14 Мај, 2024
0.1506

Лаф-муабет со Виктор Црвенов: Луѓето се подготвени за пари да ја погазат својата гордост

Објавено во: Стил 07 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Безмалку шеснаесет години „Круг“ е омилен меркез, собиралиште на скопските урбани дечки, девојки кои се карактеризираат со авангардност, во секој поглед. Иако трендовите ги обезличија вредностите, и културните и моралните, кафулето и натаму е консеквентно на својата првичност - неконвенционално место за опуштено да испиете убаво кафе, да слушате добра музика и, секако, да почувствувате задоволство меѓу другото и заради енергијата со неизбежниот адјектив - позитивна. 

Оттаму и генерациската испреплетеност, новите и редовните, дамнешни посетители кои се врќаат постојано. За тоа е најзаслужен Виктор Црвенов, неговиот сопственик чија менаџерска способност е повеќе од забележлива. Со него разговарав олабавено, за сѐ и сешто, принципиелно на понеделничката рубрика. Некогаш и нема потреба од километарски прелудиум, доволни се два-три збора и, останатото е лаф-муабет. Достатен е само еден „урби ет орби“ (фиг. на градот и на светот).

Големата посетеност на „Круг“ е потврда, меѓу другото, и за успешното менаџирање, но и обратно, се разбира. Неполни шеснаесет години е така, без каков било застој. Ќе ни кажете повеќе за неговите почетоци? Каква беше идејата и дали сега, од аспект на денешна состојба, неговата работа е онаква каква што ја замислувавте и посакувавте на отворањето? 

Црвенов: „Круг“е замислен како урбано место, чиј ентериер е неконвенционален, кое не претендира да стане дел од „градската шема“, опуштено и место кое нуди добро кафе, добра услуга и добра музика. Почнавме со свирки од кавер и авторски бендови, нешто што беше новина за кафуле и тоа траеше сѐ до донесување на законот за пушење, кога интересот на посетителите некако опадна за затворени простории, а пушачите го минуваа времето претежно надвор, пушејќи. Оттаму се наметна потребата за поставување урбана опрема на тераси, нивно заградување, застаклување, за да се обезбедат услови за пушачите, а тоа придонесе за еден тотално друг концепт на работење, „забавата“ се префрли надвор, внатрешниот простор од локалите остана празен. „Забавата“ се пресели на „терасите“! Морам да признаам дека трендот на излегување е сменет. Ние сѐуште се трудиме да имаме добра понуда на услуги и музика, меѓутоа концептот е дијаметрално спротивен од замислениот на почетокот. Би рекол дека сѐуште „пливаме“ добро, а доказ е тоа што останавме едно од ретките кафулиња во градот кои работат толку долго со ист тим.

Што се промени во меѓувреме? „Круг“ беше  урбано кафуле, но и покрај трендовите како турбофолкот на пример, остана доследно на својата првичност - убаво кафе, добра музика и позитивна енергија. Посетителите какви се, доминира ли некоја возрасна група луѓе? Всушност, забележлива е генерациската испреплетеност што е навистина убаво, па и голема реткост.  

Црвенов :Многу работи се променија. Шеснаесет години не се малку, нови трендови се во мода, нови генерации изникнаа. Ние важевме за локал со посериозна клиентела, која сѐуште е присутна, но не доминира. Од друга страна, пак, останавме верни на нашиот стил на музика, не потпаднавме под турбофолк трендот, кафето е сѐуште топ, ние имаме некоја брчка повеќе, но мислам дека позитивната енергија не сме ја загубиле. Се трудиме гостите да се чувствуваат пожелни и задоволни и, секако, максимално да им посветиме внимание.

Како гледате на конкуренцијата? Поради нелојалноста, Ви пречи? Што мислите за неа, има ферплеј? Или не ѝ обрнувате внимание? Меркез е Дебар Маало, нема сомневање. 

Црвенов:Конкуренцијата е добра ствар, ви дава поттик и мотив да одите напред. Мислам на лојалната, секако. Нелојалната нема потреба да ја коментирам. Ја приметувам, но не ѝ обрнувам внимание, не вреди.

Без оглед на претприемачкиот дух, неопходни се и манирите, постапките на сопственикот или менаџерот за успешно работење на угостителскиот дуќан - кафулето. Според Вас, што е важно да има тој, каков начин, стил на однесување кон редовните, па и другите посетители, новите гости?

Црвенов: Добрите манири и однесување никогаш не искачаат од мода. Често знам да им кажам на вработените да монтираат насмевка при комуникација со гостите. На секого му е потребно внимание, а кога пристапот е позитивен од една страна, другата има малку можност да биде незадоволна.Убав пристап во комуникација, добра и позитивна енергија никогаш не се на одмет!

Гардеробата е исто важна, стилот на облекување или начинот, сеедно. Како би требало да изгледа тој? Менаџерскиот, се разбира. Вие, како ќе го дефинирате Вашиот? Каква облека преферирате? Дали брендот е престижна или работа, прашање на квалитет?   

Црвенов: Изгледот и гардеробата се важни, но не и пресудни. Битно е човек да изгледа чисто и уредно. Јас сум кицош, отсекогаш сум сакал добро парче облека, чевли или патики. Чевли не носам одамна, носам исклучиво патики, обувките генерално ми се фетиш. Сакам авангардна, несекојдневна, уникатна гардероба. И црна. Најчесто е црна и нејзини варијации. Не купувам познати и конвенционални брендови. Меѓу модните имиња во кои се пронаоѓам себеси спаѓаат парчињата облека од авaнгардните дизајнери како Boris Bidjan Saberi, Rick Owens, KTZ, Y-3, Army of Me, Masnada…Не сакам логоа на гардероба. На крајот, логотo на брендот нема да ве направи пофраер, треба и нешто да знаете да кажете.

Целото интервју на Машки магазин