07 Мај, 2024
0.0223

Коњановски во Битола ја презентираше ИПАРД програмата за модернизација на земјоделските стопанства

Објавено во: Агробизнис 27 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска во Битола, ја претстави ИПАРД програмата преку која се овозможува користење на европски финансиски средства за модернизација на земјоделските стопанства. Cтанува збор за мерките 101, 103 и 302 преку кои е предвидена директна поддршка за унапредување на земјоделските стопанства, поддршка за земјоделските стопанства за изградба на објекти за преработка на земјоделски производи и поддршка за диверзификација и искористување на економските потенцијали на руралните средини. На средбата со заинтересираните поединци и фирми за користење на европски средства за модернизација на земјоделските стопанства, заменик-министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, истакна дека трите мерки ќе бидат директно имплементирани, бидејќи за нив постои голем интерес од пелагониските, но и другите земјоделци во државата. - Во текот на минатата година направивме добра анализа, извршивме модификација на програмите и создадовме услови за апсорбирање на повеќе европски средства наспроти досегашните огласи и искористените околу 9 милиони евра од европските фондови. Оваа шанса треба да ја искористат потпелистерските села за развој на руралниот туризам, односно мали и средни претпријатија да градат објекти со капацитет до 30 соби и 50 легла и да придонесуваат за руралниот туризам - посочи Коњановски. Огласот за поднесување на апликациите за користење на европски средства за модернизација на земјоделските стопанства ќе биде отворен до крајот на август, потоа ќе следи проверка и доколку е потребно, ќе се овозможи докомплетирање на документацијата се со единствена цел да се искористат што повеќе од понудените средства, беше предочено на денешната средба во Битола.