Македонија забележа пад во буџетската транспарентност
Објавено во: Финансии 01 Јуни, 2022
Македонија забележа пад во буџетската транспарентност, покажа истражувањето спроведено од Центарот за економски анализи (ЦЕА) во соработка со Меѓународното партнерство за буџети-МПБ (International Budget Partnership’s) во кое се опфатени 120 земји. Истражувањаето покажало дека иако повеќето од земјите успеале да го задржат нивото на буџетска транспарентност и надзор како во претходното истражување од 2019 година.
Во 2021 година буџетската транспарентност на Македонија е намалена споредено со 2019 година, од 41 во 2019 година на 36 во 2021 година.
- Ова најмногу се должи на ненавременото објавување на Фискалната стратегија (предбуџетска изјава) и на неподготвување на Полугодишен извештај согласно меѓународните стандарди - се вели во соопштението испратено од ЦЕА по повод истражувањето кое како што нагласуваат е спроведено врз основа на сеопфатен прашалник.
Во истражувањето чии резултати се достапни на официјалната интернет страница на ЦЕА се посочува дека одлуките за националниот Буџет, какви даноци да се наплаќаат, какви јавни услуги да се обезбедат и колкав долг да се превземе, влијаат на благосостојбата на граѓаните.
- Клучно е владите да ја информираат и вклучат јавноста за овие витални одлуки кои влијаат врз нивните животи и на тој начин да се осигура трошењето на јавни средства да биде во име на јавниот интерес - се нагласува во анализата.
Анкетата за Oтворен буџет (Open Budget Survey- OBS) е единствениот независен, компаративен и врз основа на факти базиран инструмент за истражување кој користи меѓународно прифатени критериуми за проценка на пристапот на јавноста до информациите за Буџетот на централната власт; формални можности јавноста да учествува во процесот на донесување на националниот буџет; и улогата на институциите во надзорот на Буџетот, како што е законодавната власт и ревизијата на буџетскиот процес, посочуваат од ЦЕА.