02 Мај, 2024
0.0324

Македонските граѓани знаат и сакаат да штедат, но незнаат од што?

Објавено во: Анализа 31 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Денес се одбележува денот на штедењето, но кој и колку успева да тргне денар настрана? Живеачката е се поскапа, платите не стигнуваат ниту до половина, а не пак до крајот на месецот.Ова се најчестите коментари на обичниот македонски граѓанин , кој крпи крај со крај за да го истурка месецот. Сметки, храна, домување и можеби облека, но само ако остане некој денар плус, и платата отишла. Штедењето денес, вели Петра Стефановска, пензионерка од скопската населба Драчево, е мисловна именка. Со мала пензија, кредит, шест внучиња и зима која штотуку не започнала, да се штеди е скоро невозможно.
“Порано додека децата ми беа мали, на штедна книшка им стававме со сопругот секој месец пари за да им ја осигураме иднината. Тогаш, времињата беа посигурни, платите редовни и големи, барем за нас, средната класа. И јас и сопругот работевме во Охис, некогаш најголемиот хемиски гигант, поим во индустријата.Денес, за жал многу луѓе од таму останаа на улица, со години без плата и придонеси. И, треба да зборуваме за штедење? Не, токму на денешниот ден треба да се зборува за преживување. И тие пари кои ги штедевме за децата, пропаднаа со девалвацијата на денарот во осумдесеттите, останавме без ништо. Едвај од парите остана колку за по еден пар кондурчиња. Тогаш ја изгубивме довербата а имавме пари, а денес немаме пари, па и да сакаме не можеме да штедиме” -додава Стефановска.
Дека денес се потешко се тргнува денар на страна потврдува и Б.К од Скопје. Вели иако и тој и сопругата работат, со две мали деца тешко е да се заштеди денар плус.
“Јас работам во државна институција, сопругата е во приватен сектор, и иако дома ни влегуваат две плати, се потешко ни е да оставиме пари на страна. Ако купиме некое евро плус, тоа е под перница, за во банка сеуште не сме размислувале. Парите најмногу одат за храна, скапа е храната, а без неа не се може, потоа сметките, за поголемото дете, за во училиште, англиски, спорт и отишле парите! Се тера некако, но за некое поголемо штедење не може да стане збор”-вели Б.К. Македонскиот граѓанин по традиција има навика за штедење, прашањето е колку приходите и куповната моќ му го дозволуваат тоа?
Професорот по економско-социјални науки д-р Јован Пејковски од Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет, за Фактор.мк вели дека денес за добар дел од граѓаните штедењето е непознат поим поради малите приходи а големите давачки. Но сепак, во однос на минатите години расте довербата кон штедењето во банките.
“Во еден период се загуби довербата во институциите за штедење, од познати причини, меѓутоа со тек на време банките формираа еден поинаков однос кон клиентите, а институционалното решение е формирањето на фонд за гаранција на депозитите кое влијаеше таа доверба да се врати. Со самото тоа, довербата на граѓаните кон банкарскиот систем покажува и растот на депозитите, а таквиот однос пак од друга страна влева доверба и на една и на друга страна. Македонскиот граѓанин по традиција штеди и за арно и за лошо како што велиме, арно за свадби, сунети, крштевки, лошо за болест, смрт -не дај боже. Штедењето станува неопходна потреба, посебно во современи услови кога гледаме дека без акумулирани средства неможе да се реализираат покрупни инвестиции и сепак она што се нарекува задоволување на потребите на едно домаќинство. Таа традиција според мене треба да се одржува и да се врши едукација и на младите генерации, посебно во насока на потребата не само од правилно штедење, туку и насочување на средствата на капиталот во други намени, продуктивно штедење или пак инвестиции во акции, берза”-вели проф. Пејковски.
Финансиска писменост или навика за штедење! Желбата и мотивите да се штеди се едно, но реалност и можностите се друго. Иако, граѓаните сакаат да имаат денар плус кој ќе им се најде во густо, навиката за штедење е сеуше на ниско ниво. Дел од што се нема, а дел од што и задолжувањата онолку колку што реалните приходи не го дозволуваат тоа.На банкарскиот пазар недостасуваат нови услуги, нови форми на понуда кои треба да понудат можност и за поинакви видови на штедење, и со самото тоа решавање на прашања кои бараат подолгорочни инвестирања.
“Штедење во облик што кај нас постои секако може да се унапредува, бидејќи гледаме дека на запад има и други облици кои ги нудат банкарските институции. Кај нас банките се сеуште од универзален тип а веќе на запад велиме дека нудат и нови форми кои кај нас треба да се усовршуваат, а со самото тоа се врши порационална употреба и користење на вкупниот капитал, и на оние кои го поседуваат -граѓаните, и на депозитите -односно средствата што ги користат банките, зошто банките имаат улога на трансмитори -користат средства од населението и стопанството а пласирајќи ги обезбедуваат една развојна функција. Активни начини на штедење кои бараат од една страна повисоко учество на граѓаните во вкупната маса на средства, но од друга страна и банките нудат различни пакети на услуги. Тоа е таканаречено инвестициско банкарство коешто преку понудата на повеќе форми на услуги, рочност, камата, видови дава поинакви можности за користење на капиталот на граѓаните и со самото тоа корист имаат и банките и граѓаните. Поттикнувањето на штедење,се инвестициите во станбен простор за живеење со намалување на трошокот односно учеството во плаќањето на каматата партиципира и Владата, со самото тоа го поттикнува штедењето на граѓаните за да можат и со свои средства и со она што се нарекува партиципација од намалување на вредноста на каматата да можат да стигнат до свој стан. Значи и тоа е еден од мотивите за долгорочно штедење, значи ако зборуваме за видови на штедење.”-додава професорот Пејковски.
Стандардот и нивото на куповната моќ во Македонија е пониско во однос на другите земји, но кога ќе се споредат приходите, платите, цените и трошоците се прави една поинаква структура на трошењето. Во најголем обем приходите се трошат на основните потреби, храна, домување, трошоци за стан. Но, во зависност од целта, секој располага со својот доход на начин кој ги утврдува приоритетите ,зависно од нив каков тип на штедење односно издвојување ќе користи, или пак ќе партиципира во наменските кредити што ги даваат банките и со самото тоа ќе има пониска камата. Како полесно да се заштеди? Професорот Јован Пејковски, вели дека ова прашање е едноставно, а сепак тешко да се одговори. Само ако ги зголемат приходите и помалку да троши, според него, едно просечно семејство може да се обиде да заштеди. Но, додава, многу е тешко со ниски приходи помалку да се троши.
“По дефиниција, македонскиот граѓанин е научен на скромност, не се расфрла многу, нормално знае кога сака да си дозволи, но во основа таа потреба од манифестации, семејни веселби, свадби, крштевки, сунети и сл, го прави тогаш да не жали за пари. Тогаш дури и позајмува, ако треба и кредит ќе земе и како велиме, се наоѓа! Од друга страна има еден голем тек сивата економија, сеуште значаен дел од средствата се остваруваат преку таа сива економија и од таму не е се во банкарскиот сектор, како што би рекле вкупното трошење на пари и вкупните приходи, не е се она што се појавува во реалната сума на пари. Втора работа се дознаките. Голема сума се дознаките -милјарда и двесте до милјарда ипол евра, доаѓаат од приходи од наши граѓани кои работат во странство, така да по тој основ тие инвестираат додатен обем на средства-капитал кој пак влијае на тековите на трансакциите, на економијата. Зборуваме за различни извори-едно е приход, плата , пензија кај нас, коишто се реално пониски во однос на другите земји, а друго се овие додатни проходи што ги спомнав од разни извори и од странство”-завршува професорот Пејковски.
Денеска е светскиот ден на штедењето кој се одбележува безмалку деведесет години, од далечната 1924 година кога на првиот меѓународен ден на штедилниците во Милано,Италија токму 31 октомври е прогласен за меѓународен ден на штедењето, кој ја потсетува светската јавност на важноста на штедењето за развој на економијата и поединецот. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад