26 Април, 2024
0.0274

Колкава е штетата а колкав е ќарот од авантурата со странските директни инвестиции?

Објавено во: Економија, Анализа 17 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Речиси една деценија владеачката гарнитура ја повторува истата мантра бизнисмените од странство, привлечени од ниските даноци и евтината работна сила, ќе отворат нови работни места и ќе го поттикнат развојот на македонската економија.

Уште на самиот почеток на своето владеење, партијата на Никола Груевски се потпира на столбот на странските директни инвестиции во економската политика.

Но остануваат прашањата дали СДИ носат корист наспроти тоа колку ги чинат граѓаните и до кога и колку Македонија може да си дозволи вакви политики. Колкава е штетата а колкав е ќарот од авантурата со нив ? 

Факт за кој не се расправа во јавната дебата во Македонија е дека земјата се има приклучено на жестоката меѓународна трка за СДИ. Трката во која се натпреварува Македонија е особено интензивна во областа на извозно ориентирани СДИ. Постојат значајни докази од прегледот на компаративната практика во литературата, дека земјите што ќе решат да промовираат внатрешни СДИ, а особено земји со мали пазари и помалку ресурси, немаат избор освен да ги прифатат правилата на локацискиот турнир. Една земја може да се одлучи да бара или да не бара одредени, посакувани видови СДИ (гринфилд, извозно ориентирани). Но, ако одлуката е активно да се бараат СДИ, тогаш земјата мора да ги прифати правилата во трката за СДИ. Сосема е јасно дека за една земја како Македонија, олеснувањата за СДИ се клучен дел од одлуката на инвеститорите да дојдат и да инвестираат. Ако земјата одлучи да ги прекрати олеснувањата, мора да го прифати фактот дека текот на внатрешни СДИ, кој и онака е мал, ќе се намали уште повеќе. Ова е клучен избор на политики што треба да се земе предвид. Исто така, треба да се забележи дека овој аргумент за императивот на олеснувања за СДИ не е забележан во јавната дебата, во која доминантно гледиште се чини дека е она за добрата деловна клима како главен фактор за промоција на СДИ. Да се внесе овој аргумент во политичката дебата (што е и цел кон која сака да придонесе овој документ), оттаму е релевантно за разгледување на политичките опции. Клучно прашање поврзано со политиката е дали малата и фискално ограничена Македонија може ефикасно да се натпреварува во оваа трка со поголемите земји што имаат повеќе ресурси, покажува една студија на професори за бенефитот и трошоците од странските директни инвестиции.

Нееднаков третман на домашните компании 

Прашањето за дискриминација на домашните инвеститори останува клучна точка на несогласување и претставува поларизирано политичко прашање. Во претходните делови од оваа анализа се покажа дека ова не е прашање типично само за Македонија, туку дека е појава што може да се забележи ширум земјите. Доказите покажуваат дека ова прашање има потенцијал да ја исполаризира националната политичка агенда и од политичките актери да бара нивно позиционирање за него. Македонскиот случај го следи овој образец. Анкетата спроведена во деловната заедница покажа силно чувство на нееднаков третман. Но ова чувство е комбинирано со став дека постои разбирање за тоа колку се неопходни олеснувањата за СДИ, како и со чувството дека владината промотивна политика за СДИ започна да покажува резултати. Евидентно е и дека деловната заедница дава огромна поддршка за државната помош, доколку директно има корист од неа. Дебатата за нееднаквост во Македонија е директно фокусирана на олеснувањата за странските инвеститори, во споредба со тоа што за домашните компании нема олеснувања. Прашањето за нееднаквост, гледано од аспект на намален фискален капацитет за сервисирање на граѓаните, не е релевантно во дебатата.

Менаџерите на домашните компании во најголем дел се чувствуваат дискриминирани во однос на инвеститори, но сепак ја поддржуваат политиката за привлекување странски корпорации. Ова го покажува истражувањето на граѓанското здружение DevelopmentSolutions кое спровело анкета кај 268 раководители на фирми. Од нив 70% целосно или делумно се согласуваат со тезата „домашните компании се дискриминирани во однос на странските инвеститори“.

„Дополнителен аргумент е дека на домашните инвеститори се посветува недоволно внимание, во смисла на тоа дека не може да добијат помош дури и во решавањето на некои основни проблеми од секојдневното работење, а камоли да добијат такви дарежливи повластици како што добиваат странците“, изјави неодамна Ристо Карајков, DevelopmentSolutions при презентацијата на истражувањето.

Сепак, инвеститорите имаат повеќе позитивен отколку негативен ефект, сметаат во DevelopmentSolutions. Според нив речиси сите држави на еден или на друг начин се обидуваат да ги привлечат големите компании кај себе.

„Забележана е и дури фрапантна цена од 800.000 евра што ги платила една држава за едно ново отворено работно место од страна на една германска компанија“, изјави неодамна Ристо Карајков од невладината DevelopmentSolutions.

Колку не чинат инвестициите во зоните

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кој направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ објасни Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи при презентацијата на истражувањето.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

325 евра просечната плата за вработените во фабриките во зоните

Просечната плата на вработените во слободните економски зони минатата година изнесувала 325 евра. До оваа сума се доаѓа кога вкупниот износ на нето исплатени плати што е објавен во финансиските извештаи за работењето на компаниите ќе се подели со вкупниот број на вработени.

Односно, седумте компании што работат во зоните минатата година исплатиле 12,4 милиони евра нето плата за 3.177 вработени.

Од Здружението на млади истражувачи (ЗМАИ), објаснуваат дека просечната месечна нето - плата на вработените во компаниите што функционираат во слободните економски зони во 2014 година изнесувала 19,981 денар, наспроти 22,696 денари во 2013 година, но потенцираат дека во овие плати се вклучени и менаџерските плати.

Најниска просечна плата е регистрирана кај Џонсон Контролс, компанијата која пак има најголем број на вработени и единствена која го има постигнато ветениот број на вработувања.  

„Број на вработени во 2014 година во фабриката ,,Џонсон Контролс” во Штип изнесувал 1,499 лица кои имале просечна месечна нето - плата од 11,789 денари, додека бројот на вработени во 2013 година изнесувал 682 лица кои оствариле просечна месечна нето - плата од 13,890 денари“, вели Славица Тодоровска од Здружението.

Од Џонсон Контролс велат дека не можат да одговорат на сите наши прашања, па така прескокнувајќи го делот за платите на вработените посочуваат дека Македонија нуди добро квалификувани и образовани кадри и слободни индустриски зони со држава логистиката  и административна поддршка.

„Ние неодамна го објавивме почетокот на нашата нова компанија во Струмица. Оваа нова единица ќе стане член на нашата европска производството мрежа, испорачувајќи високо квалитетни производи за нашите клиенти кои се водечки европски брендови на автомобили. Новата фабрика ќе се гради во слободната индустриска зона во Струмица. Изградбата ќе започне на пролет во 2016 година, а целосно ставање во функција на капацитетот се очекува за една година. Инвестицијата е во вредност од 20 милиони долари и ќе се создадат околу 1.300 работни места. Со оваа нова производна единица, ние го прошируваме  бизнисот во Македонија. Во 2014 година, ја отворивме фабриката во индустриската зона во близина на Штип, каде се вработени околу 1.700 луѓе“, велат од Џонсон Контролс за Призма.

Податоците од финансиските извештаи за работењето на компаниите покажуваат дека највисоки плати има во Џонсон Мети и во Вистеон Електроникс, компанија од каде најавија дека ќе го затворат погонот во Македонија до крајот на годинава. Просечната плата на вработените во овие две компании била нешто повеќе од 30.000 денари, но и тука се вклучени платите на менаџерите. 

Надлежните тврдат дека има соработка меѓу домашните компании и странските инвеститори

Надлежните и дел од бизнисмените сметаат дека политиките за поддршка даваат позитивни ефекти, меѓутоа дел од експертите оценуваат дека се антипазарни и дискриминирачки – за едните огромни субвенции, за другите речиси ништо.

Време ли е за промена на политиките?

Едно истражување на ЦЕА препорачува структурни промени во начинот и мерките за привлекување на странски инвеститори за да се воспостави оддржливост на инвестициите, да се унапредат нивните ефекти и да се задржат компаниите во слободните зони.

Стратегијата за привлекување на инвестиции не треба да се заснова на фискални ослободувања и грантови, туку на креирање на трајни и одржливи услови за стабилизација на политичкиот амбиент, креирање на предвидлива бизнис клима и намалување на перцепцијата за корупција.

Потребна е поголема искористеност на потенцијалните ефекти за прелевање на знаења и технологии кај домашните инвеститори. Нивните капацитети можат да бидат значително подобрени преку интегрирање и комплементарност на мерките за слободните зони со мерките за зелените индустриски зони наменети за домашните инвестиции.

Транспарентноста во трошењето на јавните средства, вклучувајќи ја и државната поддршка, ќе придонесе за јасно мерење на ефектите од доделената помош и креирање на поефективни мерки. Тоа, пак, заедно со јасно дефинирани индикатори за селекција и евалуација на перформансите на странските инвеститори, во согласност со регулативата на Европската Унија, ќе овозможи поголема отчетност. На тој начин, ќе се зголеми и довербата кај граѓаните во јавните политики и во начинот на трошењето на јавните средства.

И.С.


Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија