26 Април, 2024
0.2635

Клониран груевист

Во време невреме, кога пред нас имаме предизборен период и неизгласан втор ребаланс, власта по брза постапка настојува да го донесе буџетот за 2017 години.

Објавено во: Колумни 19 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Колку состојбата е „забегана“ потврдува и фактот што властодржците со срамни изговори продолжуваат да ја убедувааат опозицијата зошто нема потреба од поголема транспарентност при обесштетувањето на поплавените граѓани. Едноставно, пратениците од власта не гледаат потреба да се обезбеди јавност на граѓаните кои претрпеле штети, износот на проценките на штетите и исплатите. Значи кучињата лаат, караванот си врви. А опозициската намера е јасна, во услови на криминализирана власт, мора да спречат можни злоупотреби во распределбата на средствата, и тоа средства кои ќе бидат обезбедени преку нови кредити. Зачудувачки е колку владините пратеници се прават дека не им е јасно што тоа бара опозицијата, а речиси инфантилно е кога се прашуваат зошто да не им се верува на владините органи. А што е проблем на сајтот на Министерството за финансии да се објават списоците со обесштетените граѓани и износите кои им се одобрени, кога веќе се објавуваат и списоци на должници? Има ли сомневање дека обврската нема да си ја завршат како што ветуваат? Треба ли пратениците да кријат можни злоупотреби? 

Сите одговори се јасни, како што е јасно дека и покрај промената на премиерот пратениците продолжувааат со беспоговорното одобрување на агендата на лидерот и се надеваат на победа на следните избори, по што мислат дека се’ ќе биде како досега. Разумно е да се надеваме дека граѓаните тоа нема да го дозволат, но ако се случи, тешко и’ се пишува на земјата. Продолжувањето на политиките и практиката на криминализираната врхушка на власт, водат во подолгорочна стагнација и пропаст на економијата, со сериозни последици и за опстанокот на државата. Најлошо е тоа што и најистурениот играч на власта, новиот министер за финансии, во јавна дебата со дополнителниот заменик министер, со ставовите и реториката се претстави како клониран груевист. Со излегувањето на дебата со опозиционер во ТВ емисија го надмина претходникот во транспарентноста, но покажа непознавање на состојбите во финансиите и економијата што го дезавуира како личност со интегритет кој ќе направи пресврт во фискалната консолидација на земјата. Ги превидува неповолните трендови во финансиите и економијата кои се очигледни и од податоците што се објавени на сајтот од неговото министерство, а ужива во фразите со полувистини. На пример, се’ би било подобро ако не беше политичката криза. Тоа и како факт не е точно. Во екот на наводната политичка криза (2015 и 2016) економскиот раст е поголем отколку што се оствари во претходните години, кога таква криза не постоеше. Да не зборуваме за тоа дека политичката криза не падна од небото. Не ја измисли опозицијата. Таа е последица на незадоволството во јавноста од недемократското и криминогено владеење на врхушката на власт. А надминувањето на нерегуларностите е претпоставка за остварување на побрз и одржлив развој. 

Министерот наш да ти бил задоволен од странските директни инвестиции, поради зголемување на бројот на вработените и извозот, а не говори за цената што државата ја плаќа преку олеснувањата. Најавува соработка на странските со домашни фирми, а не кажува зошто е таа минимална и по 4-5 години нивно работење во земјата. Воопшто не му сметаат нерамноправните услови за стопанисување, а тие во суштина се пречка за зголемување на соработката. Во 1,5 милијарди евра извоз на странските фирми, домашните учествуваат со само 50 милиони евра. Министерот, зборува за пораст на извозот, а тој веќе пет години е на исто ниво (изразен во долари). Задоволен е од мерките за вработување со ослободување од придонесите за плата, а не знае дали државата им ги плаќа на фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Или, не сака да каже. Меѓутоа, дубиозите во фондовите го откриваат. Како пресврт го прикажува планот буџетскиот дефицит да се сведе во рамките на маастришките критериуми (3% од БДП), а во истовреме планира пораст на БДП од 3%, додека за пресврт може да се говори само доколку растот на БДП е поголем од обемот на буџетскиот дефицит утврден со споменатите критериуми итн. Ако се суди според јавниот настап на министерот, по десетти пат, во Собранието, ќе присуствуваме на наметнување на вољата на мнозинството врз малцинстово, каде издржаните аргументи воопшто нема да бидат земени во предвид. 

Повеќе од очигледно е дека и овој пат власта ќе се обиде да го истурка буџетот за 2017 година и тоа до 12 октомври, кога се распушта Собранието заради изборите. На опозицијата е да се спротивстави со сите правни средства, со оглед на тоа што е нормално, буџетот за наредната година да го крои победничката партија или коалиција на изборите од 11 декември. Сепак, да се надеваме дека нема да гледаме реприза на настаните од 24 декември 2012 година. Од споменатите настани очигледно е дека власта не одстапува од практиката на нетранспарентност во буџетската потрошувачка и во алчноста постојано да ја зголемува. Тоа е затоа што и’ гори под нозете. Животно е заинтересирана да обезбеди што повеќе пари со кои ќе ја зацврстува довербата на гласачите. Воопшто не ја интересираат неповолните ефекти од коруптивната буџетска потрошувачка врз развојните перформанси и ѕидањето на јавниот долг. Веќе за негово сервисирање се ангажира вредноста што се остварува преку растот на БДП од околу 3%. Како поминува времето финансиското насилство го реализират во се’ погруб и погруб облик. Се задолжуваат за лични и групни интереси. 

Притоа, никојпат не зборуваат за глобалните ефекти, ниту за ефикасноста во трошењето на речиси третина од годишно остваруваниот БДП. Во таква ситуација, на јавноста не и’ останува ништо, освен да погодува зошто стандардот на населението е на најниско ниво во Европа и на кој начин се одлеваат огромни буџетски средства, најголемиот дел од нив секако во приватни џепови. 

 Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД