Ковачевски вели дека клубот во Охрид го отвориле македонски граѓани
Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2022
Според македонскиот премиер, Димитар Ковачевски клубот во Охрид е провокација од македонски граѓани кои не сакаат да видат добри односи со Бугарија.
Тој вели дека го осудува отворањето на тој клуб, но него го отвориле македонски граѓани.
„Ако треба некому да реагираме, тоа е на македонските граѓани што живеат во нашата држава и кои треба да имаат чувство за граѓаните коишто имаат резерва кон тоа име и кон таа личност. И тоа не се однесува само на овој клуб, туку и на претходни клубови што се отворени“, рече премиерот.
Кажа дека има премногу либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија и затоа пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации.
Вчера во Охрид беше отворен бугарскиот клуб Цар Борис Трети, а граѓаните протестираа. Поддршка на протестот дадоа Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Левица прва повика на протести против отворањето на клубот.
И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кажа дека тој лично го осудува отворањето на овој клуб.