26 Април, 2024
0.0294

Компанија на неделата НЛБ Тутунска банка АД Скопје

Објавено во: Анализа 12 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Во пресрет на 20 години од првиот ден на тргување Македонска берза АД Скопје во соработка со порталот Фактор еднаш неделно ќе ви претставува по едно котирано акционерско друштво .

На почеток ќе имате можност да се запознаете со компаниите кои се составен дел на МБИ 10 индексот.

Оваа недела ви ја претставуваме НЛБ Тутунска банка АД Скопје.

НЛБ Тутунска банка АД Скопје е водечка банкарска институција во Република Македонија со постојан тренд на пораст и позитивни резултати од основањето до денес. Банката спаѓа во групата на големи банки и според вкупната нето актива е трета по големина банкарска институција во Република Македонија. Успехот на НЛБ Тутунска банка се должи на имплементацијата на висококвалитетни стандарди во работењето, модерната инфраструктура на информатичката технологија, успешната пазарна стратегија, како и на професионалниот менаџмент, зајакнати со брендот на НЛБ.

Надзорен одбор: Јанко Медја, Петер Зелен, Марјета Звер Цанкар, Абдулменаф Беџети Борислав Атанасовски и Андреј Ласич Управен одбор:  Антонио Аргир – Претседател, Љубе Рајевски и Дамир Кудер

Интервју со Антонио Аргир, Претседател на Управен одбор на НЛБ Тутунска банка АД Скопје“

Како ја оценувате тековната 2015 година од аспект на вашето работење? Дали резултатите досега се во рамките на очекувањата? Можете ли да издвоите по една највпечатлива позитивна и негативна карактеристика?

antonio argir nlbВо текот на 2015 година, НЛБ Тутунска банка работеше во релативно стабилно макроекономско опкружување. Во македонскиот банкарски сектор сеуште доминира групата на големи банки, кои опфаќаат околу 60-70% во различни сегменти од банкарскиот сектор. НЛБ Тутунска банка е трета банка по големина во однос на вкупните средства, со пазарно учество од 16,6%. На пазарот беше изразена остра конкуренцијата помеѓу банките, особено во доменот на каматните стапки на кредитите, цените на услугите од картичното работење и платежните системи, како и при преземање на клиентите. Сепак, воочлив беше недостаток на иницијатива за приватни инвестиции и квалитетни инвестициски проекти на мали и средни претпријатија.

Во 2015, НЛБ Тутунска банка ја прослави 30 годишнината, продолжувајќи да ги исполнува и проширува нејзините цели, завршувајќи ја годината со нето добивка повисока за 20% од онаа во претходната година. 2015 беше година на кредитирање на физички лица, при што кредитниот раст на нето кредити изнесуваше 16,3% наспроти кредитниот раст на правни лица кој изнесуваше над 10,8%,со посебен акцент во финансирањето на микро и мали претпријатија каде растот за 2015 година изнесува 38%. Кредитниот раст на физички лица беше силно подржан од огромната побарувачка за станбени кредити, која никогаш не растела со ваква брзина, како и големата побарувачка за потрошувачки кредити.

Во 2015, Банката инвестираше во нови POS терминали, за што најдобро зборува податокот од 37,3% пазарно учество од аспект на промет преку POS терминали, како и 27,1% од пазарното учество од аспект на промет преку картички на НЛБ Тутунска банка. Банката отвори две нови и реновираше две експозитури, завршувајќи ја годината со вкупно 50 експозитури. Се инвестираше и во центарот за готовина и системите за информатичка технологија, стремејќи се кон подобрување на достапноста, општиот квалитет, брзината и ефикасноста на услугите на Банката. Сите клучни показатели се подобрија во споредба со 2014 година, а пазарното учество на Банката во различни пазарни сегменти константно се одржува помеѓу 15-40%. На крајот на годината, Банката по осми пат беше избрана за „Банка на годината 2015 во Македонија“ од престижиниот финансиски магазин The Banker.

И во 2015 година, НЛБ Тутунска банка останува иновативна банка со понуда на најсовремени продукти и услуги, и е прва банка на пазарот која има единствен центар за готовина кој нуди услуги како за банки, така и за правни лица во Македонија, прва го лансираше концептот на Лично банкарство, го воведе мобилното банкарство, како и првиот целосно автоматизиран инстант кредит. Следејќи ги најновите банкарски технологии и трендови, Банката постојано ги развива и ажурира картичните и системите за електронско и мобилно банкарство.

Оваа година Банката воведе НЛБ Банкоосигурување како прва банка на пазарот која започна со продажба на полиси за неживотно и животно осигурување. Исто така, оваа година воведовме и нов картичен продукт Mastercard Debit Contactless, со бесконтактна технологија на плаќање. Банката нуди широко продуктно портфолио и за правните лица, како што се поволни кредитни средства од сопствени извори и од наменските кредитни линии, кои се особено поволни за финансирање проекти од областа на енергетската ефикасност, производство на струја од обновливи извори на енергија, производство и трговија со земјоделски производи и сл; техничка експертиза и личен третман од банкарските службеници, советодавни услуги за ефективно деловно работење во корпоративниот сегмент, како и брз и сигурен пристап до сите услуги на Банката преку широката мрежа на експозитури и електронски канали.

Во текот на 2015 година Банката ја зголеми својата понуда со нови кредитни продукти за микро, мали и средни претпријатија со воведување на О2 лимит кој претставува долгорочен револвинг кредит, прв од таков тип на пазарот. Исто така воведена е on-line апликација за бизнис соработка со што клиентите поднесуваат барање преку веб страната на Банката и добиваат понуда посебно изработена за нив во рок од еден работен ден. Воведена е и on-line апликација за дозволено пречекорување на сметка – overdraft, каде клиентот директно може да пресмета за кој износ може да поднесе барање. Во оваа насока ќе бидат и идните планови на Банката, кон on-line апликации каде клиентите од својата канцеларија штедејќи време ќе бидат во постојан контакт со Банката, добивајќи навремени информации и совети.

Деловниот план на Банката за 2016 година предвидува и понатамошен фокус на кредитирање на населението, микробизнисот, малите и средни претпријатија, инвестирање во дигитални технологии кои ќе овозможат брз и лесен пристап до услугите во Банката, побогата понуда на кредитни и депозитни продукти и услуги специјализирани за одделни подсегменти од пазарот, понуда на небанкарски продукти како животното и неживотното осигурување и доброволно пензиско осигурување и продукти кои се базираат на дигиталните технологии како што се безконтактните плаќања, нови услуги во електронските платни сервиси (електронско и мобилно банкарство), лојалти шеми со трговската мрежа, кобрендирани картички во соработка со наши клиенти и продажба на продукти на трети лица преку деловната мрежа. Кај населението станбените кредити и понатаму ќе бидат еден од главните продукти имајќи предвид дека побарувачката за станови и понатаму расте, а и каматните стапки во моментот се доста поволни за ваков тип на инвестиција. Од аспект на управување на односите со клиентите,ќе инвестираме во развој на нови техники, се со цел уште подобро да ја разбереме клиентската база, да ја адаптираме нашата понуда согласно потребите на клиентите и со тоа да излеземе во пресрет на нивните очекувања.

Како ја оценувате вашата котација на берзата? Има ли од неа стекнати придобивки и кои се сеуште неискористените потенцијали?

Задолжителната котација на НЛБ Тутунска банка на Официјалниот пазар на Македонската берза, Банката ја прифати не само како законска обврска, туку и како бенефит за целокупното работење. Банката континуирано ги зајакнува принципите на корпоративно управување во насока на меѓународно прифатените стандарди, што меѓу другото секако се развива и во подобрување на транспарентноста во работењето. Пазарната капитализација на Банката порасна за над 2,5 пати што наспроти општата стагнација на пазарот изразена во вредноста на МБИ 10, е показател дека компанијата е препознаена од страна на инвеститорите кои добро знааат, проценуваат  и  анализираат каде вложуваат. Дека пазарот го наградува квалитетот и интегритетот, потврда е вклучувањето на Банката меѓу трите најтранспарентни котирани друштва за 2014 година. Овој тренд продолжува и во 2015 година мерено преку бројот и квалитетот на објавени информации, и како и досега, останува наша долгорочна посветеност. Од друга страна, Банката го препознава потенцијалот на пазарот на капитал како место за пристап до финансиски средства од надворешни извори, што секако е дополнителен мотив да ги градиме мостовите на доверба кон домашната и меѓународната инвеститорска јавност.

Верувам дека амбиентот на пазарот на капитал дополнително ќе се подобрува и со мерки на страната на побарувачката, што ќе генерира повисока инвестициска активност и фундаментално зацврстување на македонскиот пазар на хартии од вредност како еден од основните постулати на пазарната економија.

nlb1

finansiski podatoci nlb

fin.pokazateli nlb

dvizenje na cenata nlb

Минимална цена 5.250Максимална цена 7.799Последна цена 7.501

Годишна ценовна промена (YTY)41,59%

Состојба 08.01.2016

komparativen pregled nlb