19 Мај, 2024
0.0249

Ќе си пука ли Америка во нога?

Објавено во: Анализа 09 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

После една недела сеуште нема никакви поместувања во позициите на Републиканците и Демократите во законодавните домови во САД. Целата ситуација најдобро ја опишува водителот Конан О Браен кој пред некоја вечера во неговото ток шоу објави скеч во кој главната улога ја има терорист кој се обраќа на американците велејќи дека цело време мислат како да ги уништат, ама веќе нема потреба од тоа затоа што сега засега прават одлична работа. Терористите се тука само за да помогнат. И навистина, делува дека ова што во моментов се случува е најлошото нешто кое земјата може да си го направи самата на себеси. Во моменти кога земјата е излезена од рецесија и кога делуваше дека најлошото помина, законодавците си пукаат во нога носејќи ја земјата кон првиот дифолт кој некогаш би го доживеала. Како што веќе пушувавме неносењето на буџетот е само предигра за големиот проблем, а тоа е лимитот на јавниот долг. Иако никој не може да каже точно (бидејќи САД на дневна основа рефинансира милијарди долари) предвидено е дека на 17 октомври ќе биде достигнат плафонот на јавниот долг. Доколку тој ден дојде без да биде изгласан нов плафон, САД ќе мора драстично да ги скрати трошењата со цел да биде под лимитот. Инаку во моментов ситуацијата не е толку страшна затоа што државата во основа фунционира со суте нејзини витални функции. Со оглед на тоа, дека ова не е прв пат, сите се надеваат дека пресметката ќе заврши и платите кои не ги добиваат 800.000 луѓе ќе стигнат ретроактивно. Што би се рекло и покрај тоа што седеле дома луѓето ќе си земат плата. Но доколку се затвори просторот за нови задолжувања ефектите ќе бидат погубни. Впрочем ефектот нема да го осети само САД туку и голем број држави кои што држат американски обрвзници на кои нема да може да се исплаќа договорената камата. Токму поради тоа е и загриженоста која доаѓа од Кина која држи 1,3 трилиони долари американски долг. Во случај на катаклизма тоа ќе значи дека ви пропаднал должникот и дека вие ќе останете покуси за толку пари колку што ви должат. Токму поради магнитудата на настанот, дифолтот на САД веројатно е рамен на нуклеарна криза во областа на финасиите. Кризата која светот ја осети пред пет години ќе делува како блага форма на настинка. Впрочем токму поради оваа споредба сите делуваат релаксирани. Зарем е можно некој да употреби нуклеарно оружје и во основа да си потпише сам на себе смртна пресуда. А токму тоа ќе се случи со САД доколку не си ја средат куќата. Проценките на ЈП Морган одат до тој степен да предвидуваат дека дифолтот на САД може да доведе до пад на БДП од 9%, ниво кое не е видено од времето на големата депресија, со тоа што светот тогаш не беше толку глобализиран. Од точка на здрав разум, целата ситуација делува надреално и можеби е можност за купување на евтини акции. Берзата иако сеуште е стабилна започнува да ги покажува првите знаци на паника. Како што стојат сега работите до 17ти нема да има решение. Веројатно до тогаш ќе видиме продавања и пад на берзите и секако ќе добиеме одоговор на главното прашање, дали цените се доволно паметни, за луѓето во двата дома да покажат здрав разум. Редакција Фактор