ЛАДНОТО ВРЕМЕ ГИ БРОИ ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ, ОД ВТОРНИК И ДО 20 СТЕПЕНИ: Обилни дождови и снег само уште утре и в понеделник
Објавено во: Македонија 08 Април, 2023
Во текот на
претстојната ноќ, а особено утре на повеќе места во Македонија ќе има повремени
врнежи од дожд и истите локално ќе бидат поинтензивни (над 20 л/м2).
На планините над 1300 – 1400 м.н.в ќе има врнежи од снег, прогнозира
метеорологот Славчо Попоски.
Според него, во следниот период ќе дува и слаб до умерен ветер од северен правец, и истиот повремено ќе засилува на интензитет. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 15 степени.
Во Скопје и околината исто така утре се очекуваат повремени врнежи од дожд. Ќе дува северен ветер и истиот повремено ќе засилува на интензитет. Локален дожд и снег на планините ќе има и во понеделник. Веќе од вторник па натаму следува стабилно и суво време со многу повеќе сонце. Исто така од средината на следната седмица и температурите ќе бидат пролетни и речиси насекаде ќе се искачуваат над 15 степени, а во централните и во југоисточните предели и над 20 степени.