17 Мај, 2024
0.0274

Кога институциите не функционираат, тоа значи дека „на волкот му оставивме да ги чува овците“!

Објавено во: Анализа 21 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Интервју со Донка Барџиева Трајковска претседателка на Центар за културно наследство. Голем дел од црквите во земјава, особено оние во напуштените села се мета на крадците. Во јавноста неодамна излегоа информации дека македонските предмети од културно наследство се продаваат на тајни аукции во западна Европа и завршуваат во приватни колекции. Експертите велат дека се работи за милионски суми и доста профитабилен бизнис. Но не само црквите, во Македонија културното наследство се краде и од институциите. Сеуште не е решен случајот со кражбата во Музејот на Македонија од каде лани беа украдени 166 артефакти. Како се случила кражбата, кои се крадците –нема одговор. Законските одредби директно упатуваат на надлежностите на  министерството за култура кое ги  избира директорите на институциите а тие понатаму треба да ја менаџираат  нивната  работа, доколку институцијата не функционира, многу повеќе од директорот, е  одговорен надлежниот министер кој ставил потпис на решението за  негов избор, вели во интервју за Фактор претседателката на Центарот за културно наследство Донка Барџиева Трајковска. Фактор: Бројката на украдени предмети од културно наследство постојано расте, Асошијетед прес) објави фрапантна бројка од украдени предмети од над 10 илјади украдени црковни предмети и икони во последните десетина години. Како е тоа можно? -Тука станува збор за институциите кои не си ги вршат  своите законски доверени ингеренции. За последните шеесетина години од основањето на институциите за заштита во Македонија се евидентирани  околу 30.000 икони, со отворени евиденциони картони   и броеви забележани на позадината од иконите. Надлежните служби се должни да одат на терен и да ја проверуваат реалната состојба.Тие тоа не го прават,па одовде никој во државата не знае дали она што е евидентирано се уште постои на теренот и во какви услови се наоѓа. За оваа состојба главната одговорност треба да се побара во надлежното Министерство за култура. Фактор: Кои се причините според вас, поради кои се случуваат кражбите? -Главните се лоцирани во институциите за заштита. Кога тие  не функционираат, и никој не се  грижи за културното наследство,тоа значи дека ,,на волкот  му    оставивме  да ги чува овците,,! Фактор: Каква е состојбата во институциите кои треба да се грижат за заштита на културното наследство и што треба да превземат за заштита на културното богатсво од крадците? - Институциите треба да си ја вршат  својата работа  за која се основани.За жал  лошата состојба на културното наследство на теренот е огледало на  состојбата на институциите за заштита. Во голема мерка распадот и приватизирањето/партизирањето на институцииите  се должи на генералната стратегија на  Министерството за култура од вработените  да направи послушници кои ке ја спроведуваат владината/партиска агенда.На тоа се работи  цели седум години и резултатот е евидентен.Во институциите и оние малку професионалци кои останаа се маргинализирани и под постојан притисок за губење за нивните работни места.Секоја држава почива на  институции  со силен професионален и едуциран кадар на кој ниту една власт не може да изврши влијание. Доколку нашите институции беа такви и се инвестираше во нивното професионално и стручно зајакнување и состојбата на културното наследство  ќе беше далеку подобра.За жал , актуелната власт  со  целосното преземање на институциите од граѓаните  веќе  го доведува во прашање опстанокот на државата.Од  друга страна,уништувањето на  институциите и на културното  наследство, значи  уништување на основите на општеството а со тоа и  на основите на државноста. Фактор: Имате ли податок колкава сума на пари се врти во овој бизнис со предмети од културното наследство? - Не знам колкава  е сумата  на пари која се врти во овој бизнис, но повеќе  е од јасно дека овој бизнис е многу профитабилен. Фактор: Неодамна во Албанија еа идентификувани околу 1000 предмети кои потекнуваат од македонските цркви, но државата официјално досега нема почнато никаква постапка за нивно враќање. Дури и министерство за култура призна дека две третини од црквите кои поседуваат вредни артефакти не се доволно обезбедени, дали со поголемо обезбедување на објектите ќе се подобри состојбата? - Секако, но на тоа треба да претходат неколку основни активности.Првата работа е увидот и констатирањето на реалната состојба на теренот,потоа валоризацијата и категоризацијата.На крајот следи обезбедувањето на објектите и пропишување на адекватен режим на заштита. Фактор: Како го коментирате фактот што се уште не се реши случајот  со кражбата во Музејот на Македонија? - Да  оваа ситуација е поразителна и загрижувачка,особено  имајќи ја во предвид ефикасноста на службата за внатрешни работи и ефикасноста на музескиот заштитен систем.Многу работи  со оваа  ,,кражба,, се нејасни и треба уште  малку да се почека,барем до конечната ,,транзиција,,на институциите најавена   со буџетска подршка за 2014година.Многу е интересно да се дознае каков вид на кражба и кога се случила или дали воопшто има кражба: дали е насилна, дали е организиран криминал, дали има асистенција од внатре. По наше мислење треба да се очекува или чудна разврска или тотален молк. Фактор: Министерството за култура во последните неколку месеци излегуваше со став дека не е надлежно за грабежот во Музејот на Македонија. Каков е Вашиот коментар? - Ваквите изјави на министерството,поточно на министерката  за култура се од етичка а не од законска природа.Според Законот за музеи  јасни  се одредбите кои упатуваат на одговорност на Министерството за култура, па во оваа смисла и на нивната директна надлежност според востановената хиерархија.Сосема друга работа е етичката компонентна поврзана со личноста која  се прогласува или го прогласува Министерството за ненедлежно.Законските одредби директно упатуваат на надлежностите на  министерството кое ги  избира директорите на институциите а тие понатаму треба да ја менаџираат  нивната  работа.Доколку институцијата не функционира,многу повеќе од директорот, е  одговорен   надлежниот министер кој ставил потпис на решението за  негов избор. Ј.С