14 Мај, 2024
0.0246

Лаф-муабет со Иво Ранѓеловиќ: Бостон е виновен за мојот карактер, култура и знаење, а Лондон - таму го „купив“ култот кон јадењето бургер

Објавено во: Стил 28 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Неговите размислувања ќе ви се допаднат сигурно, како и елоквентноста чиј гранд е повеќе од забележлив. Со таков манир е и нарацијата, следствено. Независно дали го читате или слушате, гледате на ТВ, коментарите на Иво Ранѓеловиќ се наместо, буквално секогаш - глобалната политика му е специјалност, првенствено меѓународните односи за кои се школувал во САД и во Англија, во тамошните угледни школи, т.е. факултети, а приправничкиот или практикантскиот стаж во Британскиот парламент е особено важен кога се работи за бекграундот на политикологот чија моментална преокупација е градежништвото. 

Муабетевме за сешто, вклучително и за неговите патувања, сосема неизбежно. Всушност, Иво Ранѓеловиќ го запознавме и поинаку, од различна перспектива што е и крајна цел на овој и на другите, останатите лаф-муабети со нашите соговорници - разонодата - опуштено, без каква било напнатост.   

Јавноста Ве познава меѓу другото и како редовен коментатор на глобалната политика, меѓународните односи. Пишувате и колумни. Всушност, политикологијата е Вашиот фах, попрецизно аналитиката. Ќе ги одбегнеме таквите прашања бидејќи целта не ни е да ја оптоваруваме читателската публика дополнително, туку да ја разонодиме. Но, се чини дека неизбежен е муабетот за политизирањето на буквално сѐ, вклучувајќи ја и пандемијата. Зошто е така? Можеме ли конечно да се опуштиме и како? Политиката ни стана опсесија, неизбежно и политичарите.  

Ранѓеловиќ: Некако комотно се осетив во вашиот вовед кој ме наслови коментатор на глобална политика. Сигурно не сум експерт, но и поимот аналитичар тешко го апсорбирам. Она што е сигурно е дека уживам во политиката, наука која се испостави како најудобно место за моите мисли и чувства. Уживам и во нејзината неегзакност која секогаш подава рака за нова идеја. И покрај тоа што применувањето на политичките парадигми често знае да создаде хаос, во политичката мисла хаосот е всушност систем.

Но, во моментот кога политиката ја перципирате како идејна матрица, тогаш настанува проблем. Секој може да си дозволи да „разбира“ политика, да ја вреднува и интегрира по свој вкус, да манипулира. Така политиката стана најразвиена стопанска гранка во Македонија, а партиите најголеми работодавци. Генералната причина за политиката да се постулира како колективна опсесија е неспособноста на нашето општество да фати чекор со времето (читај: реалноста). Лажицата која нѐ меша надолу по оваа спирала е всушност масовната некултура и отсуството на вредносно-културниот систем. Таквите општества најчесто гледаат вина во политиката, а спас во религијата. Сѐ додека е така, тешко ќе се опуштиме. А, лекот? Лекот е пред нас. Сѐ започнува со домашното воспитание, продолжува со однос кон околината (да не уринираш по скали, да не кршиш клупи и лифтови, да кажеш добар ден итн.), потоа се развива свеста за потреба од институции, еволуира во култ кон државата, но и природата, за да заврши со достоинствен животен век. Колку и да звучи едноставно, едноставноста е најтешкиот сегмент на животот.

Завршивте додипломски, па и постдипломски студии во странство. Заради нив, извесно време поминавте во САД и во Англија, т.е. во Бостон и во Лондон. Па, можете ли да ни кажете зошто се вративте кога егзодусот на мозоците рапидно се зголемува? Што Ве мотивира тука? Што е убавото? Како гледате на можностите за успех овдека, постојат ли воопшто?

Ранѓеловиќ: Круцијална пречка при носење на животна одлука е неискуството. Особено кога сте млади. Се разбира, тоа не значи дека по автоматизам ќе згрешите. Но, често на одлуките им судиме согласно успехот кој сме го постигнале. Барем таков беше тоналитетот во вашето прашање. Јас имам малку поинакво, не така конвенционално разбирање на успехот. Имено, моралниот императив на секој успешен човек би требало да е балансот. И кога јаде, и кога пие, и кога спие, и кога работи. Тоа е предизвик во земјите на доцниот капитализам. Втора особина за успех е да се осознаеш себеси преку стекнување на квалитетно образование, а потоа да го запознаеш и светот, преку книга или патување. Третата (не и најмалку важна) компонента е придонесот кон општеството. Секој од нас треба да се стреми кон придонес со кој светот би бил поубаво место за живеење.

Ако се согласиме за момент дека ова се премисите на успехот, тогаш е ирелевантно дали ќе се одлучите да живеете во Бостон, Лондон или во Скопје. Не би сакал да идеализирам, но секогаш сум размислувал да се вратам и да придонесам во својата држава. Освен што размислувам, сега и работам на тоа, па времето нека биде сведок.

За Бостон се зборува суперлативно, инаку не. Како влијаеше на Вас? Што Ве импресионира кога се работи за стилот на живеење? Како функционираат неговите граѓани? Мислам на врсниците. А пропо жителите на Лондон, еве. И, се разбира, што „купивте“ од англиската метропола? British Style можеби.

Ранѓеловиќ: Бостон не го освоив на прва топка што се вели. Имав потешкотии да се адаптирам, особено поради возраста и интензитетот на учење со кој морав да се справам. Набрзо фатив чекор со суштината на градот кој важи за најевропски во Америка. Огромен диверзитет на луѓе циркулира по улиците на Бостон, пред сѐ млади. Ако на тоа наддадеме дека Бостон е градот во кој се „крои“ светскиот поредок, што му преостанува во очекувањата на еден студент како што бев јас? Најубавите години од мојот живот поминаа во тој град. Бостон е виновен за мојот карактер, култура и знаење.

Од друга страна, Лондон е метропола по многу нешта. Незаборавни се моментите кои ги поминав како практикант во Британскиот парламент, но и оние доцни, навидум наивни разговори со колегите на различни теми од науката од кои научив многу. А, кога сме кај стилот, правите лондонери се исклучителни во својата уникатност кога станува збор за модата и џентлменството. Сепак, она што јас го „купив“ е култот кон јадењето бургер во Лондон, како чин на раскош и карактерни манири. Оние што живеат во Лондон знаат на што мислам.

Повеќе на Машки магазин овде