22 Јули, 2017
2.0728

КРИТИЧНАТА МАСА

Објавено во: Колумни 30 Мај, 2017

Изминативе пет години по Македонските зовриени улици не така често, но најмалку еднаш во месецот ќе можевте да видите една специјална група протестанти. Оваа група беше потполно шарена, стара и млада, бездруго енергична, доста брза, посебно дисциплинирана и бескрајно љубезна со другите корисници на заедничката урбана површина – позната како улица.

Од неа знаеше да се чуе звукот на некое свирче, но воглавно ѕвонеа ѕвончињата. Ќе се појавеше брзо долгата колона и уште побрзо по десната страна од коловозот ќе се изгубеше напред во градскиот метеж. Па каква е оваа тивка, пристојна, брза и ефикасна група група протестанти која може да ја посака секоја полиција и секоја влада? – Тоа е Критичната маса на Скопје. Основното оружје на оваа градска герила е велосипедот – најсовршениот инструмент за патување низ вселената на градот и наједноставната машина за транспорт на најважното нешто на планетава – самиот себе. Всушност оваа група, пред се демонстранти, нам на неучесниците ни демонстрира веќе 60 пати по ред како е чувството силно да се отворат очите, да се протегнат рацете и нозете и да се лизне храбро на градскиот асфалт таков луд, несигурен и демнет од сите сеништа на хистеричниот сообраќаен циклон. 

Целиот овој точкашки хип започна како подигнување на свесноста - Што може да значи велосипедот за Скопје? Сето ова под тешки услови на град дизајниран во времето на светскиот автомобилски бум.  Изведуван под уште поголеми импровизации градот завршил глув и нем за изумот од 19-от век – велосипедот. Со само две патеки долж Партизанска беспредметна ја прават споредбата на пример со Љубљана која уште во шеесетите години развива мрежа од 45 км патеки по урнек на Копенхаген со кој ги врзува менторска релација. Денес Лубљана располага со 180 км активни велосипедски сообраќајници. Нејсе, никогаш не е доцна да промовирате здрав урбан живот и уште подобро во комбинација со економски импакт кој е евидентен. Згора на тоа заштитата на животната средина и намалување на загадувањето креира win-win ситуација за намерата на оваа иницијатива и ги прави учесниците вистински амбасадори на новото и корисното. Ќе речете толку многу добробит концентрирана во активноста на  само една група ентузијасти кои решиле да го променат градот, понатаму државата и конечно заедно со исти такви разбудени истомисленици кои го возат својот маратон во други земји и градови, да го променат Светот. Фактите вистински одат во прилог.  Но истото тоа го препознава и ПР машинеријата на граѓанинот Коце која во 2014 тргнува да сурфа на вело-бранот ветувајќи го Скопје за комплетно велосипедски-град до 2017 година со мрежа од најмалку 60 километри модерно уредени патеки. Тажно, од тоа денес ѕиркаат по главите смерници некои 15 км а функционални и неповрзани со микромрежата во која живее потенцијалниот велосипедист.

Праведни во својот пристап и истрајни во својата намера за подобрување на условите на секој градски точакџија тие (Критична маса) ги налутија или попрецизно самите се налутија на некои големи скопски градоначалници со многу мандати зад себе, заради нивната некооперативност и инерција или најмалку за не спорведување на нивните ветувања во дела како на пример со  неизградените градски трансверзали, нивните конектори како и микро мрежата низ самите населби. Лекоумноста и потценувањето на моќта на оваа идеја на дел од општинските администрации може да значи силен баласт во пресрет на локалните избори. Дополнително Коце прогласувајќи се за еднодневен автомобилски апстинент во услови на најголема загаденост на градскиот воздух се подлажа да лижне од медот (читај срамот) на детски наивниот маркетинг и да се трансформира во Пепелашка која бегајќи пред реалноста го загуби на еден ден својот службен Мерцедес, позирајќи можеби искривен на точак  или евентуално построен на некоја приградска автобуска станица. Припросто и аматерски, не? Не би не изненадило доколку пред блиските локални избори Коце и братијата тргнат да истураат хектолитри жолто-портокалов поликолор по буѓавите неисчистени тротоари, убедувајќи не по принципот “тази дупка не е дупка”, дека оваа мачканица е вистинска наменска вело-патека. И повторно, аматерски, зарем не?

Во исто време неговите колеги од Лондон, пропагаторот на cycling-от Борис Џонсон и подоцна неговиот наследник Садик Кан градат урбани велосипедски автостради со дополнителна комплексна разгранетост, додека пак Њујорк и Амстердам ги бираат буквално првите „велосипедски„ градоначалници, титула резервирана за вистинските креатори и предводници на новото велосипедско цунами. Сепак, постои предизвик дури и за овие големи метрополи: како да се охрабрат луѓето да почнат повеќе да возат велосипед? Постои мит дека луѓето сами ќе почнат ако имате добра велосипедска инфраструктура.  Добрата вело-инфраструктура не е доволна. Градовите треба да експериментираат со алтернативни начини да го променат овој менталитет и луѓето да ги качат на точак. На пример постојат доста докази дека возењето помага во борба со депресијата, или уште повеќе ја подобрува менталната кондиција и расположението кај здравите лица. Со овие факти, умно потребени и комуницирани патот до завртување на педалите би можел битно да се скрати.

Во наши услови на овој план настапува Критична маса и здружението На точак. Тие не ја измислија оваа идеа, но се нахранија со неа  и некако „пораснаа“ со замислата дека може да го променат нашиот свет. Најмалку барем да го сменат нашето животно опкружување и начинот на личниот транспорт. Тоа пак е сигурно е една од најсилните трансформациски пораки која  егзистира и во континуитет циркулира како животна енергија во изминативе пет години во овој град. Не премачкувајќи ја со политички сенф, оваа идеа е зародиш на елементарна промена осудена на успех и долгорочност пред се заради благородноста која ја носи во себе и заради силата на информацијата која вибрира со неа. Таа е створена некаде, доста настрана и далеку на Американскиот континент (Сан Франциско, 1992), но сеуште подеднакво бранува на сите меридијани дури и посилно од денот кога е родена. 

Последната среда на овој Мај, 2017-та е петтиот роденден на Критична маса. Пет години откако по прв пат вревата од весели гласови и ѕвончињата се обиде да ги победи оштрото шкрипење на гумите и забревтаните мотори на сивите раскрсници. Нека ви е честито храбри луге!

Тоа што го правите вие е гласот на разумот. Тоа пак што ги разбравте потребите на нашиот граѓанин ве прави поголеми од секој градоначалник на овој град. Ако пак знаевте сите овие години, дури и кога сте биле излажани, изманипулирани или заборавени, дека вело-патеката и понатаму врви пред вас, а борбата продолжува ве прави позрели од многу големи поглавици и нивните сламени надмудрувања. Тоа што никој не треба да ве избира и да ви дозволува, туку самите пет години се осмелувате и стапнувате на улиците ве прави рамни на она што е Anna Luten за Њу Јорк и Амстердам.

За нас ви сте Bike Mayor “ на овој град и дел од неговата душа и се надевам дел од неговата иднина. И ако малку можам да кажам дека со моето ретко совозење сум заслужил да се наречам Критична маса денес уште повеќе разбирам колку е значајно да се биде дел од неа и да се поддржи нешто толку критично значајно што скоро во исто време секој месец стартува на Марианен Плац во Берлин, под мостот Ватерло, на Градскиот  плоштад во Скопје и стотици места во Европа и Светот. Разбираме ли дека Критична маса е дел од светското наследство, дека е кодирана во универзалниот јазик кој сите го говориме и разбираме и кој може многу да ни помогне да бидеме препознаени и да припаднеме таму каде што припаѓаме. Уште еднаш, Среќен роденден. Се гледаме на Плоштад!

Пишува: Д-р Анте Попоски

Можеби ќе ве интересира

Ред се редат нашиве во Русија

Ред се редат нашиве во Русија

Охрид со судбина на кохабитација - Што ќе договорат Заев и Бакрачески

Охрид со судбина на кохабитација - Што ќе договорат Заев и Бакрачески

Политички тиради за збогување

Политички тиради за збогување

Украина во тесно

Украина во тесно