Колку обвиненија се очекува да поднесе тимот на Јанева до крајот на јуни?
Објавено во: Македонија 11 Јуни, 2017
Специјалното јавно обвинителство до истекот на рокот до крајот на овој месец можно е да поднесе 20 обвиненија.
Во новите обвиненија би биле скоро сите предмети за кои веќе се знае дека се во истражна постапка, како „Тортура“ за лидерот на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошковски, ТНТ- за уривањето на Космос на бизнисменот Фијат Цановски, „Трезор“ кој се однесува на набавките на УБК и други.
До крајот на месецов треба да се знае колку од овие случаи ќе се најдат пред судот.
За да може СЈО да поднесува обвиненија и по истекот на рокот, односно од 1 ви јули, потребни се две третини од гласовите на пратениците во Собранието. Тоа значи дека одлуката треба да биде поддржана и од ВМРО-ДПМНЕ.
Минатата недела премиерот Зоран Заев изјави дека ќе биде направен обид во Парламентот да се обезбеди двотретинско мнозинство, за да може да се продолжи мандатот на СЈО.
„Тоа е тешка една мисија заради тоа што нашите политички опоненти се навистина со спротивен став од нас, но ќе се обидеме по пат на дијалог низ комисиите во Собранието да се обидеме“ - рече Заев минатата недела.
Смета дека СЈО заслужува да си го заврши својот мандат со заклучоци согласно тоа што ќе го истражува и дека ќе го комплетира.