“ практикантите да бидат платени поинаку од другите вработени. Според информациите, тоа може да биде случај, ако задачите на практикантот вклучуваат помала одговорност или помал интензитет на работа.
Треба да се осигура дека практикантството не е замена за редовните работни места. Компаниите треба активно да соопштуваат колку слободни работни места имаат, колку трае практиката и какви се условите за работа.
foto freepik.com/boggy