Конгресната библиотека во Вашингтон ќе има проблеми за пребарување со промена на името
Објавено во: Свет 28 Јуни, 2018
„Ако името на државата се промени, нашиот Оддел за политика и стандарди ќе треба да се состане и да донесе одлука дали и како ќе го промени каталогот, за да може тој да го одрази новото име на државата“, вели Анџела Кенон од Конгресната библиотека за Гласот на Америка.
За Кенон ова не е нова ситуација. На пример, распаѓањето на Советскиот сојуз довело до промена на насловите за пребарување во Библиотеката, кои оттогаш биле заменети со Руска Федерација.
Од аспект на библиотекарка, за неа ова ќе значи уште еден слој на комплексност во идентификување на историските материјали за Македонија.
Улога во тоа имаат и весниците, кои ги нарече Нацрт-верзија на македонската историја и извор за сите сегменти во општеството.
„Конгресната библиотека прави договор со нашите соработници во Македонија за да може да обезбедиме материјали кои се важни за нашата колекција, а кои дотогаш не ни` биле понудени“, додава Милиша Петронијевиќ, специјалист за Југоисточна Европа.
Такви се мапите, меѓу кои и една од најстарите сочувани, а која ги отсликува старите граници на државата.
Конгресната библиотека рече дека нема да зазема страни за тоа која перспектива ја имаат луѓето во врска со македонската историја, и најави дека ќе продолжи да обезбедува материјали на сите јазици, и од различни аспекти, кои студентите и историчарите сами ќе ги проценуваат.