30 Април, 2024
0.0256

Колку Фејсбук e ефективен како маркетинг – алатка?

Објавено во: Анализа 06 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Маркетингот на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, станува се поатрактивна алатка за промоција на производите, па и на идеите што сакаме да допрат до колку што е можно повеќе луѓе. Голем дел од вас веројатно ги користат можностите што ги дава Фејсбук за само неколку долари да направите мала реклама на... што и да е, важно е да го внесете бројот на картичката.

Сепак, дали сте се запрашале за ефективноста на ваквиот начин на рекламирање? Поттикнати од неколку повлекувања од ваквиот начин на рекламирање од страна на големите компании, бевме поттикнати да направиме малку подетално истражување на оваа тема. Веројатно сите вие што имате фејсбук-профили (особено корпоративни), имате цел да имате колку што е можно повеќе лајкови, за вашите пораки да може да дојдат до поголем број луѓе. Соочување со нула ефектот И тука е првиот трошок. За да го зголемите бројот на лајкови, давате награди, плаќате пораки да дојдат до колку што е можно поголем број луѓе и слично. Освен што ќе ги направите позадоволни акционерите на ФБ и ќе му дадете некоја награда на некој среќник, веројатно ефектот за вас ќе биде нула. Градењето лајкови на неприроден начин има огромна шанса да прерасне во форма без суштина. Доколку немате претходно направено детална анализа кому му се обраќате и со која цел, веројатноста е голема дека само ќе соберете маса што сака да освои подарок, без притоа да покажува каков било интерес за вашиот производ. Единствено што може да се надевате е дека масата ќе привлекува нови луѓе и дека некаде ќе се појават вашите потенцијални потрошувачи. Одиме сега на втората фаза. Под претпоставка дека веќе имате одреден број лајкови, со кои сте задоволни, решавате секојдневно да бидете активни и да испраќате пораки за кои не сакате да плаќате, затоа што вашето веќе сте го завршиле. Мора да знаете дека вашата порака не стигнува до сите, на пример 50.000 луѓе што ве имаат лајкнато, туку само до одреден број. Јасно, целта е да плаќате за реклами за да добиете колку што е можно поголем опфат. Значи, пораките што ги пуштате не стигнуваат до сите членови на вашата група, напротив, стигнуваат само до доста мал процент. Значи, повторно плаќате. И како секој добар извршувач на работите и ФБ ќе ви даде извештај. Сите го знаете зборчето reach, кое го има во извештаите. Тоа значи колкав е опфатот, т.е. колку луѓе имале можност да го видат вашиот пост. Имале можност не значи дека го виделе. Доколку досега сте се радувале на опфатот, знајте дека тоа во основа е безначајна бројка. Многу побитен момент е engagement, или вклученоста на оние кон кои пораката е пуштена. Што значи вклученост? Пораката е ефективна кога ќе биде лајкувана, шерувана, ќе биде коментирана и слично. Значи, корисникот ќе биде активно вклучен во она што вие сакате да му го кажете. Во спротивно, резултатот бил залуден. И еден параметар за тоа каква ви е вкупната вклученост. На секоја страница може да забележите еден главен број за лајкови, а со помали букви една бројка, која е многу помала од претходната, а тоа е talking about this податокот. Што би рекло, колку луѓе прават некаква активност на она што вие им го сервирате. Ќе забележите дека ретко каде таквата бројка надминува 5% од вкупниот број лајкови. Просекот е само 2% на корпоративните профили во САД. Фејсбук е исклучително добра алатка за промоција на производи, идеи, мислења и ставови. Сепак е магично стапче, кое може да го купите за неколку долари и вашата порака да ја види секој. Кога носите некаква одлука, најпрвин добро размислете дали тоа што навидум ќе го платите евтино, всушност нема да има никаков ефект и на крајот ќе излезе дека сте го преплатиле. Оформете стратегија пред да започнете со ФБ-кампања. Голем дел од паушалните кампањи завршуваат со пропаст или со никаков ефект. Од друга страна, доколку осмислите квалитетна вирална кампања, ефектот може да биде страшно добар. Размислете добро пред да почнете. Милан Димитриоски