26 Април, 2024
0.0582

Колкава загуба „сработе“ менаџерот Марјан Додовски во Еурокомпозит Прилеп?

Објавено во: Анализа 19 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Приходот од продажба не може да покрие ниту 70 отсто само од трошокот за плата, за две години загуба од 2 милиони евра, акумулирана загуба од речиси 20 милиони евра и блокирана сметка за износ од 2 милиони евра. Продажбата од над 100 милиони денари во 2014 година преку падот во 2015 се сведе на 40 милиони денари во 2016 година, ова е тажната реалност на македонската наменска државна индустрија „Еурокмпозит“

Единствената македонска компанија за наменска т.е. воена индустрија лани оствари загуба што надмина еден милион евра, покажуваат официјалните податоци содржани во извештајот на независниот ревизор. Марјан Додовски, генералниот извршен директор на „11 Октомври Еурокомпозит“ во своите две години менаџирање со компанијата заврши во вкупна загуба од 123,13 милиони денари односно вкупно 2 милиони евра!

Додовски во мај 2015 година го превзеде раководењето со прилепската наменска индустрија. Додовски, во јавноста е познат, по скандалот при преминот од ВМРО Народна партија каде беше претседател, во ВМРО ДПМНЕ, а познат е како жесток критичар на партијата во која прејде во февруари 2012 година. Во својата кариера Додовски од професор по географија во основно скопско училиште и екологист во невладина организација влезе во политички естаблишмент на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 1998 година до 2002 година. Од 2005 година е член на Советот на град Скопје, а пратеник во Собранието од 2006 до 2008 година. Во октомври 2009 година е избран за претседател на ВМРО-НП, а од февруари 2012 година преминува во ВМРО-ДПМНЕ. Како што пишувавме неговото враќање во ВМРО-ДПМНЕ имаше статус на политички скандал во јавноста во тој период. 

Целиот приход од продажба лани е помал от трошокот за плати!

Поставеноста во „Еурокомпозит“, барем според билансите, покажува дека компанијата не може да биде самоодржлива. Наједноставната компарација на ставките покажува дека трендот е пад на приходите кои веќе ни одалеку не можат да ги покријат само трошоците за вработените. Така лани, приходот од продажба на компанијата бил одвај 40 милиони денари, а трошокот за вработените бил 58,55 милиони денари. Вкупните трошоци на компанијата лани се 110,56 милиони денари и од приходите се повисоки за 68,8 милиони денари. На расходната страна освен трошокот за вработени значајни расходи се услугите со карактер на материјални трошоци кои изнесуваат 18,23 милиони денари. Таа ставка во 2015 година била за 16 милиони денари пониска од трошокот лани.

Се стопија приходите од продажба за период од три години!

Вкупните приходи на „Еурокомпозит“ во периодот од три години од 2014 до 2016 година бележат драстичен пад. Во 2014 година изнесувале над 100 милиони денари, во 2015 година изнесувале 65,5 милиони денари и лани паднале за 25 милиони денари до износ од 40 милиони денари. Во истиот период се намалуваат и расходите од работењето на компанијата, но со значајно помал интензитет.

Ревизорот вели „црно му се пише“ на „Еурокомпозит“...

Извештајот на независната ревизија нотира дека постои материјална неизвесност за одржување на континуитет во работењето на друштвото затоа што сметката на друштвото е блокирана за износ од 136,5 милиони денари (над 2,2 милиони евра) и има опомена за враќање на позајмица во износ од 15,75 милиони денари од Министерството за финансии. Сепак, според ревизијата најголем проблем за друштвото е акумулираната загуба што достигна 1,17 милијарди денари (речиси 20 милиони евра) која од 1,23 милијарди денари на крајот на 2016 година е сведена на 11,4 милиони денари.

Р.Ф.